Шапкар Перо

Секогаш кога шетам низ чаршијата, поминувам крај „Шапкар Перо“. Ова дуќанче во златарската улица морам да го ѕирнам, фрлајќи поглед врз актуелната понуда, особено откако во последниве години лете-зиме носам качкет.

„Шапкар Перо“ е едно од ретките кои е на стандардното место сиве овие четири децении наназад, откако газам низ чаршиската калдрма. Кога ќе видам дека е се’ уште тука, дека се’ уште постои, го пронаоѓам мирот во себе, макар за момент.

По толку промени низ скопската чаршија, постоењето на „Шапкар Перо“ е доказ за континуитет и победа на еснафот. Понудата е секогаш квалитетна, а муабетот бесплатен и човечки. Така беше и овој пат.

Иако беше зад машината за шиење создавајќи ново уметничко дело за заштита на главата, но и за шмек и фраерлук, мајстор Илчо, откако виде дека сум дојден со подмладокот и пробувам еден кариран качкет, го зема малиот за рака и почна да му раскажува за Скопје. Нашето Скопје. За дворовите преполни со најубавите цвеќиња, но и за Скупи, Калето, и уште илјадници години во минатото, кога скопската котлина била езеро, врз кое најубав поглед се фрлал од Рамно на Скопска Црна Гора. Затоа по неговото пресушување уште долги години земјиштето било мочурливо, а погледнато од високо, тоа наликувало на копје, како она на фигурата на витезот во дуќанот.

Наравоучението гласеше дека чаршијата е простор за средби меѓу луѓето, и приказните кои се раскажуваат се пренесуваат од човек на човек, и така се зачувуваат од заборавот. Токму затоа и нема фотографии од тој интимен чин, затоа што важни беа приказните што требаше да се кажат и слушнат.

Се простивме со мајсторот со широка и отворена насмевка, до некоја следна  средба, кога ќе си го купам карираниот качкет. Ми остана во срцето, и башка, немам таков 🙂

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *