„Ноември е книжуле што мириса на љубов, во секоја нејзина форма и проформа, со вкус и мирис на пита од тиква, печени костени, џем од кајсија… Иако има мешовита структура, на секоја страница и низ секој стих тлее отелотворувачка атмосфера. Ни дал, поетот дебитант на педесет плус, парче од себе, впрочем како би го потврдил својот авторски печат, ако не си ја разголи душата?!

Стилот на пишување е ненаметлив, а скокотлив, до толку што за првпат посакав да читам поезија во движење, еден ноемвриски ден, сончев како во најтопло лето, низ белите дробови на мојата родна грутка. Пешачејќи низ шумата, секое издишување ми траеше колку еден стих. Во позадина во хор шумеа елите. Умерена доза меланхолија изустуваа моите усни. Првпат не посакав да шепотам во шумата. Ноември мирисаше на слатко од фонетика. Домашно! Создадено од рацете на еден прозаист, кој можеби срамежливо, а сепак толку доминантно дефилираше на поетската сцена.
Ноември е меланхолична одисеја за шумата, морето, времето, таткото, мајката, метаморфозата… Вкусете ја, нема да зажалите! Ова е ‘проклетство’ на кое ќе посакате да му се навратите, секогаш кога ќе заталкате во меѓупросторот“.

Благодарност до Анита Перовска (Anii Palmarson) за ФБ статусот со нејзиниот прониклив прочит на стихозбирката „Ноември“, која ненаметливо си го наоѓа патот до читателите.
