Посета на музејот „Албертинум“ во Дрезден

По падот на Берлинскиот ѕид, најпосетен град во источна Германија е Дрезден. За да уживате и да го одржите тој статус, се разбира дека мора да имате одлична понуда за посетителите. На врвот од приоритетите е музејот „Албертинум“, кој на посетителите во 21 век им нуди широк интелектуален универзум во кој различните стилски периоди се претставени необично близу еден до друг, така што тие се доживуваат на сосема нов и поинаков начин. Навистина е предизвик да се посети овој прекрасен музеј, каде истовремено можете да ги видите делата на старите мајстори како Мане, Дега, Пикасо… на локалните сликарски херои кои страстно го насликале Дрезден… на современите уметници како Герхард Рихтер… и сето тоа зачинето со голема збирка на скулптури од која боли глава. Но, да тргнеме по ред, бидејќи има многу за раскажување 😉

Зградата на музејот на модерна уметност „Албертинум“ е изградена во ренесансен стил, обложена е со песочник, и се наоѓа на Бриловата тераса во историскиот центар на Дрезден. Именувана е по кралот Алберт од Саксонија. „Албертинум“ е домаќин на „Галеријата на новите мајстори“ и „Колекцијата со скулптури“ од дрезденските државни уметнички колекции. Во музејот можат да се видат слики и скулптури од романтизмот до денес, опфаќајќи период од околу 200 години. За подобра ориентација, тој се наоѓа на 5 до 10 минути одење од незаборавната црква „Frauenkirche“, за која веќе пишував.

Основана во 1959 година, „Галеријата на новите мајстори“ е најмладиот музеј во рамките на  „Државната уметничка колекција на Дрезден“. Нејзината колекција првично доаѓала од „Алте Мајстер“ галеријата која ја колекционирала современата уметност од 1843 година. Во 1831 година работењето на музејот било реформирано и колекциите од Дрезден повеќе не биле во приватна сопственост на саксонското кралско семејство; наместо тоа, тие оттогаш биле финансирани и администрирани од покраината Саксонија. Ова одлука влијаела врз колекцијата, бидејќи образованите граѓани станале редовни посетители на галеријата, а збирките со сликарство биле проширени според новите критериуми за избор. Во 1912 година била планирана нова музејска зграда за модерните слики во галеријата. Покриен премин требало да обезбеди пристап од старите мајстори до новите, но Првата светска војна го спречила реализирањето на проектот. Во 1931 година, делата создадени по 1800 година за прв пат биле презентирани на Бриловата тераса, но овој галериски обид морал повторно да се затвори во 1938 година.

За време на нацизмот, колекцијата изгубила 56 слики поради кампањата „дегенерирана уметност“, вклучувајќи дела од Бекман, Кирхнер, Нолде и Мунк. Кога Дрезден бил бомбардиран во 1945 година, биле изгубени уште 196 дела. Дури во 1965 година, „Галеријата на новите мајстори“ го нашла својот постојан дом во „Албертинум“, каде што музејот станал еден од најважните официјални уметнички музеи во Источна Германија. Во 2002 година, кога реката Елба го крена своето ниво, уметничките дела во „Албертинум“ беа спасени од поплавата. Во последователната пренамена на зградата, беше изградено депо за делата на музејот кое е безбедно од поплави и кое веќе не се наоѓа под нивото на земјата, туку е поставено високо над главите на посетителите.

Од повторното отворање во 2010 година, посетителите можат да уживаат во возбудливата близина на делата во простор со површина од 5650 квадратни метри. Галеријата е дом на една од најголемите колекции на слики од почетокот на деветнаесеттиот век до денес во Германија. 300 од вкупно 3000 дела во колекцијата се изложени јавно. Особено поради своите дела од германскиот романтизам и реализам, Дрезден е една од најважните уметнички локации во светот. Галеријата беше преименувана во „Галерија на новите мајстори“ во 2000 година за да ја означи нејзината отвореност кон разновидни форми на уметничко изразување, како што се звучните инсталации, видео уметноста и перформансот.

Она што прво паѓа в очи при посета на музејот се скулптурите. Ги има насекаде. Од врвот на влезот во зградата до безбројните галериски простори во приземјето и на катот. Неверојатна е глетката на едно место да бидат собрани толку многу дела од различни периоди на уметноста. Се’ што ви преостанува е да се препуштите на поставките, и ако сте расположени, малку да си поразговарате со изложените експонати 🙂 Влегуваме во „Skulpturenhalle“.

Како исклучителни дела би издвоил неколку од изложените. Најпрво, фигурата на Андромеда, во грчката митологија ќерка на кралот и кралицата на Етиопија – Цефеј и Касиопеја. Скулптурата е дел од поголема целина, и датира од доцниот прв век пред нашата ера. Прекрасно!

Изложена и е гипсената верзија на славниот „Мислител“ на Огист Роден, во чиј оригинал може да се ужива во музејот во Париз посветен нему.

Покрај скулптурите, изложени се и неколку мозаици, а овој беше најрепрезентативниот. Најден во 1843 кај „Civitavecchia“ од страна на археологот Џовани Валеријани, ова ремек-дело потекнува од римскиот империјален период и во неговиот централен дел е претставен Богот Дионисиј.

И на крајот, како заокружување на овој дел од „Албертинум“ музејот во Дрезден, мојата омилена скулптура, насловена „Избричена глава“ (1998) на уметникот Ron Mueck (1958). Во исто време, многу сугестивно и бизарно. Трпки по ‘рбетот.

Сепак, големото, гранде финале му припаѓа на мајсторот Едгар Дега, чија скулптура на некој начин е заштитен знак на музејот „Албертинум“. Таа не е изложена во делот за скулптури, туку во „Галеријата на новите мајстори“, заедно со класиците од 19 и 20 век. Неговата изведба во бронза на „Малата танчерка, четиринаесет години“ од 1880 година е вистинско ремек-дело во кое може да се ужива со часови, ако човек има доволно време. Минијатурно, а моќно!

Кога веќе влеговме во зоната на класиците, продолжуваме со нив. Да видиме што друго ни нуди дрезденскиот музеј. Дега, освен со феноменалната скулптура, е претставен и со сликата „Две танчерки“ од 1898 година, кои одлично се надополнуваат во просторот со танчерката.

Неговиот сонародник и колега Анри Тулуз-Лотрек е застапен со слика со сличен наслов, со тоа што овде не се две танчерки, туку “Две пријателки“ (1895).

Музејот во Дрезден поседува слика и од експресионистот и фовист Пол Гоген насловена „Парау Апи. Што има ново?“ од 1892 година. Се разбира, ја препознавате неговата надалеку позната Тахити-фаза во кариерата.

А каде е Гоген, таму е и Ван Гог. Холандскиот сликар е застапен со сликата „Мртва природа со дуњи“ од 1887/1888 година. Уште едно доживеано ремек-дело во живо од маестрото, по париските илуминации во „Орси“.

Француските импресионисти, за кои подготвувам посебна репортажа по посетата на музејот „Барберини“ во Потсдам крај Берлин летово, во Дрезден се присутни преку сликите на Едуар Мане („Дамата во розево“, 1879/1881) и Огист Реноар („Портрет на капетанот Едуар Берние“, 1871).

„А Пабло? Каде е другарот Пабло?“, со право ќе праша некој. Па, тој е крај  чинијата со овошје, мандолина и шише, инспиративна комбинација од 1924 година која веќе еден век го краси галерискиот простор на музејот во Дрезден. Се разбира, не издржав да не направам „проклето селфи“ со дело на Пикасо. Сепак е манга 🙂

Финалето на ова патување низ убавините на модерната уметност го заокружуваме повторно со скулптура. И повторно маестро Огист Роден. Вистинско уживање е белата скулптура на „Ева“ од 1881 година, која со движењето на раката врз сопственото лице како да го доловува моментот на сознанието за првобитниот грев, после кој ништо не беше исто.

По малата пауза во музејското кафе, со цел да се средат впечатоците, разгледувајќи го каталогот со актуелни изложби, решив најпрво да ги видам делата на роднокрајните сликари. Едно големо музејско крило е посветено на нивната уметност од 19 век, преку која го сликале менувањето на Дрезден низ годините и годишните времиња, тук-таму нудејќи ни вистински тематски куриозитети како свинската глава на масата, дивите свињи во полето, голата девојка на креветот, портретот на девојката со цигарата… Во следниот блок ги гледаме делата на Gotthard Kuehl, Carl Blechen, Ernst Ferdinand Oehme, Willhelm Leibl, Oscar Zwintcher… сликари кои се родени во Дрезден, или пак овој германски град бил попатна станица или станал нивен дом во текот на животот. Тие на гостопримството на најдобар можен начин му вратиле – со прекрасна уметност!

Остануваме на германско уметничко тло, и фрламе поглед врз делата на еден од најеминентните германски уметници во втората половина на минатиот век, и секако, во првите две децении од новиот милениум, г-нот Герхард Рихтер. Тој во музејот е застапен со многу дела во различни техники, комбинации и контексти, од масло на платно, преку инсталации во просторот, семејни фотографии… меѓутоа, во еден галериски простор беше изложено неговото дело „48 портрети“ создавани во период од 1972 до 2016 година, на кои можеме да забележиме многу познати личности (композитори, писатели, уметници, филозофи…) од последните два века. Се разбира, веднаш се сликав со Кафка (иако не ми е прв пат 🙂 ), но затоа пак направив сефте со имењакот Стравински.

Ото Дикс, еден од моите омилени германски сликари од почетокот на 20 век, е солидно застапен во дрезденскиот музеј. Велам солидно, затоа што најголем дел од неговите слики се изложени во музејот „Гунценхаузер“ во соседниот град Кемниц, за што можете да прочитате на следниот линк:

Во музејот „Албертинум“ е претставена пост-воената фаза на Дикс, на која ги отсликува траумите од Првата светска војна кај неговите сограѓани. Најрепрезентативно дело е триптихот „Војна“ создаван од 1929 до 1932 година, кој навистина изгледа застрашувачки во секоја смисла. Четвртиот леер под земјата е феноменален!

Останатите портрети на Ото се кафкијански, но пред да ги видиме нив, започнуваме со неговиот автопортрет од 1918/1919, кој е прилично различен од останатите негови слики. Но кога човек сака да си поигра самиот со себе, тогаш ги бира најбизарните начини за интерпретација.

Покрај Дикс, во фокус во „Албертинум“ беше и уште еден германски автор, Георг Базелиц, кој беше претставен со дела претежно создавани во новиот милениум. Човекот роден во 1938 година зад себе има еден куп дела и изложби, но во Дрезден се претставува со својата подоцнежна сликарска фаза полна со апстракции, како спротивност на она што го слика Дикс еден век порано. Во шеесеттите тој стана добро познат по неговите фигуративни, експресивни слики. Во 1969 година започна да ги слика неговите мотиви свртени наопаку, настојувајќи да го надмине репрезентативниот, содржински исполнет карактер на неговите претходни дела и да го нагласи уметничкото во сликарството, на тој начин развивајќи автентичен, препознатлив уметнички јазик.

Пол Кле иако е роден во Швајцарија, сепак се смета за германски уметник. Во „Албертинум“ во постојаната поставка е претставен со две дела од 20-тите години на 20 век, во годините кои биле вистинска мека за уметниците како дел од различни движења, исто како и Кле кој се барал себеси, експериментирајќи со изразните средства на експресионизмот, кубизмот и надреализмот.

Оскар Кокошка, пак, беше австриски уметник, поет, драматург и учител, најпознат по неговите интензивни експресионистички портрети и пејзажи, како и неговите теории за визијата кои влијаеле врз претставниците на виенското експресионистичко движење. Неговиот автопортрет, и покрај статичната состојба на фигурата, е полн со бои и живот, исто како и другите две слики со кои е застапен, елените и портретот на Жита Валерштајн. Ќе треба повторно да се прочешла целото творештво на Кокошка. Убава реченица, поетска, бидејќи има рима: прочешла – кокошка. После толкав овердоуз од убавини, мала шега не е на одмет 😉

И на крајот од ова музејско патешествие кое долго го подготвував и кое се надевам дека ви се допадна, финишираме онака како што и јас финиширав при посетата на „Албертинум“ во 2023 година – со делата во галеријата за инсталации. Неколкуте поставки во просторот на современите уметници од сите меридијани изгледаа налудничаво, и беа вистинско освежување после стотиците слики и скулптури претходно видени и доживеани. Чинам дека нема потреба од дообјаснување, оставам фотографиите да (по)кажат се’, затоа што, како беше она: „Една слика – илјада зборови“.

Мондријан куќичка за крај. Зошто да не!? Ви благодарам на вниманието.

Gruß, Auf Wiedersehen 😉

@Албертинум, Дрезден, септември 2023