Утрово на железничката станица во Драчево се случи првата клапа на новиот целовечерен македонски филм, „Три дена во септември“. Филмот е играно деби на режисерот Даријан Пејовски, кого го паметиме по кратките остварувања од изминатите години како „Соба 409“ и делот насловен „Опера“ од омнибусот „Скопје ремикс“.
Даријан Пејовски: Ова е идеја што ја имав од порано. Решивме да напишеме сценарио и тоа некогаш да биде мојот прв дебитантски филм. Со Изи имаме сличен сензибилитет и беше предизвик да седнеме и да направиме еден ваков мал, камерен, се надевам напнат филм. И си реков, е па ваков филм и јас би сакал да гледам од некој дебитант.
Најавата за филмот вели дека „Три дена во септември“ е камерна приказна, која низ судбината на две жени зборува за одмаздата, за тајните што ги носиме и улогите што ги играме. Главните ликови во филмот се Јана и Марика, чии улоги ги играат Ирена Ристиќ и Камка Тоциновски, кои ќе се сретнат во воз и низ чиј меѓусебен однос ќе се разоткријат нивните тајни и трауми. Сценариото за овој филм, кој жанровски е психолошки трилер, го потпишуваат Даријан Пејовски и Игор Иванов Изи.
Д.П. Краткиот филм е сосема друга форма и се избираат приказни што одговараат за краток филм. Обично сите ние правиме грешки кога сакаме сè да набутаме во краток филм, а долгометражниот филм е сосема друга лига. Мислам дека овој филм ќе биде со сосема различен сензибилитет од сè што досега сум работел.
Овој филм, кој е подготвуван три години и сценариото е работено и со скрипт-доктор, би можел да се нарече женски филм. Двете жени, секоја со својата судбина, во кои е имплицирано домашно и сексуално насилство, ќе отидат во еден изолиран планински крај каде што ќе почнат да се откриваат тајните, а на Јана и Марика не им останува ништо друго, освен да се потпрат една на друга за да го пронајдат излезот.
Д.П. Ова е приказна базирана на ликови. Станува збор за две современи жени, кои по игра на случајот се запознаваат, заробени се во еден ист простор и единствен излез им е да си помогнат една на друга. Тргнав пред сè од ликовите, а не од социјалниот контекст во кој живееме. Продуцентската куќа „Скопје филм студио“ го подготвува овој проект неколку години, а на минатогодишниот конкурс на Агенцијата за филм, тој бил препознаен како проект од национален интерес и му биле одобрени 200.000 евра. Косовската продукција во овој нискобуџетен проект влегува со 49.000 евра, а буџетот се очекува да биде над 300 илјади евра, чиј остаток ќе биде покриен со спонзорства. Покрај Ристиќ и Тоциновски, во филмот играат: Адем Карага, Салаетин Билал, Милица Стојанова, Кирил Коруновски, Александар Микиќ, Фатос Кријезиу и други. Директор на фотографија е Димитар Попов, сценографијата ќе ја работи Снежана Поњавиќ-Муча, а костимографијата ја потпишува Емилија Ивановска-Атанасовска. Оригиналната музика ќе биде на Александар Пејовски, а предвидено е снимањето да трае 20 дена на локации во Скопје, на Преспанското Езеро и во паркот „Јасен“.
(Прилогот е емитуван во „ФИЛМОПОЛИС“ бр. 501, а текстот е објавен во книгата „ФИЛМ.МКД“)