На 25 мај, некогашниот „Ден на младоста“ во поранешната СФРЈ, симболично решив да напишам збор-два за двата бисера на некогашната музичка сцена, кои траеја кратко, но оставија траен белег врз многу слушатели и почитувачи на квалитетниот звук. Периодов, благодарение на Бојан од кумановската „Q Rec“ ги добив реизданијата на двата култни албума „La Femme“ на Karlowy vary и „Disillusioned!“ на Rex ilusivi, и следните редови со задоволство им ги посветувам на овие два проекта кои звучат свежо, полетно и предизвикувачки и три ипол децении по нивното објавување.
Општо е познато дека југословенската музичка сцена многумина ја сметаа за една од најсилните и најавтентичните на Стариот континент, особено по појавата на „Новиот бран“ на почетокот од 80-те години. Куриозитетот во таа приказна беше тоа што култниот албум „Пакет аранжман“ беше снимен во белградското студио на Енцо Ласиќ, меѓутоа добар нос за новите фиданки на белградската сцена покажа загрепскиот „Југотон“ на чело со Синиша Шкарица, кој им ги „украде“ пулените на ПГП РТБ. Меѓутоа, малкумина знаат дека неколку години подоцна се случи приказна која се одвиваше во обратна насока. Барем во првиот од двата случаја.
Имено, во 1982 година во Загреб беше основан бендот Карлови вари, со демо името Korowa bar. Песната „Ratnici“ е првата снимка која им беше објавена на носач на звук, заедно со други нови состави на компилацијата „Ventilator 202 Vol. 3“ за ПГП РТБ во 1985 година. По добриот прием, истата година го издаваат и фамозниот албум „La Femme“, овој пат со сменетото име на бендот, со двојно-Ве. Членови на бендот беа Vanja Orlic (вокал), Tomo In Der Muhlen (гитара), Margita Stefanovic (клавијатури), Drazen Pencel Pink (бас), Dragan Simonovski (тапани) и Rista Al Ibro (виолина). Многу интригантни имиња за еден нов и надежен бенд кој свири модерна музика на трагата на тогаш актуелниот британски post-punk, односно, new wave правец. Да, ова е еден од сајд-проектите на Маги од ЕКВ на релација Белград-Загреб, а секако, не можеме да не споменеме дека дел од него е и нашинецот со загрепска адреса Драган Симоновски, кој беше тапанар и во бендот „Dorian Gray“ на неодамна починатиот фронтмен Масимо Савиќ.
Приказната вели дека Корова бар (според името на барот од филмот „Пеколен портокал/Clockwork orange“ на Стенли Кјубрик, заедно со загрепските бендови Sexa и Dorian Gray снимиле албум насловен „Demo 1982“ во студијата на загрепското радио како нивен одговор на белградскиот „Нов бран“, инаку проект на славниот музички критичар Дражен Врдољак. Но (како и секогаш кога се работи за нови бендови) во последен момент Доријан Греј се откажуваат, и проектот не ја здогледува светлината на денот. Втората колекција од собрани песни на Карлови вари насловена „Хаотика“, поради разно-разни причини исто така останува во зоната на демо варијанта, но дел од тие песни, преработени и аранжмански збогатени, подоцна излегоа на официјалниот деби-албум „La Femme“.
Многумина велат дека Карлови вари е загрепската варијанта на ЕКВ, и не се далеку од вистината, не само поради Маги, туку и поради тоа што Тома имаше голем удел во продукцијата и звучната слика на бендот (студио „СИМ“), a кој токму во тој период, меѓу другите, соработуваше и со Милан Младеновиќ. За жал, како и во секоја бајка, по само неколку концерти, на кои, според сведоците, особено атрактивен бил сценскиот настап на вокалистката Вања Орлиќ, бендот престанал со работа во 1986 година.
Ремастериран од оригиналните аналогни ленти, кон крајот на минатата година издавачката куќа „Matrix music“ го реиздаде ова ремек-дело, на радост на многумина кои беа запознаени со оваа приказна, но и на оние, меѓу кои сум и јас, кои по 37 години, за прв пат дојдоа во допир со овој бисер. Прекрасната сина обвивка на плочата на насловната ја содржи сликата на балерината Вања Орлиќ, која со својот специфичен „машки“ глас ја бои атмосферата на целиот албум, додека на задната страна во аголот долу десно е добро познатиот лик на Маги, која е комплетен автор на третата тема на А страната, насловена „Djecja pesma“. Како и фаталната смрт на Маги во 2002 година, шест години пред неа, во 1996-та, и Вања Орлиќ замина од овој свет. Таа веќе неколку години живееше во Канада, откако кон крајот на 80-те , по распадот на Карлови вари, успешно водеше студио за модерен танц во матичниот Загреб.
Што уште да се каже за овој прекрасен бисер кој содржи 8 композиции? Веројатно ништо, бидејќи треба да се преслуша и да се издегустира на вистински начин. Само ќе споменам дека приказната ја заокружува преработката на темата „Get it on“ на T-Rex.
Е па, стисни PLAY & Гед ит он!!!
Од релацијата Загреб-Белград се селиме во Нови Сад, исто така еден од моќните музички центри во последните декади од минатиот век, од кој изнедрија имиња како Пекиншка патка, Луна, Ла Страда, Обојени програм…
Роден во 1961 година, Митар Суботиќ своето деби го издаде две години подоцна од Карлови вари, во 1987 година, под името Rex ilusivii (Невидлив крал). Како дипломец на Академијата за уметност во Нови Сад, на отсекот за композиција и оркестрација, тој сакаше да се занимава со музика од сенка, како анонимен автор. По неколкуте излети како клавијатурист во пар новосадски состави, тој се одлучува да го развива новиот експериментален звук, кој отсекогаш го привлекувал. Првите објавени песни се, како и во случајот со Карлови вари, на компилациите „Вентилатор“: „Zla kob“ на Vol. 1 (1983) и „Arabia“ на Vol. 3 (1985, заедно со Карлови вари). Конечно, во 1987 година, го издава деби албумот „Disillusioned!“ за продукцијата „М“ на Радио Нови Сад. Албумот е реиздаден во 2016 година од „Atlantide“, и токму ова реиздание е еден од драгоцените примероци во мојата скромна домашна ЛП колекција.
На плочата во лимитиран тираж од 500 примероци учествуваат Милан Младеновиќ (ЕКВ), Урош Шеќеров, Масимо Савиќ (Доријан Греј), Зоран Радомировиќ Шваба (Електрични оргазам) и белградската пијанистка Бранка Парлиќ. Оние што го сакаат проектот „Angel’s breath“ кој Суботиќ и Младеновиќ го снимија во Бразил, пред и обајцата набргу да заминат во вечноста, ќе сфатат дека неколку од темите на тој албум се всушност поместени на ова деби издание, но во малку поопскурна и поавангардна изведувачка форма.
Сепак, куриозитетот поврзан со овој албум се наоѓа на Б-страната на ЛП-то, во долгосвиречката тема „Thanx Mr. Rorscach – Ambijenti na muziku Erika Satija (1866-1925)“, посветена на славниот француски композитор. Митар Суботиќ композициите на Сати ги користел според принципот на Роршаховиот тест во психологијата, и базирајќи се на неговата визија, тој создава сопствени музички асоцијации. Токму затоа и на задната страна на обвивката читаме цитат од Орнела Волта од „Фондацијата Ерик Сати“ во Париз, кој вели: „Големо задоволство ни претставува што во Југославија работи музичаот Митар Суботиќ – Рекс илузиви, кој компонирал интересни работи, особено едно дело, еден омаж на Сати, токму на начинот на кој Сати најмногу сакаше – секој да го пронајде својот пат и својата личност. Музиката на Рекс илузиви го претставува токму остварувањето на таа формула, на таа постапка“.
Митар беше баран продуцент на екс-ЈУ сцената. Меѓу бројните албуми кои ги продуцираше фигурираат и „Болеро“ на Хаустор, „Хероина“ и „Ла Страда“ на истоимените групи, како и легендарниот „Само пар година за нас“ на Екатарина велика. По престојот во Париз кон крајот на 80-те, Суботиќ во 1990 година се сели во Бразил каде работеше музика за претстави, филмови, модни ревии… Во 1994 го реализираше споменатиот „Angel’s breath“ со Милан, а во меѓувреме создаде и свое реноме на светската музичка сцена со неколку фантастични електронски албуми под името Суба. На денот на промоцијата на албумот „Sao Paolo Confessions“, кој доби одлични критики, тој загина во студискиот пожар на 02 ноември 1999 година, обидувајќи се да спаси дел од траките.
Со напомена дека плочата „Disillusioned“ е посветена на „прекрасниот човек кој се вика Хрунди Бакши“, ве оставам истиот да го преслушате во целост.
Луѓе, уживајте, во овој луд-луд свет, само тоа и ни преостанува 😉
Извори: „Екс-ЈУ рок енциклопедија“ на Петар Јањатовиќ, Википедија…
Пингување: Совршен ден за банана риби - Херој на еден ден