Наградата „ФИПРЕСЦИ“ за филмот „Лисица под розева месечина“

Синоќа во Варшава, на затворањето на 23 издание на фестивалот „Millennium Docs against gravity“, беа доделени наградите за најдобрите документарни филмови. Во силна конкуренција од 12 актуелни остварувања, со колегите Силвија Шостак и Барт Арментано, како претставници на „ФИПРЕСЦИ“ жирито, едногласно решивме наградата од нашето здружение да му ја доделиме на документарниот филм „Лисица под розева месечина“ на тандемот Мердад Оскојеи и Сораја Акалаги. Во продолжение е нашето образложение за оваа одлука.

„Филмот кој вечерва го наградуваме нè потсетува на една од најважните функции на документарниот филм – неговата способност да одговори на актуелните прашања, истовремено поставувајќи тешки прашања терајќи не’ да размислиме за светот во кој живееме.

Во последниве месеци имаше многу дискусии за односот меѓу политиката и филмот. За време на гала-церемонијата на отворањето на фестивалот, уметничкиот директор нагласи дека документарното кино има целосно право да зборува за современите прашања, дури и ако некои одлучат да го протолкуваат ова како политичка изјава. Слично чувство беше изразено и на годинашниот Кански филмски фестивал, каде што претседателот на жирито Парк Чан-вук тврдеше дека филмската уметност не може да се одвои од политиката и современата реалност во која се создава филмот.

Наградениот филм „Лисица под розева месечина“ совршено се вклопува во оваа дебата. Не се срами од својот политички контекст, а во исто време никогаш не го губи од вид поединецот – неговите емоции, достоинството и правото да се бори за сопствениот живот. Токму во оваа комбинација лежи најголемата сила на филмот, станувајќи не само сведоштво за современата реалност, туку и простор за поттикнување на емпатијата и препознавањето на потребата од промена.

Ова е приказна што луѓето особено денес треба силно да ја слушнат – исто така и овде во Полска, во момент кога прашањето за бегалците останува една од клучните општествени и политички теми. Филмот нè потсетува дека зад дебатите, статистиката и насловите, секогаш стојат вистински луѓе и нивните животни искуства.

Ја доделуваме оваа награда за храброста, хуманизмот и извонредната моќ на кинематографскиот јазик, на филмот кој не само што го опишува светот, туку и навистина ни помага подобро да го разбереме“.