Една од најпријатните и најрелаксирани планинарски патеки која е близу до Скопје, а не бара особено напрегање, туку е наменета за рекреативци, е онаа до манастирот Свети Никола Шишевски од десниот брег над реката Треска и вештачкото езеро Матка. Пред две декади до овој манастир се стигнуваше влегувајќи во дворот на хидроцентралата, патем ѕирнувајќи во големите базени преполни со риби, па одејќи долж браната до карпата, каде имаше скалила, се качувате по нив и набргу стигнувате до првата чешма од која нагоре продолжуваше патеката до крајната дестинација. Но откако влезот во дворот на хидроцентралата веќе не е доволен, освен за туристичка посета на музејот, до шишевскиот манастир може да се стигне на три начини: од мостот на реката Треска во близина на кајакарските терени кај манастирот Света Богородица вo Долна Матка (половина час пешачење), од езерото Матка, откако со чамец ќе ве префрлат на другата страна на брегот (дваесетина минути), како и од врвот на планината Водно (2 часа и 30 минути). Ние, секако, го избравме првиот.
Прекрасно уредената патека со маркерни табли започнува на мостот на кој, поради есенските температури, ги нема дечките кое секое лето скокаат од него во студената Треска, станувајќи херои на денот.
Знаците не’ водат кон десно, по патеката крај реката, која потоа добива нагорна искачувачка линија, но ништо страшно: видовме многу родители со деца кои решиле викендот да подишат малку чист ноемвриски воздух, како и нас.
Сонцето беше високо на небото, само што го достигна зенитот, а планината беше подготвена да не’ прими во своите прегратки. Стигнувајќи до одредена висина, низ гранките можевме да ја видиме славната кајакарска патека, на која во изминатите декади се подготвуваа многу наши Олимпијци, но и која со години наназад ги собира најдобрите во спортот на едно место.
Попатно природата низ есенските бои го дала најдоброто од себе. Лишаите на стеблата дрвјата ги прави надреални, а печурките крај патот даваат идеја за ручекот кој следи по прошетката.
По поминувањето на највисоката точка на оваа рекреативна патека, следува спуштање и пристигнување до раскрсницата која се спојува со оној поранешен пат кој водеше од долу, кај браната.
Продолжуваме уште десет минути и ете го влезот во манастирот. Интересно, пред да влеземе во дворот, имавме впечаток како да нема никој, немаше никакви звуци и едноставно немавме претстава дека истиот е полн со посетители.
А тука, очекувано, се и драгиот Александар Зарапчиев со пријателите планинари кои традиционално, за време на викендот, или искачуваат некоја од трасираните патеки кон врвот од карпата, или им помагаат на новите вљубеници во овој спорт да ги направат првите чекори. Овој пат беа насочени токму кон таа благородна мисија.
Погледот кон манастирот Свети Андреја долу, крај езерото, е прекрасен, но тој потег во последниве години го избегнуваме откако комплетно се комерцијализираше.
Манастирот Свети Никола Шишевски од Скопје е оддалечен 18 километри, а од селото Шишево околу 3 километри. Точниот датум на изградбата на манастирската црква посветена на Свети Никола е непознат. Сепак постои податок дека црквата била изградена или обновена во 1345 година од страна на поп Ненад и други ктитори.
Во еден препис на манастирски Поменик се споменува дека во подигањето и живописувањето на постарата црква помагал кралот Марко, така што нему може да му се припише ктиторството. Имајќи го предвид овој податок, како и податокот дека ктитор на блиската црква од спротива, посветена на Свети Андреја, бил братот на Крале Марко, Андријаш, може да се заклучи дека овој манастир датира од втората половина на XIV-от век. Не се знае точно кој бил ктиторот и на новата црква, а се претпоставува дека лично се заложил скопскиот митрополит Симеон.
Во 14.45 сонцето веќе заоѓаше зад планините отспротива, и температурата нагло опадна, што беше знак за подготовки за враќање назад.
Попатно повторно уживавме во природните убавини, иако без сончевите зраци, кои секогаш додаваат на шмек. На крајот се простуваме и од македонската везрија на R2D2 влезот/излезот од мостот, посакувајќи ни убав ручек по квалитетно поминатите неколку часа во природа во близината на Скопје. До следниот пат 😉