Албум на неделата: „The Marshal Mathers“ на Еминем

Најактуелниот албум летово е новото студиско остварување „The Marshal Mathers“ на американската хип-хоп ѕвезда Еминем. Ова е негов втор албум, по дебито „Slim shady“ од минатата година, кога артистот го воодушеви светот со својот автентичен пристап кон овој популарен музички жанр. Можеби најшокантен е фактот што човекот кој многу пцуе и ги разобличува општествените аномалии во своите песни, не е Афро-Американец – туку белец!

Албумот на Еминем содржи дури 18 теми. Уште во почетната песна се насетува во кој правец ќе не’ „возат“ новите хип-хоп рими, или: во следните 60-тина минути ќе го слушате новиот албум на Еминем, и ако не ви се допадне, нему воопшто не у е гајле, односно, слободно можете само да ги заскокоткате неговите гениталии. По бомбастичниот почеток, следи темата „Kill you“, во која Еминем ги убива своите фанови, и не преостанува ништо друго освен мртви да го слушаме неговото алтер-его. На оваа линија се и преостанатите 16 теми, во кои стиховниот гимнастичар исмејува многу фаци од јавниот живот, преку луѓето од неговата издавачка куќа кои за албумот велат дека е ѓубре, па се’ до неговата жена Ким во истоимената песна. Ваквиот начин на гледање на нештата направи албумот во првата недела од продажбата да се искачи на високото второ место на топ листите, оставајќи многу „лигави“ музички имиња зад себе.

Но, шоу-бизнис стратегијата на муичарот не застанува тука. Тој постојано фигурира на насловните страници на весниците: неговата мајка го тужи за сума од седум ипол милиони долари затоа што ја исмејува во песните, а жена му се обиде да се самоубие поради притисокот врз нивниот приватен живот. За да се сфати ваквиот јавен настап на моментно најконторверзната андерграунд ѕвезда на светот, ќе се постетиме на неговите почетоци.

Еминем, со име и презиме Мarshal Mathers, е роден во Канзас сити. Психотичното детство го поминува на релација со Детроит, каде се дружи со уличните рапери кои ги поставуваа основите на она што денес е еден од најслушаните урбани правци во современата музика. За прв пат јавно настапува на 14-годишна возраст во дуото Soul intent заедно со неговиот пријател, а две години подоцна го издаваат нивниот деби албум, кој скапуваше во фиоките на независната куќа Infinite, се’ додека др. Дре не ја преслушал касетата и не сфатил дека во Еминем се крие „змејот“. Во 1997 година следи победа на „Рап олимпијадата“ во Л.А, по која почнаа да му се отвораат вратите на музичката индустрија, а сето понатаму е историја, која се’ уште се тркала.

@Текстот е објавен во дневниот весник „ВЕСТ“ на 27 јули 2000 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *