Доколку во последниве месеци сте приклучени на една од мрежите за комуникација на Интернет, стопроцентна е веројатноста дека нема да го избегнете прашањето: го гледаше ли „Матрикс“? Со тоа, и покрај падот на Берлинскиот ѕид, луѓето повторно се поделени на две страни: оние што не го гледале и оние што го гледале филмот. Слично како и поделбата на световите во самиот филм на: 1) Матрикс – или симулација на реалниот свет што го гледаме и уживаме насекаде околу нас, и 2) вистинската состојба на нештата, односно, светот од другата страна, светот без правила и пороци, во кој луѓето живеат слободно. вака поставените тези наведуваат на фактот дека најверојатно се работи за генерациски култен филм, но само доколку критериумите што владеат во изминатите век и кусур филмска историја малку опаднале, или напротив, драстично се изостриле. Одберете која пилула од овие две ја посакувате.
„Матрикс“, дефинитивно, е многу кул филм. Кога едно вакво сценарио ќе се појави во Холивуд, доколку продуцентите намирисаат профит, и покрај тоа што се работи за нови и непознати сценаристи и режисери (Енди и Лери Вачовски), сепак, пресудна е нивната „навлеченост“ и воодушевеност од новата технологија на правење филмови, која на крајот гарантира спектакл, толку омилениот збор на Американците. Иако не помина добро на кино-благајните како „Матрикс“, сепак насетувам релација со филмот на Роберт Лонго од 1994 година, „Џони Мнемоник“, снимен според прекрасната приказна на царот на кибер-панкот Вилијам Гибсон. И во обата филма ултра-модерниот Кијану Ривс е мастермајндот кој се обидува паралелно да егзистира и во реалниот и во виртуелниот свет, станувајќи фигура за идентификација на милиони хакери ширум светот, кои со денови бараат скриена смисла во микро-чиповите. Сличностите продолжуваат и во другиот носител на дејствието. Ако во „Мнемоник“ тоа беше раперот Ајс-Т, овде е Лоренс Фишбурн, кој за разлика од претходните негови остварувања, овде доживува вистинска позитивна трансформација и делува убедливо, да не речам антологиски.
„Матрикс“ е вртоглавица, или кибер-Хичкок: скокање од сон во стварност, повторно враќање назад низ турбуленции во кибер-просторот, малку медитација и многу Џиуџицу, брканица низ паралелните светови, сето тоа со одлични ефекти од кои застанува здивот. Напнатоста низ целиот филм е главен адут на режисерот, кој смело ги брише границите меѓу виртуелната и вистинската стварност со современите алхемиски елементи – компјутерите. Затоа, филмот треба да се гледа на големото платно за де се доживее што поинтензивно, иако и видеото со ТВ-то како взаемно поврзан систем идеално се совпаѓа со филозофијата на филмот, вклучувајќи го собниот гледач во светот на матриксот).
Дефинитивниот датум на повторното доаѓање на Месијата најверојатно е промашен за многу години, затоа Спасителот во „Матрикс“ е олицетворен во Нио, кој, иако не според Далај Лама принципот, е одбран да ги спаси луѓето од мизеријата на секојдневието и трчањето по зелените банкноти. Главата на постмодерниот месија може само за момент да се наполни со разни фајлови при што тој станува супериорен каубој, издржувајќи го притисокот на сонот, кој може да биде и вистинит. Ваквите мистификации насочуваат кон тоа дека во еден филм, пред се’, треба да се ужива, а перфектната визуелизација во филмот на тандемот Вачовски го постигнува токму тој ефект. И повторно прашањето: сте го гледале ли „Матрикс“?
@Текстот е објавен во „Утрински весник“ на 12 август 1999 година.