По повод излегувањето на неговата дебитантска книга, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“ во 2010 година, Александар Русјаков во едно интервју насловено „Пишувам раскази за љубовта“, изјави: „Често се навраќам на љубовта, зашто неа ја има насекаде околу нас, и само со љубов може да одиме напред и да успееме во тоа што го правиме“. Тој и во следните изданија за издавачката куќа „ИЛИ-ИЛИ“ продолжи книжевно, низ поезија и проза, да ја третира љубовта од различни аспекти, прилично автентично и со својствен стил. За жал, прекрасната книга „Тринаесеттиот месец“ која содржи шест приказни како дел од поголема целина, никогаш не доживеа своја завршна реализација, останувајќи само на првата замисла која се протега од јануари до јуни. Приказните од јули до декември не ја видоа светлината на денот поради други ангажмани на Русјаков, како и завршниот, тринаесетти месец. Сепак, добриот материјал секогаш наоѓа процеп во темнината. Првиот расказ, или новела (ако сакаме жанровски да ја тапиме), „Лена и Владимир“, деновиве можеме да го гледаме и на големото платно, во режија на дебитантот Игор Алексов. На тој начин фино се затвора кругот околу ова парче уметност.
Читај повеќеТаг архива: кино
Кон „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска
До неодамна, омилената адреса на сестрите и брат Митевски беше Берлиналето. Откако во 2019 година со „Господ постои, името и’ е Петрунија“ конечно влегоа и во главната фестивалска селекција, тие со своето актуелно остварување решија да бидат дел од најстариот филмски фестивал во светот, Венециската Мостра. По премиерата на „Најсреќниот човек на светот“ во селекцијата „Хоризонти“, а веднаш потоа и учеството на исто така престижниот филмски фестивал во Торонто, македонската премиера на филмот на режисерката Теона Стругар Митевска се случи на 27 октомври во киното „Милениум“. Во очекување на редовното прикажување на ова целовечерно осварување во наредниот период, решив освртот да го оставам токму во деновите кога тој ќе биде дел од репертоарот на домашните кина. Конечно, во следните денови домашната публика ќе може да го погледне филмот во неколку кинотечни термини. Иако помина прилично време од премиерата, белешките се тука, впечатоците се малку избледени, но не и заборавени, и во следните редови ќе се обидам да проникнам зошто Митевска во своето шесто целовечерно остварување решила да ги третира траумите од босанската војна во последната декада од минатиот век.
Читај повеќеКон „Аватар 2: Патот на водата“
Пред некој ден, при случајна средба, еден познаник со кој не сме се виделе одамна, по вообичаените „како-си-шо-праиш“, не’ фати онаа мала, непријатна тишина кога не знаеш како да продолжиш понатаму, и во моментите кога веќе се немаше каде, тој како од пушка го исфрли прашањето: „Што мислиш, кои филмови годинава ќе добијат Оскари?“ Ме фати сосема неподготвен и затечен, и решив, како и секогаш, да ја кажам вистината, и само вистината: „Јас одамна не следам што се случува со Оскарите“. Тој ме погледна, заниша со главата горе-долу во знак на одобрение, и констатираше: „Аааа, ти си по оние Кан-ман, Берлин, Венеција…“ Слатко се изнасмеавме, се поздравивме и се разделивме, оставајќи ме попат да заклучам дека навистина во последниот период многу повеќе ја следев и третирав седмата уметност која не беше произведена во холивудските студија. Впрочем, како и во најголем број од случаите откако 25 години се занимавам со филмска критика. Но, секогаш постои она „со чест на исклучоците“, а во случајов тоа е вториот дел од филмскиот спектакл на Џејмс Камерон насловен „Аватар: Патот на водата“.
Читај повеќе