Таг архива: Ѓорче

Ѓорче и Битола – две винилни компилации за едно големо задоволство!

Вчера во „Дајмонд мол“ се случи пазар на плочи на кој присуствуваа десетина изложувачи кои, според реакциите на посетителите, имаа сосема задоволувачка понуда. Со тоа уште еднаш се докажа дека винилот во последнава деценија и кусур е единствениот носач на звук за кој се’ уште има интерес и кој се’ уште е на цена. Убаво беше да се видат старите колекционери-мрчатори на едно место како повторно ги преџвакуваат веќе слушнатите приказни, но и новите генерации како си бираат албуми оригинално објавени во години кога тие воопшто не биле ниту идеја, а веројатно и нивните родители се’ уште не си беше фрлиле мерак. Се разбира дека во таква пријатна атмосфера човек може да потроши вистинско богатство пополнувајќи ги дупките во својата домашна колекција која функционира како бунар без дно, па затоа се одлучив да им дадам шанса на две тазе компилации од домашни артисти, чија вредност во следните години може само да расте. И не згрешив!

Читај повеќе

Кон „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски

На затворањето на „Синедејс“ во неделата се случи македонската премиера на „Исцелител“, дебитантското остварување на режисерот Ѓорче Ставревски, кој по долгогодишна работа на ова негово прво чедо конечно ни го подари нам, на публиката, надевајќи се дека на моменти непријатните пост-продукциски искуства сепак на крајот ќе имаат исцелувачка моќ врз неговиот филмски ентузијазам, зашто, едноставно, мора да биде така и никако поинаку. Филмот веќе игра на редовен репертоар во „Милениум“ и „Синеплекс“, а прекрасна увертира имаше само две недели претходно, кога на Солунскиот филмски фестивал екипата ја доби наградата од фестивалската публика, што понекогаш е далеку подрага, посуштинска и со многу поголема тежина отколку официјалните награди доделени од жирито, кои честопати се мерат на некаков си (лоби/политички) кантар. Затоа сега Ставревски слободно може да викне: „Солун е НАШ!“, бидејќи, според информациите, само еден филм пред „Исцелител“ добил поголем број на гласови од публиката во долгогодишната историја на престижниот фестивал.

Читај повеќе