Денес од печат излегува новата книга на Калина Малеска насловена „Облици на моќ во современата книжевност“. По збирката раскази “Мојот непријател Итар Пејо“ (2016) и книгата за деца „Арно ама“ (2018), ова е трета книга на Малеска во издание на ИЛИ-ИЛИ, овој пат како дел од истоимената есеистичка едиција.
Низ компаративна анализа на шест дела од современата литература: „Волшебникот“ од Џон Фаулс, „Деца на полноќта“ од Салман Ружди, „Кланица 5“ од Курт Вонегат, „Мојот Скендербеј“ од Драги Михајловски, „Мојата роднина Емилија“ од Влада Урошевиќ и „Она што беше небо“ од Владо Малески, авторката ги коментира облиците на моќ кои ги поседуваат ликовите во книжевноста и нивното влијание врз другите карактери, истовремено отворајќи и безброј други теми и релации поврзани со оваа.
„Наведените книжевни мислители сметаат дека литературата има своја структура независна од општествено-политичката реалност, дека читањето поезија или приватните меѓучовечки односи не се израз на политички став. Зошто ваквите гледишта се толку влијателни и широко распространети? Причината, барем делумно, се должи на тенденцијата за идеализирање на литературата; на неиздржаниот став дека може да постојат трајни вредности што не зависат ниту од времето во кое авторот творел ниту од местото каде што живеел; на стравот дека ако се признае дека книжевноста зависи од општествените околности, тогаш треба да се прифати дека не важат таканаречените „објективни“ критериуми за процена на едно книжевно дело“.
Калина Малеска е македонска писателка. Има објавено три збирки раскази: Недоразбирања (Македонска книга 1998), Именување на инсектот (Слово 2008) и Мојот непријател Итар Пејо (Или-Или 2016); романите Бруно и боите (Слово 2006) и Призраци со срмени нишки (Слово 2014); драмата Случка меѓу настани (Слово 2010) и книгата за деца Арно ама (Или-Или 2018).
Нејзини раскази и книжевни анализи се објавени во повеќе домашни и меѓународни списанија. Малеска предава утописка/дистописка литература и предмети од областа на англофонската книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Се занимава и со книжевен превод, а некои од делата што ги превела се: Она што беше небо на Владо Малески, Тристрам Шенди на Лоренс Стерн, Сестрите Макиока на Џуничиро Танизаки, Собрани раскази од Амброуз Бирс, Волшебникот од Оз од Л. Ф. Баум.