Филм од кој замрзнува крвта во вените

„Прстенот“ на Гор Вербински е вистинска провокација за сите љубители не само на психолошкиот трилер и хорор жанрот, туку воопшто, за сите филмофили, повторно да седнат во затемнетата кино сала и конечно, после подолго време, да почувствуваат замрзнување на крвта во вените од уверливоста на она што го гледаат на платното. Доколку високото ниво на адреналин е еден од реперите за тотално уживање во едно филмско дело, тогаш овој филм дефинитивно ви го нуди тоа без срам и предрасуди.

Снимен според ултра-популарниот јапонски хорор „Рингу“ од 1998 година, филмот започнува со типичен, веќе виден хорор трик од „Вресок“ (1996): две тинејџерки, добри пријателки, се подготвуваат за спиење. Едната ја раскажува урбаната легенда за видео-касетата која, откако ќе ја изгледаш, ти остануваат уште седум денови од животот, бројка која ти ја соопштува морничав глас откако ќе заѕвони телефонот. Другата девојка вели дека неодамна ја гледала касетата и… телефонот заѕвонува!!!

Откако смртта на неколку млади луѓе (сите од нив „уживатели“ на материјалот од фаталната видео-касета) во исто време, но во различни околности, ќе ја заинтересира новинарката Рејчел Келер (Наоми Вотс), таа тргнува во потрага по разоткривање на мистеријата, и го поминува буквално истиот пат како и нејзината почината внука. Откако и таа ќе ја изгледа касетата и ќе и’ заѕвони телефонот, приказната почнува прекрасно да се развива, играјќи си со нашите чувства и стравови воведувајќи не’ како гледачи во многу нови и непредвидливи ситуации, се’ до неминовниот крај и разрешувањето на приказната. Рејчел во меѓувреме ќе побара помош и од поранешното момче, техно-фрикот Ноа (Мартин Хендерсон), како и од нивниот син Еидан (Дејвид Дорфман), кој поседува неоткриени телепатски способности и комуницура со Самара, девојката-виновник за целата ситуација.

„Прстенот“ е еден од оние филмови кои ги нарекувам „чист филм“. Секој кадар, секоја секвенца, секоја сцена е фантастично осмислена, снимена, измонтирана, без ниту една фалинка или празен од. Во тој перфекционизам, највеќе фасцинира материјалот кој го содржи фаталната видео-касета, кој е вистинско уметничко ремек-дело. Краткиот црно-бел филм кој длабоко вознемирува наликува на соработка меѓу Дали и Ворхол, монтирана од Линч. Искривени огледала, духови, око на непознат набљудувач, дозирана телепатија, мистериозна смрт… Готика, чиста како солза! За сето ова се заслужни директорот на фотографија Бојан Базели, дизајнерот Том Дафилд, композиторот Ханс Цимер, чија музика постојано ве држи во оф-баланс, како и монтажерот Крег Вуд, чија занаетчиска работа ве тера постојано да потскокнувате од столчето.

Секако, главни носители на успешноста на проектот се актерите. Наоми Вотс, по одличната улога во „Булеварот Малхоланд“ (2001), конечно доби и главна улога и ја искористи шансата за да го покаже талентот што го поседува. Веќе споменатите Хендерсон и Дорфман се коректни, а кастингот го заокружуваат Брајан Кокс и Џејн Александер, чии ликови и даваат длабочина на приказната.

По фантастичното изненадување пред две филмски сезони, „Шестото сетило“ на Нејт-Шејмалан и „Другите“ на Аменабар, и „Прстенот“ на Вербински се вклучува во лигата на високобуџетни филмови кои со својата поетика и запазување на сите жанровски елементи, остануваат автентични и свои. Со изострено око за визуелен детаљ и истенчено чувство за постојан суспенз, режисерот „ни подарува“ стилизиран филм кој по гледањето и доживувањето останува длабоко под кожата. За работата на легендарниот Хичкок на неговиот култен филм „Психо“ (1960) еден филмски критичар напиша дека си игра со трпението на публиката како да свири на пијано. Тогаш, за делото на Вербински слободно можеме да заклучиме дека е работа на вистински мајстор.

@Текстот е објавен во „Дневник“ на 24 јули 2003 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *