„Шрапнел“, промотивно

Почитувани,

Ве информираме дека во понеделник, на 24 февруари, од печат ќе излезе новиот роман „Шрапнел“ од Игор Анѓелков. Седум години по „Фото синтеза“, во неговиот трет роман Анѓелков низ неколку наративни линии ги преиспитува суптилните релации меѓу историјата, личното сеќавање, односот со најблиските и општествените околности кои влијаат врз емотивното и приватното.

„Шрапнел“ е 181 издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, за чиј дизајн на корицата се погрижи Марија Смилевска. Во понеделник книгата по промотивна цена ќе може да се купи во ИЛИ-ИЛИ, а веќе од следниот ден и во другите книжарници во Скопје и низ државава.

Срдечно, издавачка куќа ИЛИ-ИЛИ

Да се замине или да се остане? Таа вели дека во последниве месеци не може да заспие поради една мисла која долго ја мачи.

Почина татко ми. Поминавме низ голгота во која главната улога ја имаше пеколното државно здравство. Тешко е кога ќе изгубиш родител.

Прави го она што е најдобро за тебе во животот и ич да не ти е гајле што мислат другите. Знам дека не е лесно, но тоа е единствениот пат!

Можеби е време за нов роман? Да, време… ми треба време… да украдам време… да го напишам, допишам… да го наредам мозаикот од сите распрснати камчиња… време за книгата преку која ќе ги истражам суптилните релации меѓу историјата, личното сеќавање, односот со најблиските и општествените околности кои влијаат врз емотивното и приватното, нешта кои ме прогонуваат и засега не ми даваат мир за помирување со состојбата.

Секогаш зборуваш или пишуваш поради немирот што доаѓа длабоко од тебе. Мирот е совршена смрт, додека немирот е оној што те прави жив, присутен, повредлив, кој те движи напред, и само тој е важен. И пишувањето е тоа, самотерапија. Па кој нормален би седнал и би пишувал доколку совршено се вклопува во светот што го опкружува?

***

Затоа што понекогаш, ненајавено, шрапнелот го чувствувам и во мене на чуден начин, си игра со моите внатрешни органи како со некаква детска играчка, малку удирајќи ги отстрана, за да ме потсети дека е тука и дека треба да останам буден…

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *