Кон „Манк“ на Дејвид Финчер

На неодамнешната церемонија каде беа соопштени номинациите за годинашниот Оскар, филмот „Манк“ на Дејвид Финчер фигурира во дури десет категории, вклучувајќи ги и оние најважните – за најдобар филм, режисер , актер, кинематографер, музика… На тој начин Финчер по трет пат доаѓа во можност да ја „лапне“ ценетата статуетка, по номинациите во 2009 и 2011 година за филмовите „The Social network“  и „The Curious case of Benjamin Button“.  

Да бидам искрен, гореспоменатите два филма не се дел од моите омилени Финчер-филмови, бидејќи сметам дека со нив на големо влезе во филмската индустрија, кокетирајќи со истата. Мојот „љубовен“ период со Финчер се 90-те години, кога со задоволство ги голтав неговите фантастични остварувања како „Seven“, „Alien 3“, „The Game“, а за „Fight club“ да не правиме муабет. Веќе од „Panic room“ во 2002 година интересот за неговите филмови почна да ми опаѓа поради горенаведената, „кокетирачка“ причина.

Токму од овој негов плоден авторски  период и датира сценариото за новиот филм „Манк“, кое го потпишува не самиот тој, туку, ни помалку ни повеќе – неговиот татко Џек Финчер. Единственото филмско сценарио на Џек во животот, по неуспешниот обид на Дејвид да најде продуценти уште додека татко му се’ уште бил жив (починал во 2003 година) конечно доаѓа до своја финализација две декади подоцна, како постхумна честитка кон родителот кој во пензионерските години создал ремек-дело од текст, истражувајќи ги односите внатре, во холивудскиот котел до детаљ и тоа во далечните 30-ти и 40-ти години, за сето тоа Дејвид да го реализира на супериорен начин.

Затоа и не зачудуваат десетте номинации на „Манк“, бидејќи Холивуд отсекогаш ги ценел делата кои отворено зборуваат за него, особено реминисценциите за „златното доба“ во кое индустријата за забава била најсилна и највлијателна во светот. Се сеќаваме на многу такви примери во минатото, кога ваквите остварувања нертетко добивале и по повеќе Оскари, затоа нема да биде изненадување доколку тоа  се случи и овој пат.  

Во 1940 година, Орсон Велс на 24-годишна возраст добил одврзани раце да сними филм за што сака, соработувајќи со кого сака, се’ со цел да му го покаже својот несомнен талент на светот, кој претходно медиумски го докажал со радио драмата за нападот на вонземјани врз планетата Земја, кој предизвикал општа паника меѓу Американците. Велс, игран од Том Бурк, таков каков што бил, самоуверен и дозирано арогантен онолку колку што треба (бидејќи сепак се работело за лактање во Холивуд), не размислувал многу-многу и за сценарист го избрал во моментот најценетиот меѓу многуте – г-нот Херман Манкевиц. И така започнала една од најлегендарните филмски приказни во историјата на седмата уметност, онаа за деби филмот „Граѓанинот Кејн“,  остварување кое најчесто се наоѓа на самиот врв на сите релевантни филмски листи, филм за кој може да читнете нешто повеќе и во текстот на следниот линк 😉

Снимен во црно-бела техника и реализиран во стил на стариот, добар холивудски шмек, „Манк“ ја има таа среќа истоимениот лик да го игра еден од најдобрите актери на неговата генерација, Гери Олдман. Фасцинацијата од неговите одиграни ликови на филмското платно во 90-те, исто како и онаа од филмовите на Финчер, е навистина незаборавна, сеќавајќи се и ден-денес на перформансите како Сид Вишс во „Сид и Ненси“, Зорг од „Петтиот елемент“,  Ли Харви Освалд во „ЏФК“, Дракула во „Дракула“, лудиот инспектор Стенсфилд во „Леон“, Лудвиг ван Бетовен во „Бесмртна љубов“… Но Олдман во меѓувреме подостарел, созреал, башка си доби и Оскар за најдобар актер во 2017 за улогата на Винстон Черчил во „Најтемниот час“, и претставува совршен избор за отелотворување на лик како Манкевиц, чиј животен стил и начин на работа и размислување од него направиле неизоставен дел од холивудското братство во средината од минатиот век. Олдман го игра Манкевиц со таква леснотија, што веднаш му верувате на ликот, а тоа е најважниот елемент за понатамошното следење на филмот.

„Манк“ на филмофилите им го нуди сето она што тие можеби некогаш посакале да го дознаат. Имено, сценариото на Џек Финчер е толку прецизно, што влегува во сржта на меѓучовечките односи меѓу сценаристите, режисерите, актерките-старлети, и секако, газдите на тогашните моќни студија „МГМ“ и „Парамаунт“, кои работеле во спрега со медиумските могули. Манкевиц бил еден од најплатените сценаристи во тоа време, но го красела и една друга доблест – секогаш го кажувал отворено она што го мислел. Затоа оние над него го сакале во нивно друштво, за да го слушнат она што никогаш нема да го чујат од „обичните смртници“.

Овој возбудлив материјал кој Дејвид Финчер одлично го вози во текот на два и кусур часа ни открива многу нешта, особено доколку го знаеме контекстот во кој се случуваат работите. Имено, се работи за 30-те и 40-те години од минатиот век, кога светот го тресе големата економска криза, Хитлер доаѓа на власт во Германија, а набргу потоа следи и разурнувачката Втора светска војна. Холивуд се’ уште нуди лимонади за забава на светската популација, но Манкевиц, на покана на Велс, чувствува дека е доволно зрел (има 43 години) за да го напише текстот на својот живот. За таа цел, тој се осамува на еден ранч, и со помош на екипата која го опкружува (тој е во гипс по една сообраќајка) на крајот успева во зададениот рок од два месеци (Орсон е непопустлив, постојано му се јавува за да го провери) да напише сценарио за филм кое Велс потоа ќе го преточи во филмска историја.

„Манк“ нуди неверојатно многу слоеви за размислување. Веќе споменатите меѓуколегијални релации се надополнети со политички интриги (на раскошните забави неретко се коментира растежот на Хитлер и нереагирањето на Американците, за кон крајот на филмот Манкевиц отворено да застане на страната на социјалистот-кандидат за Претседател на САД, наспроти неговата компанија која го поддржува Републиканецот, кој на крајот и ќе победи), но вредни за споменување и проследување се и филмските вињети од кои учиме работи поврзани со култниот фим „Граѓанинот Кејн“, како тоа дека Велс воопшто не знаел дека Манкевиц пишува сценарио за медиумскиот могул Вилијам Рандолф Хирст (игран од Чарлс Денс), но и за вистинското значење на мистериозното  „Rosebud“. И сето тоа напишано и претставено со супериорни дијалози и реплики од кои застанува здивот!

„Граѓанинот Кејн“, како и „Манк“, имал десет  номинации за Оскар, а добил само еден – оној за сценарио, кој рамноправно го поделиле Манкевиц и Велс. На прашањето што му порачува на Манкевиц за добивањето на статуетката, Велс од Буенос Аирес, каде во моментот снимал филм, им вели на новинарите: „Tell him He can kiss my – Half!“. Манкевиц, пак, на прашањето зошто и Орсон е потписник на сценариото, кога сите знаат дека тоа е негово ремек-дело, тој низ насмевка вели: „That’s the magic of movies!“ Токму така, за танц секогаш се потребни – двајца!  Тандемите Велс-Макнкевиц и Финчер-Олдман се најдобар доказ за тоа.  

Гледајте го „Манк“, сигурен сум дека ќе ве фасцинира од многу аспекти.   

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *