„Трето полувреме“ на Дарко Митревски

Еден од филмовите зад кој се крена голема медиумска прашина уште откако започна со снимањето беше „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, кој по сцените во Охрид и Битола се стационираше и во Бардовци. Пред неколку години, режисерот Иво Трајков во Хавзи-пашините конаци го сними поголемиот дел од екранизацијата на познатиот роман на Живко Чинго, „Големата вода“, а во 2011 година прекрасниот простор го инспирираше и режисерот Дарко Митревски токму овде да ги сними клучните, фудбалски сцени од неговиот најнов проект. Кога веќе Министерството за култура не успеа од овој историски објект да направи вистински споменик на културата (едно време се споменуваше и изградба на ателјеа за македонските уметници), тогаш барем се користи за снимање филмови.

Митревски кампањата за филмот ја почна одамна, кога на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола наградата за животно остварување му беше доделена на хрватскиот продуцент со холивудско педигре Бранко Лустиг. Со најава дека тој ќе биде еден од поддржувачите, а можеби и продуцент на филмот, на „Трето полувреме“ му се отвораше светла перспектива. На почетокот на снимањето му претходеле темелни подготовки – актерите два месеца секојдневно тренирале фудбал со инструкции од професионалци, меѓу кои е и Ванчо Трпевски, ученик на Илијаш Шпиц, кој го водел тимот фудбалери пред 70 години. Шареноликоста на приказната, како и на разните ликови што се дел од неа, и секако, локал-патриотизмот, се главните адути за шармот и успехот на оваа филмска приказна снимена според вистинит настан.

Откако пред повеќе од 10 години, додека ја снимал ТВ серијата „Досие Скопје“, режисерот Митревски ја слушнал приказната на преживеаната Нета Коен за случувањата со Евреите во Македонија во Втората светска војна, нејзината забранета љубовна приказна и победата на фудбалскиот клуб Македонија над бугарскиот првак Левски, сфатил дека еден ден сака да ја пренесе и на големото платно. Филмот тематизира вистинска приказна од 40-тите години на минатиот век, кога фудбалскиот клуб „Македонија“ успеал да влезе во финалетo на лигата. Филмот исто така раскажува и љубовна приказна за Еврејката Ребека, која го избегнала холокаустот и депортацијата на 7200 македонски Евреи, меѓу кои и сите нејзини најблиски, благодарение на љубовта, иако поради неа била исклучена од својата заедница.

Пристапот во барање филмска приказна што ќе наиде на гледаност кај широката публика функционира и во новиот филм на Митревски, кој овој пат избрал две формули кои уште однапред гарантираат успех: забранета романтична љубовна приказна и фудбалот како глобална зависност. Тоа е однапред свесно насочување на филмот кон негова општа прифатеност и популарност. За потребите на преоектот, актерот Сашко Коцев од бек премина на центарфорската позиција, добивајќи ја својата прва главна улога во еден целовечерен филм. Кога на ова ќе се надоврзе информацијата дека негова партнерка е моделот Катерина Ивановска, хемијата на сребрениот екран е очекувана и посакувана.

Историјата на светската кинематографија изобилува со филмови на тема холокауст, но „Трето полувреме“ е прв македонски филм што ја прикажува оваа историска тематика на големото платно. Митревски отворено изјави дека воопшто не сакал да сними политички филм, туку само се држел за историските факти. Филмот има љубовна приказна, има фудбал, има холокауст, и ги содржи сите атрибути за да биде гледан, а кога се работи за Дарко Митревски, судејќи според гледаноста на претходникот „Бал-кан-кан“, тогаш работата е и повеќе од извесна.