„Психо“ повторно меѓу нас

Квиз прашање: Како се вика филмот кој во 60-те години драстично ја промени перцепцијата на Холивуд кон хорор жанрот? Одговор: „Психо“ на Алфред Хичкок. Што да се каже после една ваква квалификација, освен, „се случи и тоа“. Да, се случи римејкот на најдобриот меѓу најдобрите, „Психо“, филм кој за оригиналниот автор значеше врв во неговата кариера (иако Хичкок и потоа направи маестрални дела како „Птици“ и „Лудило“), но за режисерот ван Сант, кој по четири децении се обиде да ја врати опсесивноста на Бејтс мотелот на филмското платно, дефинитивно претставува филм за расчистување со еден успешен период зад и започнување на нов пред себе.

Гас ван Сант е еден од оние режисери со „заштитен знак“, односно, филмаџија со препознатлив бекграунд и одбрана филмска публика. Со филм почнува да се занимава на почетокот на 80-те, кога сними неколку експериментални филмови со карактеристичен црн хумор (Five ways to kill yourself) и персонална медитација (Thanksgiving prayer). Откако направи неколку радикални одлуки во својот живот, преселувајќи се во Портланд, тој целосно им се посветува на приказните кои отсекогаш сакал да ги филмува. Првиот долгометражен филм „Mala noche“ (1986) му ја носи наградата на критичарите на Л.А. за најдобар независен филм во 1987 година, а две годни подоцна го снима култниот „Drugstore cowboy“, филм-заштитник на една нова генерација млади луѓе без морални предрасуди што ги наметнува „демократското“ општество.

Во 1991 година следи и новиот бисер во кариерата на американскиот филмаџија, „My own private Idaho“, кој збуни многумина кои го оценија авторот како наследник на Бароуз-Ворхол филозофијата, несомнено неговите идоли. „Ајдахо“ со неговата лиричност и он-д-роуд поетика при градењето на карактерите многу повеќе потсетува на Шекспир и Достоевски, што го става ван Сант во првата лига на режисери кои на суптилен начин го пренесуваат книжевното богатство на големиот екран.

По малиот кикс со полупразниот „Even Cowgirls get the Blues“ (1993) и одличниот, но сепак различен по сензибилитет „To Die for“ (1995) со Никол Кидмен како зависничка од ТВ-славата, ван Сант конечно на голема врата влегува во мејнстримот на американската кинематографија, што ја круниса со номинација за Оскар за режија за филмот „Good Will Hunting“, според сценариото на дебитантите Мет Дејмон и Бен Афлек.

Но, интересот на ван Сант не се задржува само на филмското поле. Тој во меѓувреме режира и музички спотови („Under the bridge“ на RHCP во 1992 ги собра наградите на MTV), слика, пишува и фотографира, а највеќе ужива додека свири во својот портландски бенд Destroy all blondes. Затоа е несфатливо зошто, и покрај толкуте таленти, тој се согласи да сними римејк на безмалку совршен филм кој и ден-денес делува снажно и застрашувачки.

Ентони Перкинс како зрело фројдовско заморче, полнетите птици, хотелот со 12 соби, 12 пансиона, 12 туша… и на сето останато што на многу генерации им остана во главите како слики на потиснат страв и црно-бел ужас, ван Сант само му плисна боја, сива и неуверлива, и буквално ги преслика сликичките што Хичкок одамна ги имал во својата книга на снимање. Актерите Ен Хехт и Винс Вон се само исплашени „жртвени јагниња“ кои најверојатно со денови ја вртеле копијата на оригиналниот филм за што пуспешно да ги копираат карактерите на главните ликови во филмот. Но најмногу зачудува фактот што толку раскошниот талент на ван Сант си дозволува стерилност дури и при снимањето на легендарната сцена под тушот собрана во 45 секунди и 70 кадри, која е копирана до детаљ.

Сепак, „Психо 2“ не е само бледо копирање, бидејќи може да се сфати како буквална посвета на филмскиот гениј во последниве 100 години. И самиот Хичкок имал мали промашувања во кариерата, кога во потрага по добро сценарио, за да се одржи во форма, снимал театарски пиеси на филмска лента, од кои воопшто не бил задоволен. Затоа слободно може да се каже дека овие два режисера имаа неколку заеднички нешта. Кога би споил неколку нивни изјави во една која же ги карактеризира и обајцата, таа би звучела вака: „Претпоставувам дека ме интересираат социопатски луѓе уфрлени во големината на самиот живот, погледнато низ една хумористична призма“.

Снимањето на социопатолошките проблеми на луѓето во реалниот свет им донесоа успех и на обајцата. Хичкок од филм во филм не’ вовлекување во карактерните предизвици што понекогаш самиот ги компликуваше, за на крајот да не’ воведе до едно морално прочистување преку достигнување на највисокото ниво на т.н. „чист филм“, додека ван Сант низ целиот негов опус се обидува, без предрасуди, да ни ги доближи маргиналците и да ни покаже дека тие се прекрасни луѓе, без разлика на нивните аномалии предизвикани од општеството. Затоа, ако сакате повторно да го гледате „Психо“, сепак, одлучете се за оригиналот, а на ван Сант му простуваме доколку со следниот прект се врати на своите одамна зацртани филмски патеки преполни со возбудливи остварувања.

@Текстот е објавен во „Утрински весник“ на 28 септември 1999 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *