Филм што се шлепува на стара слава

Пет години беа потребни да се расипе впечатокот и да се упропасти една интересна идеја, која во времето кога се појави, претставуваше вистинско освежување. Филмот „Такси“ кој се најавуваше како ново остварување под покровителство на продуцентската куќа на големиот Лик Бесон, во 1998 година не само што беше најуспешна француска комедија, туку успеа да ги поднасмее и студените Британци, нарцисоидните Американци и останатата публика ширум светот. Французите уште еднаш покажаа дека нивната кинематографија во последните десет години и тоа како е витална, произведувајќи филмови и со уметнички и со комерцијален карактер, за момент засенувајќи ја доминацијата на Холивуд.

Две години подоцна, со истата актерска екипа, само со нов режисер (на местото на Жерар Пирес дојде Жерар Кравчик), продолжението на „Такси“ го повтори успехот на првенецот, нешто што обичено ретко се случува, зашто е познато дека ниту еден филмски оригинал не е надминат од неговите наследници. Можеби најзаслужен за тоа е токму Кравчик со многуте нови елементи и решенија во продолжението, со што успеа да ги потсети фановите на првиот дел, но и да регрутира нова публика која со ист интензитет ќе ги доживее новите лудории на блесавиот таксист Даниел (Семи Насери), трапавиот детектив (Емилиен Фредерик Дифентал), привлечната полицајка Петра (Ема Сјеберг) и „фикс-идеја“ инспекторот Жибер (Бернар Фарси).

Третото, пак, актуелно продолжение на сагата за марсејското такси кое не може да го фати ниту еден мерач на брзини, не е ништо друго туку „мачкање очи“ и шлепување на стара слава. Со истиот режисер и старите ликови од филмското платно, сега малку подостарени, „Такси 3“ ниту за момент не го задржува вниманието на гледачот. Не функционира ниту појавувањето на Силвестер Сталоне во една камео улога на почетокот од филмот. Сето тоа изгледа лабаво, изнасилено и неинтелигентно.

Во „Такси 3“ повторно, како и во вториот дел, лошите момци се од жолтата раса. Тие дури и не се толку лоши – многу малку време се појавуваат на екранот за да можат да ја оправдаат својата улога. Затоа не зачудува моментот кога ќе сфатите дека главното дејство и потерата по нив доаѓаат речиси одеднаш и од никаде. Истото важи и за разврската, во која бркотницата по снежниот терен воопшто не е атрактивна, нема логичен развој и завршува инстантно. Во третиот дел, за жал, се насетува амбицијата на филмската екипа наскоро да видиме и четврто продолжение, со вметнување во приказната на моментот на очекување на принова во семејството на Даниел и Емилиен.

Сепак, не е се’ толку црно, ќе завршиме со неколкуте нови елементи кои ги нуди „Такси 3“. Брзото ролање низ улиците на криминалците и урнебесната расеаност на Емилиен, кој осум месеци не забележал дека Петра е во блажена состојба. Сепак, тоа не е доволно за онаа, попрофилираната публика, која очекува многу повеќе. Затоа, „тројката“ е препорачлива за помладата генерација, чии очекувања се забавата и… заборавот.

@Текстот е објавен во „Дневник“ на 3 ноември 2003 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *