Лајбах в Битола

Со првиот снег дојдоа и Лајбах в Битола! Дефинитивно музички настан, или подобро, културолошки настан број еден викендов, ако не и месецов, во Македонија.

Битола не е избрана случајно како дел од турнејата на словенечкиот бенд. Лајбах се појави набргу по смртта на Тито во малото место Трбовље. Подоцна стана дел од музичкото крило на НСК, и по десетгодишно дејствување – оп, Словенија стана независна држава.

Лајбах на почетокот од 90-те два пати го посети Скопје. При втората посета градот беше излепен со постери на кои ни се соопштуваше дека „Нато влегува во Скопје“. И по две ипол децении транзиција – оп, станавме дел од НАТО.

Еве што напишав во текстот „Стари концертни билети 1“ за тогашниот концерт:

„НАТО конечно влезе во Скопје во 2020 година, а ваквиот развој на настаните го најавија Лајбах уште на почетокот на 90-те години од минатиот век. Тогаш за прв пат се потстрижав до кожа, и толку многу ми се допадна, што пуцвалот набргу стана минато. За првиот концерт на култниот словенечки бенд во независна Македонија дури облеков и војнички чизми. Свирката на Сајмиште беше како и сите нивни подоцнежни гостувања кај нас: професионалнa, прецизнa и студенa. Младешката фасцинација од непознатото си го правеше своето. Следната година групата го издаде легендарниот албум „Нато“, за веќе во 1995 година повторно да не’ посетат, а градот беше излепен со црно-бели плакати на кои пишуваше „Нато влегува во Скопје“.

Во меѓувреме, Лајбах станаа глобално влијателни, а за нивната посета и концерт во Северна Кореја се пишуваше и коментираше долго време.

Затоа еден битолски кабадаја во очи на концерто изјави: „Еми, Северна Кореја и Битола, тие сме, толку сме“ 🙂

Според фотографиите „позајмени“ од среќниците кои синоќа го гледаа нивниот концерт во Домот на културата, во рамките на „Фестивал на музика на светот“, настанот бил светски. Којзнае какви сублиминални пораки пратил бендот до присутните. И ќе повторам, познавајќи ја работата на Лајбах, тоа воопшто не е случајно.

Затоа, драги Битолчани, во следниот период, Вие сте на потег 🙂

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *