пишува: Оливера Ќорвезироска
Непретенциозно, топло, лично колку што треба, сензибилно, спроврено низ секојдневието, но и низ филмовите и стриповите,.. сведоштво за едно растење, духовита прозна ургенција за успех на сопствените доживувања (но и болки)…
Како сите први книги, „Кротки приказни“ на Игор Анѓелков го носи багажот на сопството, на самиот себе спакуван во текст. Но, како сите први добри книги, „Кратки приказни“ носи и навестување дека по „отпакувањето“ на текстот, од него ќе излезат многумина (покрај авторот, се разбира). Конкретно кажано, прозниот првенец на Игор Анѓелков наполно и безрезервно заслужува што станал книга, најмалку поради две причини:
1. расказите се ослободени од општите места и секој одделно носи внимателно одбрана наративна боја;
2. автобиографското стрчејќи од приказните се обидува и да ги извиши. Анѓелков е чесен раскажувач, не го поткаструва автобиографското, но не го ни декорира: му дозволува да
беснее низ текстот толку колку што самото има сила.
Влезот во „Кротки приказни“, апсолутно во духот на расказите, е подеднакво непретенциозен, колку и прецизен: речиси како дефиниција. Во него Анѓелков одлично и крајно функционално се објаснува себеси како раскажувач со потребната дистанца на критичар. Поетиката е тука, јасна како ден, забавна како тукушто купен, сѐ уште непрочитан стрип. Анѓелков својата добра прва книга, ја именува како „куп хартија“, но
препорачува нејзин прочит во мошне необични околности: „лежерно и опуштено легнат на некој облак“. На овој начин, на потенцијалниот читател на „Кротки приказни“ уште на самиот почеток му се пристапува како на лик од претстојната проза.
Интересно, индикативно…
Незаокруженоста, нефинишираноста, понекогаш дури и недоправеноста, не се слабости на ракописот, туку сосем спротивното: негови доблести, зашто Анѓелков свесно бега од прозниот занает, од писателската поза на сезнајност. Тој раскажува по своја мерка, испишува текст во облачињата (во стриповска смисла) исклучиво над своето небо. Понекогаш расказите („Ѓавол“) пленат со завршеноста, со резолутноста на почетно реченично ниво која постапно се размножува како поетичка стратегија, засегајќи го нивото на ситуација; понекогаш прилегаат на одлични епизоди, готови за copy-paste во
нешто поголемо („Куче“), а најчесто во нив писателскиот занает „се учи самиот себеси“ во текстот на Анѓелков.
Дозата на болка измерена кај Анѓелков е ретко прецизна во најновата македонска проза, па макар и само поради тоа „Кротки приказни“ треба да се читаат и прочитаат.
(Рецензијата е дел од книгата „Кротки приказни“, а објавена е и во книгата „Еден текст и една жена“ на авторката)