Крв, страст, љубов и солзи низ ноти

Животот на композиторите на сребрениот екран

Бурните и непредвидливи настани во животите на славните композитори отсекогаш биле во фокусот на филмските творци. Уште во дваесеттите години на минатиот век се забележани првите обиди за екранизација низ слика на овие биографски приказни, а со
појавата на звучниот филм, работата тргнува многу подобро и покреативно  

Мораше да се дочека крајот на Втората светска војна за да се сними првиот, навистина успешен филм за животот и делото на еден славен славен композитор, во случајов, за Фредерик Шопен. Случајот датира од далечната 1945 година, кога режисерот Чарлс Видор го сними „Песна за паметење“, што на актерот Корнел Вајлд му донел номинација за „Оскар“ поради одличната интерпретација на Шопен во секој поглед. Животот на Шопен и во следните децении е вистинска инспирација за филмаџиите. Љубовта на трагичниот и неразбран гениј со писателката Жорж Санд ни ја долови неговиот сонародник Анджеј Зулавски во „Сината нота“ (1991), а на иста линија е и филмот „Импромпту“ (1990), во кој Хју Грант е многу несреќен кастинг-избор за улогата на Шопен. Очигледно најзабележлив период од бивствувањето на композиторот е врската со Аурора Дипен (Санд) и токму затоа и во најпознатиот филм за него, „Шопен: Желба за љубов“ (2002) на режисерот Јержи Анчак, биографската приказна претежно е базирана врз страсната, но насилна љубовна врска меѓу двајцата почитувани уметници во тоа време, а во филмот неизбежен е и Франц Лист. 

Кога станува збор за филмови од оваа провиниенција што постигнаа голем комерцијален успех, неодминлива лектира се „Амадеус“ (1984) на Милош Форман и „Бесмртна љубов“ (1994) на Бернард Роуз. Чехот со американски пасош како предлошка го зема текстот на
бродвејската претстава на Питер Шефер и од него направи огромен филмски хит, со дури десет номинации за „Оскар“, од кои доби осум. Форман поради својот европски бекграунд сними прекрасно остварување во кое малиот-голем Моцарт ги доживува врвните моменти во својата кариера, и покрај сопките од наводниот пријател Салиери. Заразната насмевката на актерот Том Хулс и ден-денес ни одѕвонува во ушите.

Точно десет години подоцна на ред беше приказната за Бетовен, исто така одлично одигран од Британецот Гери Олдман. Иако „Бесмртна љубов“ не е оскаровски проект, сепак режисерот Шефер, како искусен детектив, маестрално ги разголува парчињата од животот на композиторот, чијшто хендикеп не го спречува и понатаму да создава генијална музика, но истовремено и лудо да љуби. Инаку, уште во 1936 година познатиот француски филмаџија Абел Ганс ја филмуваше биографијата на Лудвиг ван, во филмот едноставно насловен „Бетовен на Абел Ганс“, во кој приказната е фокусирана токму на периодот кога композиторот го губи слухот. Сосема ново читање на животот на германскиот виртуоз, пак, пред декада ипол ни подари полската авторка Агњешка Холанд со „Копирајќи го Бетовен“ (2006), во кој, интересно, Ед Харис неуморно ја компонира „Деветтата симфонија“, подготвувајќи се за нејзината триумфална премиера.

Најдоследен меѓу филмаџиите на оваа тема е контроверзниот Кен Расел, кој во седумдесеттите години на минатиот век сними композиторска трилогија што ги
воодушеви сите. Серијалот почна во 1971 година со филмот „Вљубени во музиката“, посвета на исклучително надарениот руски композитор Петар Илич Чајковски, игран од Ричард Чембрлејн. Филмот изобилува со многу музика, крв, страст и солзи, сето она што го сочинувало битието на композиторот, кој имал склоност кон бисексуализмот, поради кој постојано влегувал во разни ексцеси.

Три години подоцна, следува филмот „Малер“ (1974), во којшто актерот Роберт Пауел го толкува декадентниот австриски композитор, кој, како и неговите современици, имал чудни сексуални опсесии. Но, тоа не го спречувало да компонира прекрасна музика, што и Рихард Вагнер го фрлала во очај.

Истражувањето на темните одаи на композиторите Кен Расел го заокружува со фантастичниот „Листоманија“ (1975), во кој Роџер Далтри од рок-бендот „Ху“ го игра развратниот Франц Лист, што на музичарот му ги отвори и портите за главната улога во
најголемиот комерцијален успех на британскиот режисер, мјузиклот „Томи“ (1976).

И на крајот, неколку интересни остварувања поврзани со животот на славните италијански композитори. Интересно, повеќето од нив се потпишани од неиталијански режисери, иако најдобриот е дело на култниот Франко Зафирели. Се работи за „Младиот Тосканини“ (1988), во кој режисерот маестрално ни ги доловува раните денови на потентниот композитор, игран од Си Томас Хауел. Озлогласениот италијански композитор од 18 век, пак, беше целосен предизвик за Клаус Кински, кој го режираше и ја толкува главната ролја во „Паганини“ (1989). За разлика од него, британскиот режисер Тони Палмер улогата на Џакомо Пучини во „Пучини“ (1984) му ја довери на искусниот Роберт Стивенс, кој не го изневери. Со Палмер и ќе ја заокружиме целината, бидејќи овој режисер, исто како и Кен Расел, е вљубеник во класичната музика, па освен за Пучини, го сними и „Вагнер“ (1984), во кој сер Ричард Бартон брилира во улогата омилениот композитор на нацистите.

(Текстот е објавен во книгата „Филмски град“)

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *