„СНОВЕЊЕ“ од Лада Шоптрајанова Петровска

Деновиве од печат излезе третиот наслов во новоотворената едиција „Виртус“ на ИЛИ-ИЛИ. За разлика од првите два, превод на делата на францускиот писател Антоан Компањон, овој пат продолжуваме со домашна авторка, која ни раскажува искуствени музички приказни. Имено,авторката од 2017 до 2020 година соработува со весникот „Нова Македонија“, во кој еднаш седмично има своја рубрика насловена како „Музички приказни“. Ова нејзино литературно првенче е, всушност, збирка од музичките приказни објавени во весникот.

„Ракописот на Лада Шоптрајанова Петровска е пребогат и како книжевен и како музички поттекст. Како материјал, како краткотрајно задоволство напоено со знаење и компетенција. Повлекува врски и со филмот (конкретно во записите за Пучини и Моцарт), со ликовната уметност (Алма Малер – Густав Малер – Оскар Кокошка – Климт)… Шоптрајанова Петровска музичките дела ги ситуира во широко сензибилни контексти и тоа директно резултира со ЧИТЛИВОСТ, висока приемчивост на текстот“. Оливера Ќорвезироска

„Во секоја „приказна“ има приказна – има делче од нечиј живот, што го препознаваме како наш. Токму тоа давање живот на познатите и многупати преслушувани музички дела е тоа што ги прави овие редови посебни. Во современата униформираност, површност, забрзаност и избрзаност, во трката со времето и заборавањето на себе, Шоптрајанова Петровска нè поттикнува да си дадеме малку време за себе, да си погледнеме во срцата, да си го чуеме сопственото срце и да се препознаеме во величественоста на музиката за која пишува“. Славица Бабамова


Лада Шоптрајанова Петровска е родена 1972 година во Скопје. Основно училиште завршила во „Ј.Х.Песталоци“, а образованието го комплетирала на ФМУ во 1994 година. По образование и професија е виолинистка, а дополнително, по вокација – филигранистка и екологистка. Од 1993 година е надворешен соработник во Македонската филхармонија, а од 1995 до 2019 година нејзин редовно вработен член.

ИЛИ-ИЛИ,

Ваше право на добра КНИГА

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *