Книжарница „Shakespeare and Company“ во Париз

Една од неодминливите дестинации за пријатно поминати моменти во Париз дефинитивно е книжарницата „Шекспир енд компани“. Иако во градот на светлината има безброј книжарници кои ве привлекуваат да ги посетите, сепак оваа е со посебен шарм поради својот богат историјат. „Шекспир енд компани“ се наоѓа од другата страна на брегот на Сена, отспротива славната „Богородична црква“, и нема шанси да ја одминете. Ова место со постојана динамика секојдневно е посетено од стотици туристи кои поминуваат по половина час, еден час, а некогаш и многу повеќе, читајќи книги и дружејќи се со љубители на пишаниот збор од целиот свет.

По посетата на музејот „Орси“, во која може да се ужива во делата на Моне, Мане, Ван Гог, се спуштате пеш кон „Богородичната црква“ каде со сигурност ќе ве пречека толпа туристи која сака да влезе внатре и да ужива во убавините на легендарната катедрала. Токму затоа мудро е да се преминете преку еден од мостовите на Сена, по можност, оној со катанците на паровите, кои на тој начин симболично ја „закатанчуваат“ својата љубов за век и векови.

 И додека туристичките бродови исто така преполни со туристи, поминуваат под вас придружени од музиката на уличниот свирач веднаш на брегот од реката, веќе се наоѓате од другата страна и набргу пред вас се појавува легендарната книжарница во една крајно опуштена атмосфера. Во „предворјето“ ве пречекуваат ниски шкафчиња во кои има разни антикварни книги, а на едното е нагласено дека во тек е „летна распродажба на поезија“.

„Шекспир енд компани“ е името на две независни книжарници во Париз со книги претежно на англиски јазик. Првата била отворена од Американката Силвија Бич на 19 ноември 1919, и во текот на следните две децении била омилено место на писателите како Езра Паунд, Ернест Хемингвеј, Ф. Скот Фицџералд, Гертруда Штајн, Џејмс Џојс, Мен Реј… Книжарницата е затворена во 1941 година за време на германската окупација на Париз и никогаш потоа не е повторно отворена. Втората книжарница, која во Петти Арондисман егзистира и ден-денес како една од најпознатите и најпопуларните книжарници во светот, е отворена во 1951 година од Американецот Џорџ Витман, најпрво со името „Le Mistral“, и дури во 1964 година е преименувана во препознатливото „Шексир енд компани“, како еден вид посвета на оригиналната книжарница на Силвија Бич, на 400-годишнината од раѓањето на Вилијам Шекспир. Интересно, во 1981 година истоимена книжарница е отворена и во Њујорк, меѓутоа истата не е поврзана на никаков начин со париската.

Просторот во книжарницата е прилично тесен, дел поради многуте книги кои висат од сите страни, дел поради бројните посетители со кои се разминувате под различни агли. Во книжарницата има безброј детали како составен дел од ентериерот, кои само го збогатуваат севкупниот визуелен впечаток: вазни со свежо цвеќе, различни огледала… и буквално секое ќоше во внатрешноста раскажува некаква интересна приказна.

Впечатливи се и столчињата/фотелјите сместени меѓу полиците, на кои, според податоците, откако е отворена во 1951 година, во книжарницата преспале над 30 илјади луѓе. Мотото на книжарницата гласи „Не бидете негостопримливи кон странците бидејќи тие можат да бидат прикриени ангели“, и гордо стои над влезот/излезот од дуќанот.

Интересен дел од книжарницата претставуваат и скалилата кои водат кон вториот кат. Тие изобилуваат со пораки испишани на мали ливчиња, кои посетителите ги оставаат на таблите, ѕидовите и специјалните места определени за таа намена. Тоа се цели или делови од песни, љубовни пораки, извадоци од романи…  има што душа ќе ви посака.  Други впечатливи катчиња се оние делови од ѕидовите каде нема книги, туку еден вид авангардни колажи на кои можат да се забележат комбинации од стари фотографии на писателите-посетители на „Шекспир енд компани“, како Жан-Пол Сартр, Маргарет Дирас, Пабло Неруда… но и на сопствениците на дуќанот.

Враќајќи се на нивната приказна, да споменеме дека основачот Џорџ Витман почина во 2011 година со сите почести од француското општество за придонесот на културен план во метрополата, а неговата работа ја продолжи ќерката Силвија Витман (крстена по Силвија Бич), која од 2003 паралелно го организира и литерарното случување „Фестивал енд Ко“, на кое секоја година гостуваат писатели од целиот свет.

Секако, на крајот сакате да понесете и сувенир од посетата на книжарницата, и ми се чинеше дека најсоодветно е да се земе „Малиот принц“, меѓутоа, изумив дека во оваа книжарница ја имаат исклучиво на англиски јазик, а со тоа се губи симболиката на гестот. Затоа книгата на Антоан де Сен-Егзипери ја испазарив во друга книжарница, а од „Шекспир енд компани“ купив една нивна брендирана торба, која, за жал, не ја наполнив со книги, но тоа честопати го правев во годините што следеа. Затоа што, торба полна со книги е еднакво на – СРЕЌА!

 

One thought on “Книжарница „Shakespeare and Company“ во Париз

  1. Пингување: Ѕвездени моменти во музејот „Орси“ во Париз - Херој на еден ден

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *