Салвадор Дали во Париз

Секако дека најдобар начин за запознавање одблизу на Надреализмот е посетата на „Театарот-музеј Дали“ во Фигуерес, Каталонија, меката за љубителите на откачената уметност на големиот Салвадор, но и неговата париска приказна не е за потценување. Иако скриен во пазувите на Монмартр, музејот „Espace Dali“ претставува врвно доживување за секој посетител, затоа што на едно место може да се видат дури 300 експонати од овој славен уметник, еден од најпознатите во минатиот, 20-ти век.

Опуштената прошетка низ уметничкиот париски кварт Монмартр, каде концентрацијата на туристи во Градот на светлината веројатно е најголема на дневно ниво, неизбежно води до прекрасната катедрала „Sacre-coeur“ пред чија врата се формирал огромен ред за влез. Потоа, низ тесните калдрмисани улички се стигнува до централниот плоштад, каде може да се погледне кратка пантомима-претстава, па да се продолжи да се ужива во уметноста на портретот на уличните уметници наредени во огромен круг наоколу. По краткото здивнување и конзумирање на специјалитетот „супа од кромид“, сите патишта водат до затскриениот музеј посветен на Дали, кој, интересно, не е којзнае како рекламиран, па можеби затоа и бројноста на посетителите не е сјајна, но тоа сосема ни одговара откако гужвите за влез во Лувр, Орси и Помпиду навистина беа исцрпувачки.

Перформанс на Салвадро Дали на Монмартр во седумдесеттите години

„Espace Dali“ во срцето на Монмартр е единствената постојана изложба во Франција на дела од Дали, комплетно посветена на мајсторот на надреализмот, со фокус врз неговите скулптури, слики, литографии, објекти и мебел. Креативниот гениј ја трансформирал својата уметност во прекрасни тродимензионални скулптури, а страста за изразување преку нив кај уметникот траела во текот на целата негова кариера.

Espace gallery from top; Bust of a woman (1933); Surrealist piano (1954); Woman aflame (1980); Saint George and the Dragon (1977)

Но оваа фантастична париска колекција фрла светлина врз уметничката имагинација на каталонскиот мајстор изложувајќи и поинакви аспекти од неговата работа. Дали со голема страст ги проучувал Антиката, Ренесансата, науката за атомска енергија, алхемијата и религијата, и сето тоа тематски се провлекува низ делата кои се изложени во галеријата. Тој исто така бил голем љубител и на литературата, и во неговите дела се застапени Алиса (во земјата на чудата), Дон Кихот, ликови и теми од Библијата…  сето тоа зачинето со часовници кои се растопуваат, животни на тенки вретенести нозе, отворени и затворени фиоки…

Alice in wonderland (1977); Space elephant (1980); Space venus (1977); Persistance of memory (1980); Vision of the angel (1977)

Многумина би прашале: Зошто Салвадор Дали во Париз? Едноставно, затоа што центарот на уметноста во првата половина на 20 век го привлекол и мајсторот на надреализмот, кој на 22-годишна возраст, во 1926 година, се преселил токму таму, во потрага по инспирација која неговата уметност ќе ја однесе на некое следно ниво. Во ек бил Дадаизмот, Дали се дружи со Бретон, Елијар, Магрит и Ернст, а Пикасо го прима во надреалистичката група, која неделно изложувала во неколку галерии на Монпарнас, каде Дали за прв пат ќе настапи на групна изложба претставувајќи се со 11 свои слики.

Салвадор Дали и Мен Реј во Париз во 20-те години од 20. век

Секако, важен дел од приказната е дека токму тука, во Париз, тој ќе ја запознае неговата голема љубов и вечна муза Гала (тогашна сопруга на поетот Пол Елијар), со која останува до крајот на животот, и која е мозокот зад неговата успешна кариера во Градот на светлината, неуморно работејќи на промоцијата на неговата уметност.

Le Chateau de Gala (1976)

Враќајќи се на постојаната поставка во „Espace gallery“, да споменам дека дел од музејот е и еден храм со огромна купола, простран простор во кој на крајниот, далечен ѕид, се прикажуваат филмови (левата страна на долната фотографија), меѓу кои можеше да се види и експерименталниот „Дали атомикус“ од 1948 година.

Потоа следи и делот во кој преку неколку атрактивни експонати е претставена неговата работа врз надреалистичкиот мебел, и навистина беше уживање во живо да се видат „креветот бакнеж“ или „телефонот јастог“.

И на крајот од патувањето во светот на Дали, неговиот извик/крик/порака: „Надреализмот, тоа сум јас!“, сосема доволно за заокружување на приказната во која се губи чувство за времето и просторот, и воопшто, за реалноста околу вас.

Затоа, Салвадор Дали беше и ќе остане еден и единствен!!!

@Paris, 2012

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *