Од Мелиес до Кјубрик, од Месечината до Јупитер и назад…

Историја на филмскиот жанр – НАУЧНА ФАНТАСТИКА

Иако филмаџиите на остварувањата од „вестерн“ и „мјузикл“ жанрот, во текот на филмската историја си поигруваа со филмската форма за да привлечат колку што е можно поголема публика во кино-салите, сепак тие не успеаја да се здобијат со голема група фанови која „до смрт“ ќе биде вљубена во приказните што ги раскажуваат овие филмови. Тоа дефинитивно им успеа на авторите кои ни ги подарија најубавите приказни во жанрот „научна фантастика“

Жанрот научна фантастика е еден од најстарите, но и еден од најтешките за дефинирање, бидејќи линијата помеѓу него и другите филмски жанрови е многу тенка и проѕирна. Но, вистинските почитувачи на овој жанр би рекле дека оваа теза ја пласираат „злобниците“, затоа што работата е, навидум, чиста и јасна, бидејќи одамна се знае што треба да кажат научно-фантастичните филмови и што сакаат да постигнат со тоа. А тоа е прикажувањето на анксиозноста на општеството кон технологијата, нашата одговорност при нејзиното контролирање, како и нејзиниот потенцијал да нè уништи, ако сака да го направи тоа. Доколку, пак, сакаме да ја прошириме темата, би наишле, да речеме, на теоретичарката на филмската уметност Маргарет Тарат, која психоаналитичкиот концепт на Зигмунд Фројд го применува во филмовите од овој жанр, како „Заборавената планета“ (1956) и „Суштеството од друг свет“ (1951), пишувајќи дека главната драматизација во овие дела, борбата на индивидуалецот со суштествата од другите светови е всушност борба на субјектот со своите потиснати сексуални желби. Нејзината колешка Џин Лот, пак, на чудовиштата од вселената гледа како на олицетворенија на женските сексуални фантазии кон мажите. Но, добро…

Сè почна од шармантно едноставниот филм на почетокот од 20 век на режисерот Жорж Мелиес, „Патување на Месечината“ (1901), кој во својот пионерски обид на големото платно ја пренесе вчудовидената и воодушевена публика на површината на Месечината. Со тоа, релативно рано, само неколку години по откривањето на новиот медиум, подоцна дефиниран како „седма уметност“, на авторите кои сакаа да се занимаваат со подвижните слики им откри дека технологијата и нејзината правилна употреба може да биде многу забавна.

Меѓутоа, само малку подоцна, Првата светска војна го откри нејзиниот деструктивен потенцијал, така што сега човештвото со внимание пристапуваше кон прашањето за неговата продуктивна улога во високоиндустријализираното општество, што неминовно тропаше на вратата. Ваквите стравови се рефлектираа врз немиот класик на Фриц Ланг, „Метрополис“ (1926), вистински револуционерен научно-фантастичен филм за тоа време, во кој по првпат на филмската лента се појавува робот. Една декада подоцна, „Нештата што доаѓаат“ на режисерот Вилијам Камерон Мензес беше англиски одговор на Ланговиот филм, третирајќи ги истите прашања и стравови, не нудејќи одговор на нив.

Продукцијата на научно-фантастични филмови достигна рекордно ниво во педесеттите години на минатиот век, благодарение на зголеменото ниво на параноја од штотуку почнатата Студена војна помеѓу Истокот и Западот, потоа зачестената појава на НЛО над човечките глави, но и на зголемениот интерес за вселенски патувања, предизвикан од реалниот напредок на ракетната технологија. Од овој период би ги издвоиле класиците
„Денот кога Земјата запре“, „Војна на световите“, со римејк пред неколку години во режија на Стивен Спилберг, и „црвената“ алегорија „Инвазија на Телокрадците“ со дури два римејка подоцна, во 1978 и во 1994 година. Интересно е тоа што, како и во претходно формираните и постојни жанрови, така и во овој филмаџиите ги експлоатираа последните технолошки достигнувања за да ја исплашат, изненадат или воодушеват нивната публика: „Доаѓа од друга планета“ користеше 3Д-вајдскрин и стерео-звук, „Заборавена планета“ беше сниман во Синемаскоп и во боја, а режисерот Дон Зигел на „Инвазија на Телокрадците“ му даде клаустрофобичен изглед, снимајќи го филмот во суперскоп-техника, што изобилува со „сенки-ефекти“.

Меѓутоа, веројатно ништо не може да се спореди со инспирирачкиот оскаровски спектакл на Стенли Кјубрик, „2001: Одисеја во вселената“. Во автентичната и ненадмината класика од 1968 година, која режисерот и сценаристички ја потпиша во соработка со писателот Артур Кларк, по првпат се користени специјални компјутерски ефекти што ги поместија границите на кинематографијата и на еден поетичен и медитативен начин, раскажувајќи ја приказната за можноста за идно патување во длабочините на галаксијата (всушност, патувањето внатре, во себе), на виртуелен начин го реобновија научнофантастичниот жанр, давајќи му респектабилност и кредибилитет дури и кај „злобниците“ споменати на
почетокот од текстов.

Три години подоцна на сцената отаде океанот се појави ново, младо режисерско име, што, пак, на жанрот му даде сосема поинаков правец. Џорџ Лукас во 1971 година на светот му го подари дистопискиот трилер „Ти-ЕјџИкс-1138“, кој збуни многумина, бидејќи истата декада, седумдесеттите години на минатиот век, истиот автор ја заврши со модерен блокбастер, вселенската бајка, подоцна трилогија, а денес веќе повеќеделна сапуница, „Војна на ѕвездите“. Овој огромен хит на публиката од 7 до 77 години ѝ понуди сосема поинакви чувства, како посветеност, гордост и чесност, по првпат во филмската
историја, правејќи ја да се чувствува комфорно и пријатно додека во темната кино-сала гледа научно-фантастичен филм.

Во осумдесеттите години на сцена стапи веќе споменатиот Спилберг, кој ги „измисли“ пријателски настроените вонземјани. Доказ за тоа се „И-Ти Вонземјанинот“ и „Блиски средби од трет вид“, што само ја зацементираа позицијата на жанрот. Сепак, оваа декада ни донесе и малку поинакво поимање на жанрот, преку „лудиот“ филм „Мува“ на режисерот Дејвид Кроненберг, потоа серијалот „Вонземјанин“, што доживеа дури четири продолженија, и секако, уште еден маркантен научно-фантастичен филм во комбинација со ноар естетиката, кој, на изненадување на сите, се случува тука долу, на Земјата.
Се работи за „Истребувач“ на режисерот Ридли Скот, чијашто екранизација на новелата „Дали роботите сонуваат електрични овци“ на Филип К. Дик остави многумина без здив, создавајќи вистинска критична маса на обожаватели на ова остварување, чијашто посветеност се граничи со фанатизам.

https://www.youtube.com/watch?v=nPQ7om598OM

Последната декада од минатиот век не донесе ништо значајно на полето на научната фантастика, бидејќи новите дигитални ефекти се користеа за да се создаде спектакл, а не вистински филм со сите нишани. „Паркот Јура“, „Ѕвездениот одред“ и „Денот на независноста“ ја потврдуваат оваа тажна теза. Вредни за споменување се само ироничниот обид на режисерот Тим Бартон да го искористи жанрот за да ја создаде прекрасната пародија „Марс напаѓа“, како едно романтично навраќање на научната фантастика од педесеттите, што ќе ве насмее до солзи, потоа одличниот „Гатака“ на режисерот Ендрју Никол, со еден нов, свеж поглед кон технологизираната иднина во која генетиката навистина има значајна улога и, секако, првиот дел од трилогијата „Матрица“ на браќата Вачовски, чиишто филозофско-убедливи постулати за момент го освежија жанрот.

Во новиот милениум, како значајна временска и психолошка пресвртница во опстојувањето на човечката цивилизација, за жал, сведоци сме на создавање на филмски клонови, што не сакам ниту да помислам дека се единствената иднина на научно-фантастичниот жанр. Освен десетината лоши римејк-остварувања, сè уште добро не нè треснал некој нов сензибилитет во овој жанр, меѓутоа сите знаеме дека се работи за материја што никогаш нема да изумре, туку дека едноставно ќе мутира, да се надеваме, во позитивен правец. Или, како што на времето напиша почитуваната теоретичарка на медиумите, Сузан Сонтаг: „Научно-фантастичните филмови не се однесуваат на нaуката. Тие се однесуваат на катастрофите… и на необичните убавини што треба да ги пронајдеме во гневната овоземска и вселенска пустелија“.

(Текстот е објавен во книгата „Филмски град“)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *