„Странци“ на Паоло Геновезе

„Мислам дека имаме хит“, на времето велеше еден тип кој денес е во сосема поинаква улога, но можеби и не толку далеку од театарската. За еден театар е многу важно да има пар хит-претстави, но не оние кои служат за хахаха-хихихи (за тоа си постои театар „Комедија“), туку вистински интелигентни претстави за кои потоа уште долго ќе се зборува. Ми се чини дека комбинацијата Геновезе-Витошевиќ е добитна. Текстот на Геновезе е доволно провокативен, а режијата на Витошевиќ сосема паметна, и во тој случај, многу е веројатно дека крајниот резултат е – театарски хит!

Следен важен момент е како ја рекламирате претставата. Еве го текстот кој дефинитивно ќе го привлече во театар и најзакоравениот фанатик кој по цели денови не станува од пред екранот:

„Што ќе се случи доколку скришно ѕиркате во телефонот на другиот? Соочувањето со вистината решава или пак отвара нов проблем? Колку вистината за/на другиот удира директно во неговиот приватен простор, а колку задира вопросторот на останатите? Дали соочувањето со вистината од нас прави подобри луѓе?Мобилните телефони се нашите „црни кутии“?! Колку овие „црни кутии“ не оттуѓуваат еден од друг?“

„Странци е „драмомедија“ во која седумина пријатели играат игра во која ги споделуваат сите телефонски пораки, разговори, фотографии, комуникациите преку социјалните мрежи и на тој начин ги откриваат личните тајни, отвoрајќи болни конфликтни ситуации. Паралелните дејства создаваат сценска наративност која не се стреми да го означи крајот, туку расте во широчина, се’ во име на вистината. По соочување со неа, следи судир со малку поинаквата вистина, во која фактите стануваат помалку влијателни отколку што се тоа емоциите и личните убедувања. Дали на тој начин светот станува подобро место за живеење? И уште еднаш, дали соочувањето со вистината од нас прави подобри луѓе?“

Многу пати и на филмскиот екран сме гледале ваков тип на соочувања меѓу протагонистите, некогаш повеќе, некогаш помалку успешни. Една од добитните комбинации за овој сензибилитет на текст е успешниот кастинг. Во случајов се покажува и докажува дека до неодамна младата генерација во „Драмски“ во меѓувреме созреала и сосема подготвено може да се носи и со зрели предизвици, со ликови на прагот од средните години кои и покрај предвидливоста, сепак не знаат што ги очекува зад аголот. Токму актерите и актерките во претставата се оние кои од „Странци“ прават сосема гледлива и супер успешна претстава, притоа отворајќи безброј теми од современието кое го живееме. Затоа и се бара билет повеќе во „Драмски“. Посакувам најмалку стота изведба!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *