„Трилогија за непослушноста“ од Ивана Сајко

Деновиве од печат излезе преводот на „Трилогија за непослушноста“ од Ивана Сајко. Ова е втора книга во едицијата „Сцена“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ. Трите драми се во превод на Владимир Јанковски, а излегувањето на книгата е дел од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.

Книгата „Трилогија за непослушноста“ од Ивана Сајко ја сочинуваат три драми и еден краток драмски текст. Драмскиот текст Вовед до дисјункција е нарачан во 2010 година за проектот Енциклопедија на неживеани животи на Маријано Пенсоти за фестивалот „Штајришер хербс“. На истиот фестивал во 2008 година премиерно е одиграна драмата Rose is a rose is a rose is a rose во изведба на белгиската театарска група „Вундербаум“. Глетки со јаболкница е праизведен во 2009 година во „Штадтеатар Берн“ во режија на Дора Шнајдер, додека драмата Тоа не сме ние, тоа е само стакло во режија на Роберт Тојфел е праизведена во 2013 година во „Шаушпиел Франкфурт“.

Ивана Сајко е хрватска писателка, драматурка и режисерка. Дипломирала на Академијата за драмски уметности во Загреб, а магистрирала на Филозофскиот факултет во Загреб. Една е од основачките на театарската група „BAD co.“ во која до 2005 година дејствувала како драматург и режисер, за подоцна да продолжи да ги режира и изведува сопствените драми во хибридни изведбени форми, експериментирајќи со проблемите поврзани со односот меѓу драмскиот текст и музиката. Драмите ѝ се изведени во театар и на радио, а се преведени, објавени и играни на меѓународни сцени. Од 2016 година живее во Берлин, каде што ја продолжува писателската кариера Досега во Хрватска ги има објавено збирката драми Погубени лица (2001), драмската трилогија Жена-бомба (2004), како и збирката драми Трилогија за непослушноста (2012), романите Рио бар (2006), Историјата на моето семејство од 1941 до 1991, и потоа (2009) Љубовен роман (2015), Мали смртти (2021) како и теориската книга Според лудилото (и револуцијата): читање (2006). Таа е повеќекратна добитничка на наградата за драмско дело „Марин Држиќ“, добитничка на наградата „Иван Горан Ковачиќ“ за прозно дело за романот Рио бар, а е носителка и на орденот „Витез од редот на уметностите и литературата“на Република Франција.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *