Борба против најтешкиот противник – животот

Основното прашање кое веројатно многумина си го поставија кога слушнаа за снимањето на филм во кој се разголува животната приказна на еден кечер, беше: „Зарем некој може да сними квалитетен филм за оние „лажни шоумени“ кои само скокаат во и надвор од рингот, глумејќи лудило?“ Но кога се дозна дека зад проектот стои култниот Дарен Аронофски, работите се избистрија. „Кечерот“ уште при премиерниот настап го доби „Златниот лав “ во Венеција, а номинациите за Оскар потоа беа неминовност.

Користејќи ја формулата на Квентин Тарантино, кој во „Евтини приказни“ го извлече подзаборавениот Џон Траволта од нафталин и повторно го врати онаму кадешто му е местото, на големото платно, Аронофски го фрли во оган ветеранот Мики Рурк, доделувајќи му улога која изискува голем физички напор и згора на тоа, искрени човечки чувства. Овој му возврати со совршена глума, обликувајќи го ликот на Ренди „The Ram“ Робинсон во идеална светлина, со сите предизвици, тешкотии и порази кои ги носи животот. Ислужениот борач со нарушено здравје и блиц-сеќавања на добрите времиња, во кои од публиката бил сметан за Бог, можеби и не е карактер кој привлекува широка публика во кино-салите, но во тоа е и поентата, бидејќи во време кога се изместени сите вистински човекови вредности, борбата во рингот со најтешкиот противник – животот, е она вистинското за секој поединец кој ќе се соочи и конфронтира со својата смртност.

Овој филм, на некој начин, е посвета на 80-те години од 20 век, кога царуваа бендови како „Ганс енд роузис“, „Мотли кру“, АЦ/ДЦ“… „Што има лошо во тоа човек добро да се забавува?“, го прашува стриптизетата/самохрана мајка, фантастично одиграна од Мариса Томеи, нежно-грубиот кечер кој ја изнесува на пијачка надвор од нејзиното работно време. „Потоа дојде оној Курт Кобеин и расипа се’“, и’ возвраќа расположениот Ренди. Антологиски!

Она во што тандемот Аронофски-Рурк најмногу успеа е во прикажувањето на еден спорт, кој спаѓа во фолдерот „забава за широките народни маси“, од другата, темната страна на медалот, издигнувајќи го на ниво на уметност во која актерот е уметник кој вистински ќе ве наежи додека од своето крваво тело ги вади парчињата стакло после напорните борби. Токму во тие моменти тој сфаќа дека животниот избор што го направил носи каква-таква сатисфакција, но страда оној другиот, реалниот свет, во кој фигурираат живи суштества на кои им треба поддршка. Навиваме за Рурки и Томеи да го добијат Оскарот. Откакот ќе го гледате филмот, сигурно ќе ни се придружите 😉

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 3 февруари 2009 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *