Синоќа во рамките на Скопско лето 2020, на плоштадот „Мајка Тереза“, односно, на платото пред НОБ, соло концерт одржа Бобан Мирковски, еден од врвните македонски пијанисти. Заинтересираните посетители, жедни за музика и културни настани, внимателно го проследија настапот на младиот пијанист, кој во нешто помалку од еден час настап го покажа својот раскошен музички талент.
Традиционалната манифестација „Скопско (културно) лето“ годинава се обидува да направи коректно издание, со оглед на здравствената ситуација во земјава, нудејќи редуцирани содржини претежно со домашни изведувачи, што е, всушност, потег за поздравување. За синоќешниот настан беа пуштени симболични 30 билети по цена од 100 денари за да може да се проследи протоколот, меѓутоа, отворениот простор на сите кои дојдоа им даде можност да уживаат во концертот, одржувајќи ја потребната дистанца.
Токму тоа беше вистинското изненадување за мене. Не дистанцата, таа веќе ни стана секојдневие, туку, платото пред НОБ. Одамна не ме понел патот натаму, односно, секогаш сум доаѓал само до влезот, но не сум ѕиркал понатаму, десно од него. Е па синоќа сфатив дека она што порано претставуваше отворена сцена на дискотеката МНТ, плато на кое неретко висевме во млади денови кога не ни се влегуваше во гужвата долу, или едноставно, можеби и немавме пари за влезница во моментот, е токму тоа култно место веќе го нема. Сега е претворено во огромно поплочено плато кое е идеално за летна сцена, која дека може одлично да функционира, што се покажа токму минатата вечер.
Бобан Мирковски е роден во 1991 во Скопје. Основното и средното образование го завршил во ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј“ во класата на проф. Даница Стојанова. Дипломира во 2013 година на Факултет за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Симон Трпчески. Во 2015 год. ги завршува пост-дипломските студии на ФМУ Скопје во класата на проф. Александар Сердар (Р. Србија). Во своето образование има посетувано и неколку меѓународни семинари кај еминентни професори од републиката и од странство како што се: проф. Ж. Захариева (Р. Бугарија), Ј. Михајловиќ (Р. Србија), Ф. Турисини (Р. Италија), А. Леимони (Р. Грција), Т. Каишиге (Р. Јапонија), Б. Романов (Р. Македонија) итн.
Мирковски има остварено голем број концерти во Македонија и странство и има освоено голем број домашни и меѓународни натпревари. Во моментов работи како професор по пијано во ДМБУЦ “Илија Николовски–Луј“ Скопје каде остварува успеси со своите ученици.
Синоќа Мирковски одбра да ни се претстави претежно со композиции од советско-ерменскиот композитор Арам Хачатурјан, кој заедно со Сергеј Прокофјев и Дмитри Шостакович го сочинува водечкото советско трио во 20 век, кое зад себе остави неверојатно музичко наследство. „Поема за пијано“ беше синоќешниот влез во концертот на македонскиот пијанист, а настапот го продолжи со најдолгосвиречката тема насловена „Пијано соната“. Еве дел од маестрално отсвирената композиција.
„Сонатина за пијано“ и „Токата“ беше останатиот избор на Мирковски од наследството на Хачатурјан, а за разбивање на неговата доминација, некаде на средина од концертот го слушнавме и „Валцерот на милионерот“ на Квин/Мирковски, а за крај, вистинско колаче, навраќање на холивудската ера од 30-те години на минатиот век со свинг класиката „Пеј, пеј, пеј“ на Бени Гудмен.
Испратен со бурен аплауз, Мирковски се врати на сцената за последен пат да го поздрави неодамна починатиот композитор и музички педагог Благој Цанев, свирејќи на бис една кратка композиција во негова чест.