Ѓорче и Битола – две винилни компилации за едно големо задоволство!

Вчера во „Дајмонд мол“ се случи пазар на плочи на кој присуствуваа десетина изложувачи кои, според реакциите на посетителите, имаа сосема задоволувачка понуда. Со тоа уште еднаш се докажа дека винилот во последнава деценија и кусур е единствениот носач на звук за кој се’ уште има интерес и кој се’ уште е на цена. Убаво беше да се видат старите колекционери-мрчатори на едно место како повторно ги преџвакуваат веќе слушнатите приказни, но и новите генерации како си бираат албуми оригинално објавени во години кога тие воопшто не биле ниту идеја, а веројатно и нивните родители се’ уште не си беше фрлиле мерак. Се разбира дека во таква пријатна атмосфера човек може да потроши вистинско богатство пополнувајќи ги дупките во својата домашна колекција која функционира како бунар без дно, па затоа се одлучив да им дадам шанса на две тазе компилации од домашни артисти, чија вредност во следните години може само да расте. И не згрешив!

Што имаат заедничко Ѓорче Петров и Битола? Ниту Ѓорче ниту Битола имаат аеродром, но затоа од неодамна имаат солидни винилни компилации кои ги овековечуваат овие два топонима за вјек и веков. Џорче, како западно предградие на Скопје, отсекогаш имал силна музичка сцена која го облагородувала не само локалниот, туку и градскиот, скопски живот. Битола, пак, отсекогаш имала афинитети кон музиката (впрочем, неретко Битолчани го истакнуваат фактот дека „на времето“ во секоја втора куќа имало клавир), па редно беше оттаму да изнедри едно ЛП на кое ќе биде сместен мал дел од музичката понуда што конзулскиот град ја има во претходните децении. Затоа објавувањето на овие две компилации го сметам за значаен момент, и затоа нивното купување беше во мојот фокус на саемот на плочи, но и на текстот што веќе го читате.  

„Корпус деликти“ на Тошо Филиповски во претходните неколку години објави десетина плочи од македонски бендови, со што ја живна музичката издавачка дејност кај нас. Неодамна во соработка со „Кичма рекордс“ ја објавија компилацијата насловена „This is Gjorce Petrov, not Skopje“, со што ја локализираа музичката приказна во едно од најпотентните музички гета на метрополата. Малку несреќно избраниот наслов како да сака да го отфрли главниот град од приказната, иако музиката од предградијата отсекогаш била онаа главна и моќна сила која на центарските момци им покажувала каде се енергијата и срцето на човекот преточени во моќен музички израз. Само да потсетиме дека гранџот токму од предградијата на Сиетл стана глобален феномен. Исто така, оваа збирка прекрасни песни, неоптоварена со доминатниот локален патриотизам, докажува и дека речиси во секој дом се крие по некоја чувствителна душа која своите размислувања на најдобар можен начин ги претвора во песни кои потоа остануваат како наше наследство и сеќавање на времето во кое сме живееле и бивствувале.

Киното во Ѓорче беше едно од свратилиштата во 90-те години од минатиот век секогаш кога ќе дознаевме дека „Ласт експедишн“ имаат јавна проба. Некогашниот (и денешен) објект од културата, тогаш веќе во благо распаѓање, беше одлична платформа за надоаѓачката алтернативна градска сцена која владееше со чувствата на младите во таа деценија обременета со крвавиот балкански пир. Токму затоа ме зачуди фактот што ниту една тема од „Ласт експедишн“ не е сместена на првата компилација за Џорче, но Тошо Филиповски, носејќи маица од токму од овој бенд, неофицијално најави и втора, и трета плоча со музики од западно Скопје, сметајќи тука и на подоцнежните музички инкарнации на Сецко („Мугер фугер“, „Карла Левински“…), така што, еве, ќе го држиме за збор. Интересно, изданието е поддржано од општината, што е убав показател дека ако се сплотат добрата идеја и чувството на градоначалникот дека истата треба да се поддржи, тогаш само небото е лимит. Посакувам што повеќе вакви примери кои оставаат трага зад себе, за разлика од стотиците илјади залудно потрошени пари од граѓаните за „проектчиња“, кои се забораваат уште следниот ден.

Првата ЛП страна, штосно насловена „Ѓ“, ја отвора виртуозот на гитара Мухамед Ибрахими. Темата „Fly“ од неговиот истоимен деби албум е фина увертира во богатството од звуци што следи на компилацијата. Приказната продолжува со бендот што отсекогаш делувал „од позадина“, но во тоа всушност лежи и неговата сила. „Милко“ со „Тажен понеделник“, како референца на славниот сингл „Blue monday“ од New order, е релевантен репрезент на современиот ѓорчепетровски гитарски риф. Првата половина на страната ја заокружува големиот хит „Ужасно ми фалиш“ на „21 век“. Васко со неа докажа дека знае да направи хит кој ќе се врти и на комерцијалните радио-станици, создавајќи ја со пајташите најубавата весело-тажна песна во поновата македонска музичка историја.

Втората половина на „Ѓ“ на страната е обременета со пожестоки звуци, обојувајќи го крикот од предградието на „велеградот“ со подинамични бои. „Мариналеда“ со „Слушај што ќе ти кажам“ е прецизна општествена дијагноза на младоста во овој град, која се обидува да го најде своето место под сонцето. „Смут“ ја продлабочуваат темата, разголувајќи го современието од Бог до Јуда, од небото до пеколот, низ впечатливиот вокал на Иловски Ѓорѓи. Фала момци, тие навистина „успех нема да ти простат“, што е генералната болка во ова наше мочуриште. Тоа понекогаш доведува до борба со себеси, иако си свесен дека си сосема во ред и стоиш цврсто на земјата. Таа состојба „You“ низ мелодични гитари ја донесуваат до совршенство во темата „I failed me“. А „Disease“, пак, иако се свесни за можноста дека можеби „ќе завршат под мостот“, сепак во истоимената жестока тема која ја затвора првата ЛП страна исфрлаат еден тон енергија и отрови од себе, за потоа да може прочистено да се преслуша следната ЛП страна.

Втората, „П“ страна на ЛП-то „This is Gjorce Petrov, not Skopje“ ја отвора темата „На старите станици“ на актуелните и потентни „My tear“, позитивната приказна на западно Скопје. Тие низ мелодичен визир и повик на танц ја раскажуваат тажната приказна за осаменоста во предградието, со трошка надеж за подобро утре. Гитаристот, вокалист и текстописец Сашо Митревски од веќе застапените „Милко“ го продолжува филингот низ Славко-Јаневската „И бол и бес“, во која резигнирано констатира дека додека „ситните души се накотиле, ѓаволот тука го спуштил сидрото“. Но, не е се’ така црно. Впрочем, објавувањето на самата компилација е доказ за тоа, како и присуството во неа на темата „Herdo Kurdo“ на бендот „Blla blla blla“. Највеселата, најпозитивната тема на плочата дефинитивно им припаѓа на Идриз и компанија, конечно засенувајќи ја славната тема за нигерсикиот фудбалер „Бабајаро“, кој ни крив ни должен си доби своја песна во наш контекст.

Себеиспитувањето е одлика на сите големи уметници. Синиша Цветковски освен тоа што е одличен уметник, тој е и добар музичар. Нурнувањето во себе во темата „Кажи ми“, каде уметникот Шиљо разговара со човекот Синиша Цветковски разголено и искрено, само низ гитарски риф и краток, но моќен текст, е чесен трубадурски момент кој веројатно доаѓа кај секој самосвесен уметник со влегувањето во средното доба од својот живот. Македонскиот блуз на Шиљо го продолжуваат асли блузерите „In the mood“ со перфектно изведената тема во американски стил „Breeding ground for blues“.

А крајот? Крајот е резервиран за новиот здив од предградието, последниот кислород што може музички да се вдахне преку хип-хоп изразот. „Зад аголот“ и „Стиховен калибар“ се едни од најавтентичните претставници од западно Скопје, кои во своите рими ја лоцираат сета бесмисла и неправда во која живееме. Интересно, „Зад аголот“ локалната приказна ја претвораат во градска, повикувајќи се на Скопје како главен „виновник“, но и двигател на нивниот светоглед, суптилно користејќи стара скопска шансона и миксајќи ја со генералното чувство кое преовладува во песната. Кај Горан Јанкуловски ака „Стиховен калибар“, пак, нема отстапки. „Све у ПМ“ во соработка со Горан Трајковски е посакуваното крешендо на компилацијата, директно во фаца, за да се знае дека се’ уште постојат луѓе што размислуваат со сопствената глава.

Во одредени елементи, „битолската компилација“ е слична „со „ѓорчепетровската“, особено во делот со хип-хопот како современо изразно средство, но со уште подрастичен рез. Имено, ЛП-то е поделено на две сосема различни звучни слики, во кои доминираат „еклектиката“ и „раперистиката“. Но, најпрво да тргнеме од името. „We pretend It’s a city“ е компилација посветена на Битола, каде уште во насловот се крие оној суптилен „битолски хумор“ кој сите ние го сакаме. „Се преправаме дека ова е град“, бе, колку духовито 🙂 Но само чекор потаму, ова е сериозна компилација со сериозни музички бисери, која само загребува на површината од сето она што може да се смести на една себитолска збирка на песни. Затоа, како и во претходниот случај, се надеваме дека ова е само зачеток на една благородна идеја која ќе продолжи да се развива и во иднина.

Објавувањето на ЛП-то со одличен, современ дизајн, со малку послаб квалитет на картонот, но со прекрасен буклет кој содржи воведен текст и текстови од песните, е поддржано од МК, а посветено е на Мирко Попов („Не сите Битолчани се родени во Битола“).

Компилацијата се отвора со што друго, ако не со „Битола“ на Крсте Роџевски. Битолчанецот со њујоршка адреса, кој во изминатата деценија ни подари неколку прекрасни албуми, во темата посветена на неговата „прва љубов“ ни го враќа она чувство за старите, добри времиња и некои други критериуми и преференци кои важеа меѓу луѓето, особено меѓу Битолчаните. Впрочем, љубовта и слободниот лет на Масарките отсекогаш оделе во пакет. Љубовта доминира и во следните теми на страната. Еден од локалните бендови со долг стаж, „Паркети“, во песната „Бал“ мелодично си играат со замислата „а што ако во Битола се вратат баловите, а јас те поканам на еден танц“? Панкер и шминкерка звучи како откачена секси комбинација 🙂

Бранко и „Фолтин“, пак, предупредуваат дека на „љубовта со данок на додадена вредност“ и’ се заканува опасност од укинување, во овие времиња-невремиња во кои таа, „љубовта“, не е веќе на цена, туку предмет на калкулација. И на крајот од „А“ страната, „Corrosion“ во темата „Чернобил“ се во потрага по пестицид кој ќе ги извлече од „трујачите“, секако, во потрага по совршената љубов. Морееее, Битолчани ej – све љубовџии 🙂

„Б“ страната е сосема друга приказна. Продуцентот Никола Димитровски, со желба да го истакне новиот израз, ни „подарува“ четири хип-хоп композиции од актуелни изведувачи, кои неретко можеме да ги сретнеме и во живо, на сцената. „Битола“ на Princess Donatsu е слика и прилика на разбирањето на светот од страна на новата генерација која сака да се занимава со музика. Низ едно „лејзи“ темпо, темата е фин вовед во она што следи, а следи Johnny Larry со „Johnny Amaterche“ како разголување на локалната екипа и досадата во која живеат, со повремени испади до Стење со Фабијата. Оваа привидна опуштеност и летаргија тематски ја „разбиваат“ следните две ангажирани теми. Donplaya со „Donpleyada“, од Пелистер преку Шара до Водно, низ ликови од Латас до Баба Рада, и’ удираат шамар на реалноста, која мириса на „мара“. Впрочем, како што велеше Шекспир, „Животот е сон“, братче. И додека англискиот бард е завален на шанко нервозен што „кашкавало во Тинекс му го сечат танко“, Bon Praskiza се јавува од прашливиот „Каменолом“ каде вредно ги бруси новите стихови што немилосрдно го обликуваат времето во кое живуркаме.

Не за бадијала Шопенхауер истакнал дека „музиката е најголемата од сите уметнички форми“. И покрај милјето во кое живееме, ќе продолжиме да пишуваме и да создаваме добра музика, на тој начин оставајќи трага зад себе. А што друго ни преостанува?

Од вчера сум „навлечен“ на двете компилации, непрестано менувајќи ја иглата од едната на другата, посакувајќи да има што повеќе вакви изданија во иднина. А сега оставете ме раат, толку од мене… а да, одам да сменам страна… на ЛП-то де 😉