Пред крајот од годината вообичаено се сумираат резултатите. Во светот се разгоре уште една ново-стара војна, кај нас секојдневно минуваме низ различни колективни трауми, дочекав да ја доживеам и најгрдата неправда на професионален план досега, но и покрај се’, сакам на работите да гледам од ведрата страна на животот. Зашто, како беше она: „Иде Дунав, ризик јак, мила душа, и да погинеш, колко можеш ќе се спасеш“. 🙂
Еве ги убавите моменти кои ја обележаа 2023:
1. На преминот од старата кон новата година ја имав привилегијата да го напишам воведниот текст за прекрасниот стрип „Стармен“ од Рајнхард Клајст, во издание на „Бункер“
2. Од стрип се префрламе на графити: во соработка со Матеј Богдановски, во април излезе книгата со скопски графити „(До)Живеј го Скопје“. Радости!
3. Истиот месец, во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ збирката раскази „Двојна експозиција“ (септември 2022), беше книга на месецот
4. Веќе во мај, во рамките на „Саемот на книга“, го промовирав новиот и актуелен роман „Мина“, со што за неполни девет месеци се сторија три објавени книги. Плоден период 😉
5. Кон крајот на мај бев дел од ФИПРЕСЦИ жирито на филмскиот фестивал во Краков, каде во живо се соочив со мастерписот на Леонардо да Винчи
6. Во јуни следеше 30-годишнина од матурата во Орце
7. Враќањето во прегратките на саканиот Сплит беше вистинско полнење на батериите
8. На 15 септември, во рамките на фестивалот „Арт-Ареа“, во „Буква“ се случи промоцијата на романот „Мина“
9. Кон крајот на месецот уште едно ФИПРЕСЦИ жирирање, овој пат во германскиот град Кемниц, на популарниот филмски фестивал за деца и млади „Шлингел“
10. Во октомври пристигна зборникот на трудови од Институтот за македонска литература, каде кон крајот на 2022 година бев дел од настанот „Урбаниот профил на Скопје во современата проза“
11. Во ноември достојно се одбележа тивкиот влез во шесте банки 🙂
12. Кон средината на истиот месец ја објавив 1000-тата содржина на оваа страница, „Херој на еден ден“, убав јубилеј кој ми ја исполни душата
Со нови сили во нови победи, Ви посакувам африкански радости во новата 2024 година. Да сме живи и здрави!