Оваа година ИЛИ-ИЛИ го слави своето полнолетство – 18 години од постоењето. Одбележувањето на влегувањето во „зрело доба“ ќе се случи наесен, кога низ промоции на нови иданија од македонски автори, но и гостувања на писатели од регионот, ќе се обидеме да оставиме печат врз случувањата на домашната културна сцена. Сето ова беше инспирација да се потсетиме на првото издание на ИЛИ-ИЛИ, она со кое започна популарната едиција „ПРОаЗА“, која во моментов брои 181 книга, а на пат е веќе и следната. Секако, станува збор за преводот на култниот роман „Читачот“ на германскиот автор Бернхард Шлинк, кој уште на почетокот наиде на одличен прием кај читателите, за во годините потоа да доживее уште неколку (ре)изданија.


