Германскиот режисер во последниве две декади си игра падни-стани со својата кариера, но тоа е разбирливо поради возраста и различните интереси и ангажмани од кои беше дел во новиот милениум. Тој брилјираше со двата документарни филма: „Пина“ (2011) посветен на славната сонародничка, кореографката Пина Бауш, како и со „Солта на Земјата“, приказна за фотографот Себастајо Салгадо кој четириесет години го архивирал животот во скриените катчиња на земјината топка. И кога нештата веќе беа јасни, мислејќи дека тоа е жанрот преку кој германскиот мајстор ќе се изразува до крајот на кариерата, бидејќи, и покрај неколкуте обиди, не сними добар игран филм уште од „Пукање во Палермо“ (2008), еве го стариот добар Вендерс, онаков каков што го знаеме уште од времето кога Миро (Мирослав Поповиќ) во симпатичното кино во Музејот на современа уметност во Скопје, на средината од 90-те години на минатиот век, организираше ревија на неговите генијални остварувања од 70-те и 80-те години, и кога Вендерс на скопските љубители на седмата уметност им влезе под кожата.
А како да не е така, кога на едно место ги имавме (по сеќавање) „Стравот на голманот од пенал“ (1972, екранизација на истоимениот роман на Петер Хандке, негов чест соработник), „Пријателот од Америка“ (1978, со Денис Хопер во главната ролја), канскиот лауреат „Париз, Тексас“ (1984) со незаборавната музика на Рај Кудер, антологискиот „Небото над Берлин“ (1986) и неговото продолжение „Далеку, а толку близу“ (1993), потоа, предвесникот на она што на некој начин го живееме денеска со постојано ѕверење во телефонскиот екран, „До крајот на светот“ (1991), со таа разлика што таму луѓето беа „навлечени“ на своите снимени соништа, и на крајот, елегичната „Приказна за Лисабон“ со незаборавниот саундтрак на Мадредеуш. Ќе признаете, се работи за совршена филмографија, или со еден единствен збор: ЛУДИЛО!
Потоа Вендерс замина во Америка и се’ отиде по ѓаволите, бидејќи ветената земја во своите остварувања ја претставуваше од европска гледна точка, и неговите филмови секогаш испаѓаа поамерикански од самите американски филмови. Но нејсе, човек треба да испита и да осознае, за да дознае на што е. Вендерс не го сфати тоа бргу, но по една декада отаде барата, се врати на Стариот континент, онаму каде што му е местото и каде што несомнено и припаѓа.
Веднаш по успехот со неговиот трејдмарк филм „Париз, Тексас“, Вендерс во 1985 година реализираше документарен филм насловен „Токио-Га“. Се работи за патувачки записи низ јапонската метропола посветени на неговиот омилен јапонски режисер Јасуџиро Озу. Всушност, Вендерс се обидува да ги пронајде повеќето од местата каде е снимен антологискиот филм „Токијска приказна“ од 1953 година, на тој начин откривајќи го своето, персонално доживеано Токио. Триесет и осум години по ова патешествие, Вендерс се враќа на „местото на злосторството“ и го снима прекрасниот и актуелен филм „Совршени денови“, чија премиера ја имаше на годинашниот филмски фестивал во Кан, каде Златната палма на официјалното жири за најдобар актер му беше доделена на Коџи Јакушо, кој едноставно брилјира во ова остварување.
Зошто на почетокот од текстот велам „стариот, добар Вендерс“? Па затоа што тој со овој филм им се враќа на корените, повторно ставајќи во фокусот маргиналец, овој пат од токијското предградие, кој чисти јавни вецеа во метрополата, а во слободно време слуша музика на касети, чита книги, фотографира со еден стар апарат и се дружи со пар луѓе од кои не бара ама баш ништо. А дека ќе гледаме едно фино, „олд-скул“ споровозно филмче стана јасно уште на почетокот од филмот: Хирајама станува рано наутро, ги завршува сите домашни ритуали како под конец, се качува во службеното возило и на касетофончето, додека вози низ полупразните улици на родниот град, ја пушта „House of the rising sun“ на Енималс. Во текот на филмот, неколку пати ќе бидеме сведоци на истата постапка, позната и од претходните остварувања на Вендерс. Тука се неизбежните Велвет андерграунд со „Pale blue eyes“, нормално, „Perfect day“ на Лу Рид според која веројатно е инспириран и насловот на филмот, потоа Ван Морисон со „Brown eyed girl“, Пети Смит со теми од албумот „Horses“… сето тоа визуелно надополнето со најдобрата традиција на on-the-road филмската естетизација. Впрочем, за љубовта на Вендерс кон филмот и музиката се напишани многу докторати, но доволно е само да се преслушаат саундтраците од неговите филмови и се’ ќе ви стане јасно. Таков е случајот и со саундтракот за „Совршени денови“.
Во филмот навидум не се случува ништо, но, напротив, се случуваат еден куп мали нешта вредни за размислување и промислување. Најпрво, Вендерс суптилно ни го претставува судирот на старото со новото во омилениот град на Истокот: архитектурата, уличната брза храна и бејзболот наспроти сумо борењето и јавните бањи. „Човек не може да е вљубен ако нема пари. Каков е овој модерен свет?“, се прашува колегата на Хирајама, кој е еден од неколкуте споредни ликови кои само ја збогатуваат сликата за главниот лик. Една од нив е и неговата внука која побегнала од дома, со која ќе доживе сонични и просветлувачки моменти, така за момент допирајќи до размислувањата на новата генерација „гумени бонбони“. Во моментите кога нејзината мајка ја собира за да ја врати дома, во тие 2-3 минути, го дознаваме и сиот семеен бекграунд на нашиот (анти)херој, во кој сестра му со нескриена зачуденост го прашува дали навистина работи како чистач на јавни вецеа, а потоа го докрајчува со прашањето зошто не го посетува нивниот татко во старечкиот дом!? Но Хирајама, и покрај солзите, не дозволува да биде изместен од животниот колосек, затоа што знае дека убавината лежи во малите нешта. Меѓу нив спаѓа и играта X/O со непознатиот ве-це посетител, како и танцот на непознатиот лудак во паркот отспротива, кој којзнае како ќе заврши. „Светот е направен од многу светови, различни меѓу себе. Тие некогаш се допираат и испреплетуваат, но најчесто не“, и’ вели вујче Хирајама на внуката, и продолжува да слуша касети на вокменот чија цена, поради повторното враќање во мода, вртоглаво расте.
Вредноста на ова остварување е што во време на безобразна глобализација и комерцијализација на самиот човечки живот, стариот лисец Вендерс се одлучува за приказна за еден мал, речиси невидлив човек, и неговиот речиси совршено безгрешен свет во кој тој, замислете, чита книги, слуша музика од стари касети кои ги премотува со молив, одгледува растенија, вози велосипед… па, многумина ќе се запрашаат, зарем навистина се’ уште постои таков човек? Да, спасот на човештвото лежи токму во малиот човек, и ако секој си ја работи својата работа посветено, сите ние можеби ќе доживееме посакуван рестарт на нештата. Вендерс го спознал тоа и совршено ни го претставува во својот нов мал-голем филм на сосема непретенциозен начин, во дејствие во кое многу малку слушаме дијалог меѓу протагонистите, како и вревливиот милионски град Токио, а многу повеќе внатрешниот ритам на чистачот на јавни тоалети, чија човечка суштина е вистинска реткост во денешно време. Тука лежи големината на ова дело, кое на актерот Коџи Јакушо му донесе „Златна палма“ во Кан, а на Вендерс нови импулси во неговата богата филмографија. Затоа нетрпеливо го очекувам следниот потег на филмскиот маг 😉
Пингување: Награда за животно дело за Вим Вендерс - Херој на еден ден