По повод 75-годишнината од ослободувањето на Скопје, Македонски пошти, како што вообичаено се прави по повод вакви значајни јубилеи, ја промовираше новата поштенска марка. На неа е претставен споменикот „Ослободители на Скопје“ од 1955 година на вајарот Иван Мирковиќ, кој, интересно, е направен од бронзата на спомениците кои гордо стоеле покрај Камениот мост за време на СХС, а кои, откако биле симнати, долго време стоеле во магацин во Даут пашиниот амам, за на крај да ја најдат својата соодветна примена во новата скулптура која и ден-денес е поставена во дворот на владината зграда (голема благодарност за овие информации до писателот Благоја Иванов).
Во ИЛИ-ИЛИ од минатата година ја имаме книгата „Скопје на поштенски марки“ на авторите Климе Поповски и Виктор Габер. Со поднаслов „Историја и мотиви“, страсните филателисти на едно место ни го претставуваат главниот град низ поштенски марки, чија презентација е проследена со соодветни текстови, како мал историјат на Скопје низ децениите наназад, и еден поинаков увид во културно-историските збиднувања на овие простори во текот на 20 век. Двојазичната книга (македонски и англиски) минатата година ја доби наградата „Голем позлатен медал 2018“ на филателистичката изложба во Верона, Италија, како доказ за нејзината вредност и значење.