Објавувањето на актуелниот „Роман на годината 2020“ на Фондацијата „Славко Јаневски“ се случи на штандот на „Антолог“ на септемврискиот Саем на книгата, по чие завршување новото дело на Јанковски имаше приоритет меѓу многуте во мојата домашна библиотека кои требаше да се прочитаат. Првите импресии веднаш ги проследив до авторот преку мејл, а деновиве, по препрочитувањето на книгата, токму тој прв импулс преточен во текст го земав како основа за освртот кој следи, секако, надграден со нови забелешки.
„Скриени желби, немирни патувања“ е перфектно заокружување на неформалната трилогија на Јанковски, во која на Виктор и Ангела од „Вечно сегашно време“ и на Мила и Марко од „Невидливи љубови“, првите два негови романи, авторот овој пат ги надоврзува приказните на Бистра и Мартин, односно, на Павел и Сандра. Некој умен книжевник одамна напиша дека писателот во текот на целиот свој живот пишува само еден единствен роман. Кај Јанковски таа констатација може да се насети во метафорична смисла. Иако навидум сето тоа изгледа слично и веќе прочитано во претходните негови книги, тајната е скриена во финесите.
Имено, Јанковски третиот роман стилистички го довел до перфекција, а кон одамна зацртаната книжевна формула која ја негува и во неговите претходни дела, голем придонес има присутното разногласие, кое овој пат е проширено низ сите меридијани. Богатството од ликови и перцепции, кои претежно сакаат да ѕиркаат или да живеат други животи, служи како контратежа на скопските ликови, кои како емоционално да не се созреани и постојано се незадоволни од она што го имаат, иако егзистенцијално се одлично ситуирани. Онака како што се опишани, тие се слика и прилика на загубената генерација која е во потрага по нешто, но на патот дотаму ја губи смислата за целта кон која на почетокот тргнала.
Волфганг Изер вели дека „читателот му овозможува на текстот да ја открие својата потенцијална многузначност на врските. Овие врски се производ на читателскиот ум што го обработува необработениот материјал на текстот, иако тие врски сами по себе не се текст. Очигледно оваа взаемна игра не се случува во самиот текст, туку настанува преку процесот на читање. Овој процес формулира нешто што не е формулирано во текстот, а сепак ја претставува неговата „намера“. Односно, текстот го предвидува присуството на читателот, без нужно да го дефинира“.
Токму затоа, останатите вињети во романот се важни како своевиден контрапункт на главното дејствие, и меѓу нив има одлични парчиња кои можат да дишат и засебно. Кога би бирал, меѓу омилените ми се оние за трчањето на Пенка Галабова (Русе, Бугарија), приказната за сексот на Селена и Јержи во поглавјето Давид 7, Жулиет Орси од Париз, Франција, продавачката на тишина, Кристина Пападопулос од Лимасол, Кипар и приказната за пехарот и скитникот во Прага, како и онаа за Милица Филиповиќ од Цетиње, Црна гора, со писмата до љубовникот, и обидот на мажот и’ да го глуми Другиот за да им биде поубаво во бракот.
Веројатно меѓу читателите на романот-лауреат ќе има и такви кои ќе се запрашаат: „Чуму ни се сите тие приказни за луѓе од светот кои не ги ни познаваме, а кои и самиот писател не ги развива, туку само пластично ги опишува, како мали вињети за збогатување на текстот?“ Како да им фали уште една димензија, или пак, да се повикам на една филмска референца, како да недостасува „петтиот елемент“ меѓу нив!?
Но, секое „зошто“ си има и свое „затоа“. Писателот Јанковски конципираниот материјал го склопил во мозаична книжевна структура со цел да послужи како водед во она што следи – пресвртот во приказната за Бистра и Мартин, односно, Уроборос и Мана. Токму тие, приказните од сите светски меридијани се оние кои придонесуваат читателот на книгата да сфати дека животните премрежија на оние, нам поблиските, локалните, на Бистра-Мартин и на Павел-Сандра, се слични (или понекогаш и исти) како на било кој пар или поединец во светот, и обратно. На тој начин Јанковски на најдобар можен начин го интернационализира Скопје како дел од глобалното село, во кое се’ е можно, во зависност од читателската имагинација.
Славниот Томас С. Елиот во една прилика потенцирал: „Единствен начин да се изразат емоциите во форма на уметност е да се најде „објективен корелат“, односно, мноштво предмети, ситуации и тек на настани кои ќе бидат формула на таа конкретна емоција“. Имам чувство дека актуелниот роман-лауреат, чиј сензибилитет се движи на работ од херметичното, можеби нема да наиде на прием кај пошироката читателска публика, но за оние, рафинираните љубители на литературата, тој ќе претставува вистински предизвик.
Бонус трака – Омилен пасус во романот:
„Не се помрднав од местото. Премногу сум стар поради една слабост на мигот да скршам толку долго негувана илузија“. (Кондрат Вишниевски од Варшава, Полска – фантазија постара од 58 години)