„Простување“ од Кица Колбе

Деновиве од печат излезе новиот роман „Простување“ од нашата еминентна писателка Кица Колбе. По романите „Земја на бегалци“, кој доживеа и второ издание, потоа, „Витезот и Византијката“, како и дополнетото реиздание на „Жените Гаврилови“, Колбе со нов ракопис за своите верни читатели.

„Сите пребрзо ја забораваат војната. Затоа се повторува“ е поднасловот на книгата во која писателката, плетејќи ја приказната за простувањето, во однос на главниот лик заклучува дека „тие часови на единствената заштитеност во мајчиниот јазик, за него беа во тоа време единственото чувство за татковина“.

Низ романот на Колбе повторно се провлекува „егејската приказна“ која овој пат на суптилен начин се испреплетува со ,приказнита на еден од најценетите модерни германски уметници Анслем Кифер, а тука некаде, зад аголот, ѕирка и култниот германски режисер Вим Вендерс, референци што заслужуваат посебна опсервација и осврт кон ова дело.

Кица Колбе (1951) студирала  филозофија на универзитетите во Скопје и Белград. Магистрирала на естетиката на Теодор В. Адорно, а докторирала  на германската естетика од 18-от век. Неколку години работела на катедрата за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Од 1990-тата се посветува целосно на прозата, особено на романот. Нејзини дела се: Егејци (1990), Снегот во Казабланка (2005),   Жените Гаврилови (2008), Река  во наследство, Ein Fluss als Erbe, (2009), Земја на бегалци (2018, 2023), Витезот и Византијката (2020). Снегот во Казабланка е добитник на наградата „Роман на годината“ 2006, а Жените Гаврилови  во 2009 г. е номиниран за наградата „Балканика“.