Суперхикс анплагд

Како да се заокружи 30-годишниот јубилеј од постоењето, освен со уште еден триумфален настан. Браво момци, браво Суперхикси! Во неделата се случи првиот од двата најавени „анплагда“ на бендот кој на музичка сцена како нашата, на која нема правила на игра, успева да опстои полни три декади со еден куп албуми и песни зад себе. По големиот концерт летото во паркот во Кисела вода, овој пат во истата општина, но во прекрасниот Дом на култура „Билјана Беличанец“, деветчлената банда успеа да направи акустична прошетка низ материјалот кој супериорно го градеше од година во година, за на крајот да станат една од ретките македонски групи со вистински интегритет.

На почетокот од 90-те се случи големата „гранџ“ експлозија, поддржана од тогаш релевантната „MTV“. Одговорните во некогашната популарна музичка телевизија решија да го исцедат движењето до максимум, правејќи серија на акустични концерти со гранџ-ѕверките, скротувајќи ја нивната електрична енергија во нешто помеко и послушливо за поширокиот круг на слушатели. По одредена временска дистанца, тој потег се покажа како одличен, затоа што „анплагд“ концертите на „Нирвана“, „Прл џем“, „Алис ин чеинс“ и останатите и ден-денес се едни од најдобрите воопшто. Моделот како мода беше прифатен насекаде, подоцна формулата отиде понатаму со заедничко свирење на бендовите со филхармониските оркестри, и така во недоглед. Суперхикс во неделата (а верувам и вечерва) си го направија ќеифот и ги почестија верните фанови со порција акустична убавина на свој, автентичен начин, изведувајќи дваесетина песни во „анплагд“ верзија, повеќето од нив со нови аранжмани, на изненадување на сите.

Но вредните момци во заокружувањето на јубилејот отидоа и чекор потаму. Имено, пред концертот публиката имаше можност да ја погледне изложбата во холот, низ ходниците и во подрумските простории, составена од концертни постери, видео-спотови, исечоци од весници, награди и разни други дрангулии поврзани со нивното егзистирање. Убаво беше да се видат имињата со кои настапувале Хикси на европските концертни сцени, една лепеза од познати и помалку познати имиња кои го сочинуваат музичкиот универзум во последните три декади. Алал вера!

Враќајќи се назад во салата, каде бендот не’ забавуваше речиси два часа, да го споменеме и моментот кога освен базичниот (анти)херој од Алан Форд, според чие име е наречен самиот бенд, беше промовиран и новиот суперхерој наречен „Правда“, како вистинска сценска поддршка на истоимената (мојата најомилена) тема од новиот албум „Сила и нервоза“, создадена во соработка со бендот „21 век“. Во овие времиња, навистина на сите нам ни треба еден силен „Правдамен“.

Од многуте убави моменти, можеби најпрекрасен беше изведбата на популарната „Глупави песни“ со босанова шмек, или, како што најави Пеце, во „Дарио и Миг 21“ стил. Онака како што треба – чилакс, опуштено, фантастично!!!

Фала момци за уште едно незаборавно доживување! Па вие сте знаеле да свирите, да сибете векот 🙂 Со овој/овие концерт/и, освен електрична, им дадовте и акустична патина на вашите песни. Патина, каков збор, а! И знам дека после овие свирки нема да станете (денарски) милионери, затоа, она што останува е само искрената насмевка:

Насмевни се за времето лошо

Насмевни се ќе биде баш добро

Насмевни се за долгови стари

Смеј се само, смеј се, не е се’ во тие пари…  

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *