Прашки музеј на пивото

Недалеку од Стариот град во Прага, на 10-тина минути одење од Карловиот мост, се наоѓа симпатичниот музеј посветен на драгоцената златна течност, кој, всушност, е еден од многуте музеи посветени на пивото кои можете да ги посетите не само во главниот град на Чешка, туку и низ целата држава. Едноставно, еден од првите синоними поврзани со оваа централноевропска земја секогаш е квалитетното пиво, надалеку познато низ целиот свет.

Шетајќи низ тесните улички на Прага низ кои пред еден век чекорел и великанот на чешката и европската книжевност Франц Кафка, писателот кој на вистински начин ја видел и опишал беспомошноста на современиот човек, стигнувате до една од скулптурите на славниот чешки уметник Давид Черни, распослани низ целата метропола. Но оваа се чини најсугестивна. „Висечкиот човек“ лебди над вас на еден клин и предизвикува стотици асоцијации. Дефинитивно не е сцена која би сакале да ја видите навечер, особено не по неколку пивца во себе.

Со „Висечкиот човек“ Черни ја доведува во прашање улогата на интелектуалецот во 20 век. Според едно од толкувањата, скулптурата го отсликува Зигмунд Фројд како се чини дека размислува за заслугите на животот додека виси со едната рака, размислувајќи дали да го заостри неговиот стисок или да го ослободи. Друго толкување, пак, вели дека скулптурата е омаж на човек кој го поминал животот проучувајќи фобии (и се занимавал со голем број свои, вклучително и смртта). Без оглед на нејзиното вистинско значење, оваа инсталација вреди да се погледне доколку ја посетите Прага.Таа дури го обиколи и светот, откако беше изложена во градови како Лондон, Берлин, Сеул, Чикаго и Гранд Рапидс, Мичиген.

На минутка –две од контроверзната скулптура се наоѓа пивскиот музеј сместен во подрумите на една стара прашка зграда. Но, најпрво низ една ниска врата влегувате во дворчето сместено меѓу зградите, кое функционира како летна бавча каде можеш да вкусиш одлично чешко точено пиво, а и да си купиш некое сувенирче за спомен.

Влезницата во музејот е со симболична цена, а вклучува и две кригли точено пиво, но тоа го оставате за крајот од посетата. Уште на влезот од музејот, натписот на ѕидот тематски ја одредува вашата тура – „Златната ера на чешкото производство на пиво“.

Интересно, подрумскиот дел е автентичен, односно, во тие поростории пред 100-150 години навистина се произведувало чешко пиво, а просторот функционирал и како пивница-гостилница во која Пражани и гостите од цела Европа се дружеле до рано наутро, доколку тоа било дозволено. Го пишувам ова затоа што една просторија од музејот е посветена на случувањата со пивницата за време на комунистичка Чешка, во втората половина од 20 век, кога таа работела малтене полулегално. Внатрешноста е автентична и ги содржи сите оние дрангулии карактеристични за 50-те и 60-те години од минатиот век, вклучувајќи ја и облеката на куклите зад шанкот.

Дел од музејската поставка содржи буриња и разни направи за производство на златната течност, а тука се и разните видови семиња како едукативен дел од целиот производен процес. Секако, впечатлив е и стариот бокал од 19 век, од кој се точело пивото во чашите на секојдневните гости.

Кога сме веќе кај чашите за конзумација, има разни видови на задоволства. Во неколку шкафчиња со стаклени прегради направен е преглед на разни видови изведби, од големи керамички бокали до најсофистицирани тенки чаши за пиење на пивото.

Во слични такви изложбени креденци се претставени и стотици, не само чешки, туку пива од целиот свет, и навистина беше интересно да се видат разни видови на шишиња и дизајн на нивните налепници, во зависност од географскиот простор и културата од која доаѓаат.

За колекционерите на колички, пак, возбудлива е поставката на која може да си видат разните возила за превоз на пивото низ децениите наназад, од камионети, преку модерните камиони, па се’ до специјализираните железнички вагони.

Односот кон пивото и неговото конзумирање за многумина е начин на живот, кој зад себе оставил наследство кое претставува култура на однесување и делување. Токму затоа посетата на еден ваков музеј во срцето на Чешка е убав начин да и’ се оддаде почит на драгоцената течност.

И крајот делото го краси. Пивото во дворчето, конзумирано седејќи крај пивските бочви, беше со одличен вкус, особено доколку ви се погоди и дружбата. Момакот задолжен за да се чувствувате пријатно знаеше за Македонија, со родителите бил во Охрид на одмор, па на муабетот му немаше крај. Наздравје 😉

@Prague, 2016

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *