Стари концертни билети (1 дел)

Случајно или не, зачував еден куп концертни билети во стариот албум чии корици одамна се распаѓаат. Не се работи за класично колекционерство, туку едноставно за парче зачувана хартија која ме потсетува на убавите концертни моменти на омилените музичари, кои на овој или оној начин духовно ме обликувале, затоа што музиката навистина зазема значаен дел од мојот живот. И бидејќи ги има многу, решив да направам серијал од неколку текстови, започнувајќи со најзначајните меѓу нив, секако, зачинети со сеќавањата на времињата кога се одржале настаните. Ова е Part 1, а билетите се наредени хронолошки.

КБО

Трета година средно, само што започна второто полугодие. Моето огнено крштевање се случи на Правниот факултет, каде, види судбина, подоцна дипломирав и магистрирав. На Правен од страната, во подрумот, имаше едно мало клупче, „Кодекс“, за кое само бев чул, но никогаш не  го бев посетил. На покана на најдобриот пријател од класот заминуваме на концерт на крагуевскиот панк бенд „КБО“, кои исто така не ги слушав нешто особено, само пар песни, но панк сцената ми изгледаше привлечно и возбудливо. На тревникот во дворот од факултетот еден куп панкери. Во еден момент се случува неред, и речиси сите се упатуваат кон темниот дел од големото факултетско двориште. Дознаваме дека некој металец провоцирал, па отишле да се пресметаат со „неистомислениците“. Влегуваме внатре и го зафаќаме аголот веднаш десно од влезот. Просторот е тесен, бината речиси зафаќа половина од него. „Крагуевачки борилачки одред“, или едноставно „КБО“ беа фантастични, темите брзи и енергични, а шутката пред бината жестока. Јас збиен во ќошот бев фасциниран од енергијата која лебдеше во воздухот во толку малиот простор. По концертот, свеж воздух, и еден куп впечатоци. Коцката беше фрлена, магијата се случи, и немаше веќе простор за враќање назад.

Архангел + Санс

Концерт на Градежен? Внатре, во Архитектонски? Нема шанси! се чудам, но секако, едвај чекам да одам да го гледам и слушам најдоброто од македонската алтернатива во моментот. Архангел издадоа фантастично истоимено деби, а Санс го најавија својот првенец со неколку теми кои ќе ги отсвират и на концертот. Едно типче седнато на столче пред влезот на факултетот ни ја кине скромната карта испечатена на обична хартија, се качуваме горе по скалите, па лево по ходникот до крај, и доаѓаме до една голема долгнавеста предавална кадешто всушност и ќе се одржи концертот. Лудило! Санс се гитарско елегични и бучни, обидувајќи се да го дадат најдоброто од себе. Но сите ги очекуваат Архангел. „Ладно оружје“, „Исус“, „Молк“, „Превез“ звучат пророчки, додека Вртев гледа само во една точка на ѕидот отспротива. Незаборавно!

ЕКВ

Војната почна да ги зема првите жртви, а ЕКВ со „Дум Дум“ го предвидоа срањето кое ќе се случува на Балканот во 90-те. Не се сеќавам добро каде ги гледав при претставувањето на овој албум (пред и потоа имав можност да ги гледам уште пар пати, а еднаш дури и во Гостивар), но претпоставувам дека овој концерт се одржа во „Куршумли ан“ (тогаш таму се одржуваа повеќето од концертите), или можеби во МКЦ? Нејсе. Подоцна, во годината кога замина Милан (1994), ЕКВ направија феноменален анплагд концерт во „Студио 2“ на Македонската радио-телевизија, кој во живо беше пренесуван на Стотројка. Билетот од таму го немам, но одлично се сеќавам на целиот концерт, кој можете да го преслушате во целост на следниов линк: https://www.youtube.com/watch?v=ZVqBo5BHMH4

Лајбах

НАТО конечно влезе во Скопје во 2020 година, а ваквиот развој на настаните го најавија Лајбах уште на почетокот на 90-те години од минатиот век. Тогаш за прв пат се потстрижав до кожа, и толку многу ми се допадна, што пуцвалот набргу стана минато. За првиот концерт на култниот словенечки бенд во независна Македонија дури облеков и војнички чизми. Свирката на Сајмиште беше како и сите нивни подоцнежни гостувања кај нас: професионалнa, прецизнa и студенa. Младешката фасцинација од непознатото си го правеше своето. Следната година групата го издаде легендарниот албум „Нато“, за веќе во 1995 година повторно да не’ посетат, а градот беше излепен со црно-бели плакати на кои пишуваше „Нато влегува во Скопје“.

Ник Кејв & д Бед сидс

Будимпешта во 90-те беше вистинска концертна мека за Македонците, бидејќи поради дивеењето на војната, групите не се симнуваа подолу од унгарската граница, но и онака и дотогаш нешто не не’ играа, нели. Башка, оваа некогашна монархија се’ уште не ни размислуваше да ни воведе визи, па 18-часовниот пат со автобус до прекрасниот град на Дунав и не беше некоја тешкотија кога си млад и убав 😊 Ник Кејв и пајташите од Бед сидс го издадоа, според мене, нивниот најдобар албум во кариерата до ден-денес, „Let love in“, и благодарение на Ацо и неговата агенција „Еуротурс“ од Штип, два-триесет луѓе се упативме кон северот да доживееме двoиполчасовни убавини. И би така!

Концертот, кој се одржа на една отворена сцена над „Паркот на хероите“ пред околу 4-5 илјади фанови, претежно облечени во црно, беше феноменален (а како може со Ник поинаку?), а градот едноставно ви остава толкав впечаток, што морате пак да го посетите.

103 Урбан фестивал

Стотројка е во толкав голем налет, што регрутира слушатели како од шега. Бришаниот простор пред неа го освојува со секој следен потег, а најголемиот штотуку следи: по летниот распуст, голем концерт на стадионот на АРМ (зад Западната трибина), иако на билетот пишува дека ќе се одржи на скопското лизгалиште (не се сеќавам како се случила рокадата). Настанот е најавуван не само на Канал 103, туку рекламата одеше и на телевизиите штотуку испилени во етерот, сето тоа проследено со антологискиот плакат на Јане Сандански со гитара наместо со пушка во раката. Башка, настапуваат бендови од неколку соседни земји, како Албанија, Грција, Бугарија, што за тоа време беше вистински „сајанс фикшн“. Ѕвезди на вечерта – Архангел, кои со „двојката“ веќе одредено време жареа и палеа се’ околу себе. Во раните утрински часови прекрасно звучеа „Сениште“, „Дно“, „Разговор без смисла“, и секако, химната „Милион долари“.

Иги Поп

За кратко време, ете ме пак во Будимпешта. Овој пат на менито – мистер мадрфакин Иги Поп. Веќе цела година го слушав неговиот најдобар албум досега, „American ceaser“ (секако, субјективно!), а таткот на панкот, кој се’ уште е во енергични години, мораше да се види во живо. Настапи на истата концертна сцена „Petofi Csarnok“ како и Ник Кејв два месеци претходно, и – РАСТУРИ!!! Прво ја повика публиката на заеднички танц, пеејќи ја Стуџис класиката „I wanna be your dog“, и се фрли со се’ микрофонот врз кренатите раце на фановите. Откако обезбедувањето го врати на сцената, тој почна да им го покажува средниот прст пеејќи уште една класика, „No Fun“. Стариот пес си поигруваше со нас, одржувајќи ни лекција како треба да изгледа еден рокенрол концерт.

КУД Идиоти

Пред некој ден напишав текст за документарниот филм „Туста“ посветен на фронтменот на бендот, а таму и ја постирав токму оваа карта како потсетување на одличниот концерт на истарските панкери есента 1994 година во МКЦ. Немам што да додадам – антологија!

Стрип енд саунд фестивал

„Мјузик гарден“ во градскиот парк беше едно од местата кои оставија печат врз скопскиот ноќен живот неколку лета по ред. Пространиот простор зад стадионот на АРМ нудеше прекрасна сцена за живи настапи, а безбројните шанкови нудеа разни пијачки за релативно пристојни цени. Горан Таневски од „Мизар“ во 1995 година реши да направи еднонеделен фестивал со најдоброто од Македонија (и пошироко) во моментот, спојувајќи ги истовремено стрипот (изложба во Музеј на град Скопје) и музиката како две сродни уметности. Сцената во „Мјузик гарден“ неколку вечери по ред грмеше, и беше феноменално да се присуствува на таков настан. Ете го лајн-апот на билетот позади за секоја вечер засебно, настапи кои по никоја цена не смееше да се пропуштат!

Канал 103 – Прва петолетка

Првиот мал јубилеј на култната Стотројка, петтиот роденден, екипата го прослави во МКЦ со целовечерни концерти на дваесетина македонски бендови на два стејџа, најавени како „иднината на македонскиот рокенрол“. „Балкан експрес“, „Трачери“, „‚Чиста околина“ и се’ она што беше актуелно и авангардно во моментот беше таа вечер во МКЦ + надоаѓачкото техно + тетоважи + перформанси + графити + плочи + филмови… Па што би посакал еден млад човек повеќе од ова?

One thought on “Стари концертни билети (1 дел)

  1. Пингување: Лајбах в Битола - Херој на еден ден

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *