Албум на неделата: „Silver and gold“ на Нил Јанг

На почетокот од летово излезе новиот соло албум на Нил Јанг насловен „Сребро и злато“ за Reprise records. Ова е негово трето студиско остварување за истата издавачка куќа во последнава декада по „Harvest moon“ (1992) и „Mirrorball“ (1995).

По лудите 60-ти и 70-ти години, кога Нил Јанг и неговиот бенд „Crazy horse“ ги надградуваа основите на рокенролот, последните години од соло кариерата музичарот се’ почесто снима албуми со акустичен звук, надополнети со неизбежната усна хармоника. Можеби затоа, кога Јанг компонирал две нови теми, насловната „Silver and gold“ и „Without rings“ во текот на неговата турнеја во 1997 година, решил тие да бидат појдовна точка за неговиот следен албум, тогаш со работен наслов „Акустика“.

Концептот за новото музичко чедо е едноставен и јасен: сите теми да се направат со инструменти од „World music“ продавниците, кои чинат по 19.95 долари. Но за десетте теми на албумот требаше да помине период на инкарнација од три години за тие да созреат и да го добијат она потребно ниво на сензуална звучност што „стариот“ полу-Индијанец ја негува веќе четири децении од неговата кариера. Затоа, со текот на времето, откако во новиот проект почнаа да се вклучуваат и други музичари, настанаа уште осум теми, конечно запакувани зад индикативниот наслов на албумот.

Албумот е снимен во студиото на Нил Јанг кое се наоѓа на неговиот ранч во Северна Калифорнија, продуциран е од самиот музичар во соработка со долгогодишниот пријател Бен Кит, а музицираат Џим Келтнер и Оскар Батерворт (тапани), Доналд Дан (бас) и Спунер Олдам (клавијатури).

Рокенрол поезијата, која е заштитен знак на Нил Јанг, и на новиот албум тематски се движи од „врските кои се поважни од материјалните нешта“ во насловната тема, преку „силните емоции и религиозниот морал“ во „Red sun“, до „љубовта која чисти се’ пред себе“ во деветтата тема „Razor love“. Ако на сето ова се додаде и летната опуштеност на музичките аранжмани, тогаш сфаќаме дека „Сребро и злато“ е уште едно комплетно дело на Нил Јанг, кој и натаму е осамен на врвот како најдобар вокал во рокенрол историјата. Капа долу, мајсторе!

@Текстот е објавен во дневниот весник „ВЕСТ“ на 20 јули 2000 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *