Кон „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска

До неодамна, омилената адреса на сестрите и брат Митевски беше Берлиналето. Откако во 2019 година со „Господ постои, името и’ е Петрунија“ конечно влегоа и во главната фестивалска селекција, тие со своето актуелно остварување решија да бидат дел од најстариот филмски фестивал во светот, Венециската Мостра. По премиерата на „Најсреќниот човек на светот“ во селекцијата „Хоризонти“, а веднаш потоа и учеството на исто така престижниот филмски фестивал во Торонто, македонската премиера на филмот на режисерката Теона Стругар Митевска се случи на 27 октомври во киното „Милениум“. Во очекување на редовното прикажување на ова целовечерно осварување во наредниот период, решив освртот да го оставам токму во деновите кога тој ќе биде дел од репертоарот на домашните кина. Конечно, во следните денови домашната публика ќе може да го погледне филмот во неколку кинотечни термини. Иако помина прилично време од премиерата, белешките се тука, впечатоците се малку избледени, но не и заборавени, и во следните редови ќе се обидам да проникнам зошто Митевска во своето шесто целовечерно остварување решила да ги третира траумите од босанската војна во последната декада од минатиот век.   

Јавајќи го бранот на успехот на филмот „Quo vadis, Aida?“ на Јасмила Жбаниќ, кој беше прогласен за најдобар европски филм во 2021 година и кој предизвика бура од реакции во некогашните југословенски простори, клучна фигура во новиот филм на Митевска е босанската сценаристка Елма Татарагиќ, со која таа повторно соработува по споменатиот „…Петрунија“ и „Кога денот немаше име“ (2017). Тандемот сфаќа дека темата за „војната која никогаш не завршува“ секогаш, помалку или повеќе, може да предизвика внимание. Особена длабочина на приказната и’ дава токму Татарагиќ, која и во своите претходни сценарија („Снег“ (2009) на Аида Бегиќ) на особен начин ја обработува темата на посттрауматското искуство од војната во нејзината земја. Со Бегиќ, која беше членка на жирито на фестивалот „КинеНова 2022“, разговаравме на темата „дали и понатаму треба да се снимаат филмови за војната во Босна“, со потпрашање дека „можеби Западот тоа и го очекува од нас?“ Таа рече дека не треба да се повинуваме на очекувањата на политички коректниот Запад и дека треба да се снимаат свои, авторски филмови во кои ќе се обработуваат теми блиски до личното искуство.  

Белгиската кинематограферка Виржини Сен-Мартен е третото камче во препознатливиот авторски мозаик. Нејзиниот специфичен начин на снимање на нештата ја дава потребната тензија во сторијата која е отворена и во која се’ е можно. Филмот почнува со сцена на едно градилиште, на кое камерата се фокусира на една карпа, навестувајќи ги скаменетите чувства на протагонистите кои на овој или оној начин на крајот треба да се преточат во нешто човечко и хумано. За таа цел, покрај македонските актерски имиња кои ги гледавме и во претходните остварувања на режисерката, овој пат на платното доминираат босанските актер(к)и со завидно театарско искуство: Јелена Кордиќ Курет, Аднан Омеровиќ, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ… а за впечатокот да биде автентичен, во филмот се говори на босански јазик.

„Што е среќа ако немаш со кого да ја споделиш?“ е лајтмотивот на филмот, во кој на состанокот на слепо во еден брут-хотел се состануваат осамените срца, меѓу кои срамежливо фигурира и Асја, со надеж дека ќе најде партнер и конечно, можеби, ќе и’ се посреќи и ќе оформи семејство. Во таа камерна атмосфера која наликува на неуспешен „Догвил“ и во која од прашање во прашање тензијата расте, се разоткрива намерата на нејзиниот потенцијален партнер Зоран, кој всушност, е нејзиниот крвник. Тој не е тука во потрага по љубов, туку бара прошка, простување. Ако го добие, тогаш би бил „најсреќниот човек на светот“!

Филмот на Митевска има добри поенти: дали војната воопшто некогаш може да заврши, дали може да постои живот (или љубов) после војна, или фактот дека ако  си Србин, Бошњак или Хрват се’ уште претставува релевантен фактoр на раздвојување, а не на зближување. Но, ова се само филмски блиц-просветлувања, бидејќи како и во нејзините претходни остварувања, во моментите кога треба да се зграпчи дејствието и супериорно да се донесе до самиот крај, гледаме сцени кои како да се тука само да ја надополнат потребната минутажа. Навистина предолго трае dance сцената на Асја меѓу младите кои се журкаат, како нејзино конечно ослободување и надополнување на сите пропуштени журки од младоста. Исто така и долгиот излез на филмот со сцената на(д) градот. Чуму сето тоа? Art is art? Настрана „погрешната“ употреба на темата „Златни папагај“ на Електрични оргазам во сосема поинаков контекст, како и, се чини, задоцнетото крешендо, кога веќе на гледачот му одминала желбата за ефектна разврска.

Во кинематографиите на земјите од поранешна Југославија и понатаму (ќе) се снимаат теми поврзани со војната во 90-те години на минатиот век, некои повеќе, некои помалку успешни. Се’ уште се сеќавам на еден краток фестивалски филм со Мустафа Надаревиќ во главната ролја, кога по завршувањето на војната, во саравескиот трамвај, рамо до рамо, се соочува со снајперистот од спротивната зграда кој се месеци се обидуваше да го застрела. Овој пат, во мирнодопски услови, тие се само двајца сограѓани кои повремено ќе се среќаваат во нивниот роден град. Таквите моќни  приказни навистина остануваат во сеќавањата, како белег на едно време кое се надеваме дека никогаш нема да се повтори.

Затоа, „Најсреќниот човек на светот“ е само уште еден филм за пострауматските искуства од немилосрдните војни, кои сестрите и брат Митевски се обидоа да го ефектуираат и со проекција во Киев среде војна. Истовремено, Теона Митевска со овој филм конечно му направи посвета на „нејзиното“ Сараево, кое секогаш ја пречекувало со широко срце.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *