Едно од највпечатливите остварувања прикажани на 11 издание на СФФ дефинитивно беше „Ноќна стража“ на култниот британски режисер Питер Гринавеј. Стариот пријател на фестивалот пред неколку години во Скопје, преку одлично предавање во кое филмот го прогласи за мртов, ја најави својата нова, постмодерна фаза на дејствување, која тогаш ја заокружи со проекцијата на триделниот филм „Куферите на Тулс Лупер“. За среќа, по тој експеримент, Гринавеј се враќа на своја територија, снимајќи филм во кој, како и во неговите претходни остварувања од 80-те и 90-те години, на суптилен начин ги поврзува моќните визуелни уметности – сликарството и филмот. Впрочем, тоа воопшто и не зачудува, затоа што Гринавеј по вокација е сликар кој паралелно снима филмови и поставува изложби во најпрестижните музеи и галерии низ светот.
Во биографскиот проект „Ноќна стража“ режисерот го истражува животот на холандскиот сликар од Златното доба, Рембрант, земајќи ја како основа неговата славна истоимена слика од 1462 година, фрлајќи сосема нова перспектива врз фактите од животот на уметникот. Користејќи го својот препознатлив филмски јазик, низ динамичен ритам поддржан од препознатливата музика, Гринавеј создава комплексно дело во кое сцените и протагонистите се во постојано движење, притоа менувајќи се. Истовремено, паралелно го следи и менувањето на политичките, социјалните, културните, и воопшто, општествените прилики во холандската монархија од 17 век, кои не можат да се погледнат надвор од контекстот на животот и делото на сликарот, бидејќи тој истовремено бил и хроничар и критичар на своето време. Токму овој момент, како и одличната фотографија во филмот, во која со играта на светлото и сенките во потполност се доловува занаетот и перфекционизмот на Рембрант, го прават новиот филм на Гринавеј чисто ремек-дело.
„Ноќна стража“ својата светска премиера ја доживеа на филмскиот фестивал во Торонто, потоа следеше проекција во Венеција, па на фестиавалот во Палм Спрингс. Всушност, филмовите на Гринавеј и вообичаено се фестивалски и многу ретко се прикажуваат на редовниот кино репертоар, за на крајот да завршат како добар материјал за проекции во кинотеките и музеите низ светот. Таквата „убава“ судбина е неизбежна и за ова негово ново остварување, бидејќи домот на Рембрант веќе одамна се музејските институции, само што Гринавеј само за момент го фрли на мегдан во друг медиум, во кој одлично се снајде. Мајсторите секогаш остануваат мајстори!
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 6 мај 2008 година.