Чувајте ги вашите деца!

Дали во средно училиште сте излажале, за да го оправдате вчерашното отсуство, дека починала баба ви? Добро, ако не сте биле инфициран лажго, тогаш, сигурен сум, барем со еден професор(ка) сте биле на воена нога!? А зошто? Па едноставно, поради несимпатичност, поради несигурноста во тие тинејџ години, или поради бунтот и зовриената крв кај секој средношколец. Ваквите вибрации на почетокот од 80-те години Пинк Флојд ги претворија во химна која сите ние одвреме-навреме си ја потпевнуваме во себе: We don’t need no education… Teacher, leave a kids alone! Но, и покрај силната медиумска поддршка на албумот „Ѕид“, проследен со филм и светска турнеја, професорите не се променија. Тие и понатаму останаа оние истите студени, професионални и заљубени во правото токму тие, со една бројка, да го оценат знаењето на учениците. Што значи тоа? Можеби таквите потреби кај нив ги наметнала некоја друга, непозната интелигенција, надвор од планетава?

Толку далеку во размислувањата отидоа режисерот Роберт Родригез, еден од претставниците на новиот холивудски бран, и сценаристот-експерт за слатки хорор приказни, Кевин Вилијамсон. Кога продуцентката Елизабет Авелан го прочитала текстот за „Гимназија“, веднаш одлучила да ги спои овие двајца, со хорор задоени „монструми“. Вилијамсон во 90-те ги потпиша успешните „Врисок“ и „Врисок 2“ во режија на Вес Крејвен, додека Родригез е засебна приказна. Тој ги напуштил студиите по режија на универзитетот во Остин, се пријавил како заморче во локалната болница, земал седум илјади долари, и со додатна помош од пријателите го сними првенецот „El Mariachi“, со што го оствари американскиот сон. Во филмот, жанровски неодреден, супер-луда е новата имагинација и прекрасните зафрканции со камерата што Родригез си дозволува да го поведат. Токму инфантилната храброст му ги отвора вратите на холивудските студија, каде го снима продолжението „Десперадо“, со потентната шпанска ѕвезда Антонио Бандерас. Уште поважно, со своја приказна учествува во манифестот на Новиот бран, филмот „Четири соби“ (1995), каде го запознава Тарантино со кого подоцна го снимаат „Од самрак до зори“ (1997), кој ги изнесе на виделина неговите афинитети кон хорор жанрот.

Еден повлечен дечко, рагбист, био-експериментатор, убавица, црна дама и „алапача“ е групата неинфицирани средношколци кои сосема случајно откриваат дека нивните професори се вонземјани. За 24 часа целиот град почнува да се инфицира и да ги гони „чистите“ за да станат и да размислуваат како нив. Тоа, на кратко, би била приказната во „Гимназија“, актуелниот хит на Родригез. Искрено, мислев дека албино змиите и кафеаната наменета за „пуси лаверс“ се дел од откачениот мозочен лавиринт на Квентин, но овој филм го покажува спротивното. Во времиња кога му треба потполна афирмација, Родригез снима ваков филм не навлегувајќи жанровски многу длабоко, но докажувајќи дека хорор-креатурите се дел и од неговите налудничави соништа. А во нив можеме да ги препознаеме: де палма со принцезата на матурската вечер („Кери“, 1976), превртувањето на глава на приказната и претворање во посвета на „Инвазија на телокрадци“ (Зигел 1056, Кауфман 1978, Ферара 1993), за на крајот да го препознаеме и да уживаме во цитате на кралот на хоророт од 80-те, Џон Карпентер, и неговите авантури на јужниот пол со „Суштество“ (1986). За оние што подзаборавиле, многу симпатично изгледа главата-пајак на училишниот тренер, а Родригез не знае дека на нашите ТВ-станици овој класик игра најмалку три пати месечно и стана премногу банален во шокантноста. Сепак, „Гимназија“ е забавен до крајност и за вистинските љубители на хоророт кои во доцните часови се хранат со „телевизиска крв“, и за скептичните манијаци кои секогаш се прашуваат „Е-ееее, е како може сега ова, м… му е…!“

„А што ако Спилберг, Лукас, Емерих, Зоненфилд… навистина доаѓаат од друга планета, а нивната мисија на Земјата е да прават ес-еф филмови со цел да не’ подготват за првиот контакт!?“, вели Кејси (Илајџа Вуд) во филмот. Па да, можеби Родригез со овој филм сака да се приклучи на тајфата „режисери-вонземјани“, но тој со неговите претходни остварувања наметна сосема поинаква слика за себе, и колку и да сака да изгледа сериозно, сепак, трагикомичното секогаш ќе преовладува во она што тој наумил да ни го каже. Затоа жанрот „хорор“ при определување на припадноста на „Гимназија“ е малку дискутабилен. Од сензибилитетот не се бега.

Највеже ме радува тоа што по гледањето на овој филм, освен суптилните посвети на мајсторите на хорор-жанрот, ми се разјасни и една битна работа што ме мачеше претходниве денови: македонскиот Министер за образование, Ненад Новковски, со неговиот првосептемвриски „религиозен“ гест, дефинитивно спаѓа во редот на „вонземјани-мекотели“. Затоа, чувајте ги вашите деца!

@Текстот е објавен во „Утрински весник“ на 10 септември 1999 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *