Кога се наоѓате во пазувите на првиот главен град на Италија, неизбежно е да ги посетите знаменитостите во центарот на градот, како „Кралскиот музеј“ и Музејот и црквата на Светиот покров, но уште подобро е доколку нешто пријатно Ве изненади. Тоа ми се случи со сосема неочекуваното откривање на музејот посветен на планината во Торино, како прво искуство од ваков вид во животот. Веројатно низ светот постојат многу вакви тематски музеи посветени на убавините на нивните величества – планините, но еве, судбината сакаше за мене тоа да се случи токму на северот на Италија и токму во подножјето на величествените Алпи, кои гордо стојат на кровот од Европа.

Низ Торино тече реката По, како еден од најчесто употребуваните кратки поими во крстозборките. Хотелот во кој престојував беше недаелку од нејзиниот брег, и едно слободно прекрасно ноемвриско утро решив да прошетам во тој елитен дел од градот, кој на крајот завршува на ридот каде се наоѓа еден стар манастир и од каде се пружа прекрасен поглед врз градот и околината.



Сообраќајот е тивок и умерен, преминувам преку пешачкиот премин кај кружниот тек и доаѓам на мостот, на кој ме пречекуваат интересни графити. Впрочем, графитите отсекогаш имале ангажираност во себе.


Реката По тече низ разни градови како што се Торино, Пјаченца и Ферара. Поврзана е со Милано со мрежа од канали во чие осмислување учествувал и Леонардо да Винчи. При крајот на течението, По образува широко устие со стотици мали канали. На јужниот дел до устието се наоѓа местото Комакјо, познато по одгледувањето на јагули. Во водите во далечината гледам веслачи кои уште рано-рано фатиле да се рекреираат. Од десната страна на брегот го забележувам веслачкиот клуб формиран одамна, во 19 век.



Италијаните имаат долга традиција во многу работи, си велам, и се упатувам лека-полека да го искачувам благото брдо пред мене, каде се простира прекрасната населба со убави куќи и згради. По малку напор, успевам да се искачам на ридот од каде се простира прекрасен поглед врз Торино и Алпите.







Се’ уште е утро, околу 10 часот, и нема многу посетители. Пред мене е Моле „Антонелијана“, и градските водичи велат дека најубавиот поглед врз градот се пружа од две места: оттаму, и од местото на кое се наоѓам во моментот.






По неколкуте неизбежни селфија, се упатувам во внатрешноста на црквата за да видам што таа, како заштитник на градот од височина, им нуди на патниците-добронамерници.


Црквата „Santa Maria al Monte dei Cappuccini“ е црква од доцната ренесанса, наменета за монашкиот ред на Капуцините; изградбата започнала во 1583 година и била завршена во 1656 година. Оригиналниот дизајн бил на Асканио Витоци, но бил завршен од Џакомо Солдати.


Тешко оштетена од бомбардирањето во 1943 година за време на Втората светска војна, зградата била обновена во повоените години. Понатамошни поголеми реставрации на црквата и манастирот биле извршени во 1962 и 1983 година.


Во 1998 година биле поставени кружните сини неонски светла на Ребека Хорн наречени „Мали сини духови“, за да го осветлат врвот на ридот, илуминација која особено е атрактивна за време на божиќните празници.

И кога излегов надвор од црквата и фрлив поглед кон соседната зграда, се случи изненадувањето. Имено, поранешните простории наменети за монашкиот ред веќе век и половина функционираат како музеј посветен на планините, прилично популарен меѓу мештаните и туристите. Се разбира, како умерен љубител на планинските благодети, на радоста и’ немаше крај.




Националниот планиснки музеј „Duca degli Abruzzi “ нуди прекрасен панорамски поглед на широкиот дел од Алпите и врз градот Торино под него. Идејата за создавање музеј се појавила во далечната 1874 година меѓу првите членови на Италијанскиот алпски клуб (Club Alpino Italiano или C.A.I.), кој постоел во градот веќе една деценија. Денес, музејот организира широк спектар на активности на национално и меѓународно ниво, стремејќи се да биде културна врска што ги обединува, од сите различни аспекти, светските планински венци. Затоа треба да му се оддаде должна заслуга на музејот за тоа што знае како да се шири и постепено да ги подобрува своите хоризонти. Следи кратка хронологија на настаните што ги истакнуваат најважните фази во неговиот развој.



Во 1871 година, Црквата му ги отстапила на Градскиот совет на Торино просториите на поранешниот манастир „Капуцин“ на ридот од градот, вклучувајќи ги зградите што ги користеле монасите, придружната црква и соседната околина. Три години подоцна, во 1874 година, градскиот совет се согласил со предлогот на Италијанскиот алпски клуб за инсталирање на „Ведета Алпина“ или алпски набљудувачки пункт, како и опсерваторија која се состои од едноставен павилјон и мобилен телескоп. Оваа замисла била отворена за јавноста на 9 август 1874 година, за време на осмиот Италијански алпски конгрес. Просториите за Музејот и средствата за нивно уредување биле дадени на филијалата на Клубот во Торино дури во 1877 година. По овој датум, набљудувачкиот пункт бил преместен во зградата, а во наредните години биле додадени дополнителни простории.

На пример, на 30 август 1885 година, по повод уште еден алпски конгрес, официјално била отворена големата просторија посветена на фотографските колекции и локалните занаетчиски дела. На 26 јуни 1888 година била завршена и отворена првата просторија во која биле сместени научните колекции. Десет години подоцна (1898) овие простории биле дополнително збогатени со алпска панорама и диорама од ист тип, кои биле соодветно поставени во просториите на приземјето и првиот кат. Во 1901 година, пак, принцот Луиџи од Савоја, војвода од Абруци и почесен претседател на локалниот огранок, донирал одбрани предмети и опрема што се користеле за време на неговата експедиција на Северниот Пол.

Колекциите во музејот дополнително биле збогатени од Меѓународната изложба одржана во Торино во 1911 година, а во 1918 година бил направен попрецизен распоред на сите простории. Од тој датум имало две големи сали на приземјето, горна соба и терасата на набљудувачката станица со телескопот. Иако постојано отворени за јавноста, оттогаш малку се вложувалчо во музејот, сè додека конечно не бил затворен во 1935 година поради несоодветноста на зградата.

Биле потребни огромни суми за архитектонско реновирање на зградата, како и на нејзиниот ентериер, со што, според замислите, површината на Музејот би се зголемила за трипати. По неколку години одложување и тешкотии, прашањето за повторно отворање на Музејот било преиспитано во 1939 година, а една година подоцна, на 6 февруари 1940 година, градежните работи биле доделени на друг изведувач. Музејот бил повторно отворен во екот на Втората светска војна, на 19 јули 1942 година. За жал, новиот Музеј сериозно го оштетиле набргу потоа. На 8 август 1943 година бил погоден од бомби што паѓале во близина, кои ги уништиле покривот, вратите, прозорците и преградните ѕидови. После ова, дел од експонатите биле преместени во просториите подолу и преуредени, но и покрај претрпената штета, музејот успеал да се отвори следната година.

Во текот на 1950-тите, музејот повторно претрпел преуредување, кога во 1966 година, по спроведената анкета, советот на торинската филијала на Алпскиот клуб одлучил да ги сруши сите изложбени објекти на музејот со цел целосно да ги обнови просториите и да подготви нов изложбен кат. Скромен придонес за првата работа бил добиен дури кон крајот на 1970 година од Ротари клубот од Торино; ова довело до поширока поддршка од јавните тела и спонзорства на градот (меѓу нив, мора да се напоменат Градот и покраината Торино, регионалната влада на Пиемонт и разни банкарски институции).

На 13 јули 1978 година, реновираните простории на приземјето биле во фокусот и на властите и на медиумите. На 21 март 1981 година бил отворен целосно реновираниот музеј. Во текот на 1980-та година тој добива и меѓународна репутација со организирање на интернационални изложби. Во 1998 година, градот Торино ги завршил работите околу центарот за состаноци, кој содржи различни наменски сали, а бил обновен и пуштен во функција и новиот кафе-ресторан во приземјето.

На прагот на 2000 година било одлучено повторно да се обнови изложбениот простор. Уште еднаш, програмата за целосна реорганизација на музејот за овој простор била поддржана од разни институции. Сите катови биле поврзани со лифт, вклучувајќи ја и точката за набљудување, на која била додадена надворешна панорамска тераса. Тука завршува новата рута за посетителите. Посетата на различните изложбени простории се развива како искачување меѓу планинските врвови што го опкружуваат градот Торино, претставувајќи ги темите како што се религиозните прашања, комуникацијата, туризмот и планинарењето, историјатот на италијанскиот алпски клуб, скијањето, зимските спортови и одржливиот развој. Искачувањето симболично завршува на терасата каде може со голо око да ги набљудуваме 400 километри долгите Алпи пред нас, како чудо на природата што воодушевува. Но, да одиме по ред.


Постојаната музејска поставка е составена од девет тематски целини. Првата е насловена „Од мистерија до цивилизација“, и таа нуди поглед кон минатото, во зората на цивилизацијата, кога планината предизвикувала стравопочит кај човекот, па се’ до „припитомувањето“ на истата за негови потреби, со фокус врз непресушните природни богатства што таа ги содржи.




















Втората музејска поставка носи наслов „Комуникации“. Луѓето отсекогаш сакале да се спојат со Другиот, оној од другата страна на погледот. Уште старите Римјани граделе патишта за да ги поврзат планините со долините, со што паралелно течел и развојот на цивилизацијата. Со градењето на различни начини за комуникација, следствено на тоа и со развојот на автомобилската индустрија, денес сме на завидно цивилизациско ниво, на што можат да ни позавидат другите, се’ уште неоткриени цивилизации во вселената 🙂



















Врвот „Рочамелоне“ бил искачен во 1358 година од Бонифацио Ротарио од Асти, но ова бил изолиран настан. Всушност, граѓаните ги откриле Алпите дури кон крајот на 18 век, водени од научните извештаи и од емоциите на романтичните духови. По Халер, Русо и првото искачување на Мон Блан (1786), средната класа од 19 век почнала да развива голем интерес за „прекрасните ужасии“ на Алпите, преминувајќи ги превоите, престојувајќи во првите хотели, ангажирајќи алпски водичи. Туризмот се родил заедно со планинарењето, а сето тоа е прикажано во третиот темат едноставно насловен „Туризам и планинарење“.














Посетата на првиот музејски кат се заокружува со потсетувањето на првиот организиран италијански алпски клуб во 19 век, кога немало поделба меѓу планинарската практика и научните истражувања. Кинтино Села, министерот за финансии на новосоздаденото Кралство Италија, се чувствувал подеднакво опуштено на карпите и во геолошките лаборатории, цртајќи карти и проучувајќи ја морфологијата на долините. „Врвовите прво требало да се разберат пред да се искачат“, велел тој. Овој дел изобилува со експонати кои датираат токму на активностите од тоа време.















Токму така, потсетувањето дека планините лекуваат не’ води на вториот кат, каде се претставени уште пет тематски секции. Вкупно петтата е насловена „Зимско планинарство“. Најекстремната граница е зимското планинарење, кое потекнува од искачувањето на „Uja di Mondrone“ во декември 1874 година со освојувањето од страна на Кастањери, Мартели и Вакароне. Искачувањето на планините во најнеповолната сезона значело кршење на последното табу на цивилизацијата во долината, која гледала на зимата како време за одмор. Тоа исто така значело и испробување нова опрема и нови техники, кои наскоро ќе послужат за истражувања и надвор од Европа.










Веројатно сосема логично им било на поставувачите на постојаната постановка во музејот токму во овој дел приказната да ја надоврзат со личните предмети на еден од незаборавните алпинисти во минатиот век, Валтер Бонати, се разбира, раскажувајќи ја неговата алпинистичка приказна и потфатите што ги направил низ различни медиуми.








Валтер Бонати (1930–2011) е единствен во историјата на планинарењето.
Секако, оваа констатација важи заради неговите неверојатни подвизи: од северната страна на „Grandes Jorasses“ искачен на само 19-годишна возраст, до неговото осамено зимско искачување на Матерхорн, заедно со „Grand Capucin“, „невозможниот“ Дру и експедициите на Каракорум и Андите.









Архивата на Валтер Бонати, донирана на Музејот во 2016 година од неговите наследници, е исто толку богата колку и неговите искуства: материјал за планинарење, белешки и ракописи чукани со машина, интервјуа и филмови, одликувања и документи, 60 години преписка и исечоци од печатот. И околу 110.000 фотографии. Невозможно е да се изложи такво богатство во целост: во овој простор, кураторите избрале дел од понудата, континуитетот што тече низ „двата живота“ на Бонати и неговата способност да нè вклучи и во обата.









А кога сме веќе кај овој италијански великан на планинарството, приказната не завршува тука. Имено, нешто подоцна, кога ќе го разгледам целиот музеј на првиот и вториот кат, со лифтот се симнав долу на -1, каде се просториите за привремените изложби. Токму таму беше во тек поставката посветена на авантурите на Валтер Бонати, меѓутоа претставени преку деветтата уметност. Низ многу стрип табли и исечоци од весници, посетителите уште еднаш можат да фрлат поглед на една голема човечка приказна која во текот на целиот 20 век освојувала врвови, и планински и човечки. Навистина фасцинантно, особено поради тоа што стрипот е таков медиум кој инстантно ги задоволува вашите сетила.












Дефинитивно, по уживањето и во оваа поставка, заклучив дека Валтер Бонати е италијанскиот Мистер Но 😉












Од авантуризмот на Бонати запакуван во стрип-обланда, музејската приказна не’ носи кон скијањето и зимските спортови. Седмата секција е посветена на скијањето кое не потекнува од рекреација, туку од потребата за движење по снегот за населението од северна Европа. Познато и практикувано на север стотици, можеби илјадници години претходно, скијањето пристигнало во Алпите дури кон крајот на 19 век, кога планинарите сфатиле дека може да биде корисно за искачување на планините во зима. Вистинската намена на скијањето била откриена во задоволството од спуштањето, станувајќи масовен спорт дури по Втората светска војна.









И секако, онаму каде што се зимските спортови, таму е и Зимската Олимпијада. Во 2006 година, по повод XX Зимски олимписки игри и IX Зимски параолимписки игри, Торино и неговите долини доживеаа момент на голема благодарност и беа во центарот на меѓународното внимание. „Планиснкиот музеј“ го зачувува сеќавањето на спортските настани и нивните протагонисти што толку силно го обележаа градот и околните планини и долини. Сеќавањата на тие денови денес се дел од постојаната поставка во секторот на Олимпискиот музеј, со автентични експонати од таа зимска олимписка смотра.






ОК, време е да тркнеме по планините надвор од Европа. Највистинито претставување на димензиите на Хималаите нуди источната страна на Монте Роса, која доминира над долината Макуњага и рамнината околу Новара. Но, дошол денот кога дури ни Монте Роса не бил доволен за да ги задоволи планинарите. Со големите истражувачи од почетокот на 20 век, започнало епското откривање на вистинските Хималаи и планините надвор од Европа. Неоспорен лидер бил Амедео од Савој, војводата од Абруци, кој ги истражувал Каракорум и Северниот Пол, а се искачил и на планините Свети Илија и Рувензори. За тоа време и со таа опрема, и повеќе од подвиг!











Се разбира, војводата не би бил ниту тогаш, ниту денес толку славен доколку со него не земал добар фотограф. Благодарение на одличниот Виторио Села кој ги забележал повеќето од неговите планински авантури, денес сведочиме за тие подвизи од крајот на 19 и почетокот на 20 век кои предизвикуваат восхит.






Пред самиот крај, музејот одделува простор за уште еден легендарен италијански планинар. Марио Пјаченца е роден во 1884 година во Полоне, во близина на Биела, недалеку од Торино, во семејство на индустријалци посветени на производството на волна од неколку генерации. Тој извршувал разни активности во областа на планинарењето, а бил и директор на Националниот планински музеј, позиција што ја имал до неговата смрт во 1957 година. Неговите активности поврзани со Алпите биле надалеку познати и престижни; тој посветил особено внимание на Матерхорн, каде што го остварил и првото искачување преку Креста Фирген.






Потоа Алпите на Пјаченца веќе не му биле доволни, и следејќи го примерот и поттикнат од неговиот братучед Виторио Села, тој наскоро бил привлечен од големите планини надвор од Европа. Во 1910 година организирал експедиција на Кавказ и во Персија; потоа, во 1913 година повел една група планинари и на Кашмирските Хималаи. Се вратил од ова патување со извонредна колекција на работи што се однесуваат на народот Ладак, исклучителен документ, бидејќи во тоа време регионот бил практично неистражен. Тој бил првиот што документирал етнографско истражување со помош на филмската уметност, но за жал, филмот е изгубен. Сепак, останале драгоценостите од тој регион што тој ги донел, а потоа и ги донирал за навек на Планинскиот музеј во Торино.

























И на крајот, после овој overdose од убавини, што да се прави освен човек да се качи на кровот од музејот и да ужива во уште поубавата глетка на Торино, Алпите и регионот, од онаа што ја нуди дворот на манастриот. За жал, не можев да запалам цигара за да го удвојам задоволството, но и вака не е лошо. Кога веќе не можам да ги посетам планините кои се насекаде наоколу, тогаш барем да уживам на кровот од музејот гледајќи и уживајќи во нив. Со следните фотографии ви го пренесувам тоа задоволство, кое на овој начин станува заедничко.













И сосема на крајот, се надевам дека ви се допадна оваа богата репортажа со информации и фотографии, и, да се пошегувам, поздрав од „Малиот принц“ до следното читање 🙂

Да, да, го уловив на кровот, тој беше 😉
