Мал историјат на први фотографии

За филмот како водечка уметност во 20 век, повеќето од луѓето кои покажале барем мала љубопитност за неговите почетоци, знаат дека тој датира во март 1895 година со проекцијата на филмот „Работниците ја напуштаат фабриката Лимиер“ секако, на пионерите, браќата Луј и Аугуст Лимиер. Но за официјален се смета токму утрешниот датум, 28 декември, кога во истата година кога прикажани серија од кратки сцени од секојдневниот живот во Франција, за што за прв пат се наплаќале и влезници. Знаеме дека луѓето ги фатило уплав при проекцијата на снимката од влегувањето на возот на железничката станица во Париз, мислејќи дека тој ќе излезе од платното и ќе ги згази. Но, дали знаете која е првата фотографија воопшто во историјата? Не? Во овој текст ќе се занимаваме токму со тоа, со првите фотографии на различни теми. Се надевам дека добро ќе се забавувате, а притоа и едуцирате. Секако, вообичаено за ваков преглед, ќе одиме хронолошки.

Фотографската уметност е предвесник на филмската, и нивната поврзаност е несомнена како од технички, така и од креативен аспект. Токму оваа фотографија која фигурира како прва во прегледот е воопшто и првата фотографија во историјата на човештвото. „Виновникот“ за неа е Французинот Joseph Nicéphore Niépce, кој со првата соодветна камера, која тогаш била во развој, од прозорецот на горниот кат од куќата ја усликал сцената на која фигурира неговиот имот во Бургундија. Оваа фотографија е реализирана со помош на процесот познат како хелиографија, кој користел битумен од Јудеја (природно настанат од сириски асфалт) обложен на парче стакло или метал. Битуменот потоа се стврднал пропорционално со количината на светлина што удирала врз него.

Но, како и во други случаи, секогаш има нешто постаро и од првото. Имено, од истиот автор, но една година порано, од 1825 година, датира фотографијата која некои истражувачи ја сметаат за историски првата фотографија воопшто. Се работи за фотографија на фламанска гравура од 17 век на која фигурира човек кој води коњ. Или-Или, прашање е сега 😊

Првата фотографија на која фигурира човек ја направил Louis Daguerre во 1838 година. Процесот траел околу седум минути и имал за цел да го фати Boulevard du Temple, сообраќајница во Париз, Франција. Поради долгото време на експозиција, многу поединци кои оделе по улицата не беле доволно долго на местото за да станат дел од дагеротипијата. Сепак, во долниот лев дел од фотографијата можеме да видиме човек како стои и си ги полира чевлите. Понатамошната анализа на сликата открила уште неколку други фигури, и така настанала историјата.

Продолжувајќи ја приказната натаму, а надоврзувајќи се на популарните селфија во современието, еве го и првиот (авто)портрет во историјата. Robert Cornelius ja поставил камерата и го снимил првиот (авто)портрет во светот, во Филаделфија. Корнелиус седел пред објективот малку повеќе од една минута, пред да го напушти седиштето и да го покрие објективот. Легендарната фотографија настанала во 1839 година.

Во 1839 или 1840 година, Дороти Кетрин Дрејпер позирала за портретот снимен од нејзиниот брат д-р John W. Draper во неговото фото студио на Универзитетот во Њујорк. Фотографијата, снимена една година по иновацијата на процесот на дагеротипија во Париз, се верува дека е првата портрет-фотографија направена во САД, како и најраната зачувана фотографија од жена.

Hannah Stilley Gorby, пак, е родена во 1746 година и се смета дека е најрано родена личност која некогаш била овековечена на постоечка фотографија. Таа е родена 10 години пред Моцарт и 23 години пред Наполеон Бонапарта. Ниту една од тие познати личности не живеела доволно долго за да го сведочи изумот на фотографијата, но Горби позирала за портрет со новата технологија на 94-годишна возраст, во 1840 година.

Првата фотографија на Месечината е направена од John W. Draper на 26 март 1840 година. Фотографијата е дагеротипија што Дрејпер ја направил од покривот на опсерваторијата на Универзитетот во Њујорк. За жал, таа не е добро зачувана и е прилично оштетена, но сепак фигурира како првата месечева фотографија во историјата.

И првата „наместена“ фотографија датира од 1840 година. Ја снимил Hippolyte Bayard, кој со Louis Daguerre долги години се борел за титулата „татко на фотографијата“. Бајард тврдел дека го развил својот фотографски процес пред Дагер да ја воведе надалеку почитуваната дагеротипија (прв практичен метод за правење фотографии. Процесот вклучува изложување на бакарната плоча на светло, која била обложена со сребро, а потоа со употреба на хемикалии се создава трајната слика). Како „последица“ на анимозитетот, Бајард ја направил оваа фотографија, (авто)портрет на давеник кој тврди дека се самоубил поради расправија. Со тоа наметнал мислење дека фотографијата, освен за документарни, може да послужи и за други, креативни цели.  

Шестиот претседател на САД, Џон Квинси Адамс, е првиот претседател на кој бил овековечен на фотографија. Настаната е во 1843 година, 14 години по напуштањето на функцијата на Адамс. Првиот претседател на САД, пак, фотографиран додека бил на функција, е Џејмс Полк, фотографиран во 1849 година.

Одиме малку горе, во вселената. Првата фотографија од нашето сонце е направена од француските физичари Louis Fizeau и Leon Foucault на 2 април 1845 година. Снимката е снимена со помош на процесот, погодувате, „дагеротипија“. Ако внимателно ја набљудувате, можете да забележите неколку сончеви дамки.

Првата фотографија користена за илустрација на приказна во весник е направена на 25 јуни 1848 година. Насловена „Барикадите на улицата Сен Мор“, дагеротипијата покажува барикади на улиците на Париз за време на јунскиот бунт. Сликата е објавена како гравура во францускиот неделник „L’Illustration“ на 1 јули 1848 година.

Најстарата преживеана фотографија од Њујорк е оваа дагеротипија настаната во 1848 година, која на аукцијата на Сотби во 2009 година беше продадена за 62.500 долари. Автор – непознат!

На 28 јули 1851 година, „речиси непознат“ фотограф по име Johann Julius Berkowski ја снимил првата фотографија од затемнувањето на Сонцето. Сликата е создадена со експозиција од 84 секунди и мал рефрактор во Кралската опсерваторија во Кенигсберг, Прусија.

Првата фотографија од птичја перспектива е направена од балон на топол воздух во 1860 година. Оваа воздушна фотографија го прикажува градот Бостон од висина од 2.000 стапки. Фотографот James Wallace Black ја насловил „Бостон, како што го гледаат орелот и дивата гуска“.

Првата фотографија во боја е направена од математичарот и физичар James Clerk Maxwell. Се работи за лента во боја, која Максвел ја презентирал на факултетското предавање во 1861 година. Пронаоѓачот на SLR, Thomas Sutton, бил човекот кој го притиснал копчето за бленда, но Максвел е заслужен за научниот процес кој го овозможил тоа.

Првиот фотограф што снимил молња е William Jennings во 1882 година. Тој го искористил своето искуство за да покаже дека молњите биле многу покомплицирани за фотографирање отколку што првично се мислело. 

Првата фотка од торнадо, пак, е направена од аматерски фотограф во 1884 година. Локалниот земјоделец и фотограф-аматер A.A. Adams ја составил својата магична фото кутија и ја направил фотографијата на 14 милји далечина од циклонот. Цар!

Одиме напред во 20 век! Оваа фотографија од 1908 година ја прикажува смртта на авијатичарот Томас Селфриџ. Авионот бил дел од експериментот на Воздушната асоцијација, која била дел од американската армија. Авионот го превезувал и Орвил Рајт кога се урнал; тој, сепак, преживеал, и продолжил да ги реализира своите пионерски замисли во однос на развојот на авијатиката.

Првата фотографија од вселената била направена со ракетата V-2 #13, лансирана на 24 октомври 1946 година. Фотографијата ја прикажува Земјата во црно-бела варијанта од височина од 65 милји. Камерата што ја направила снимката е филмската 35 мм камера која снимала фрејм на секоја еднаипол секунда, додека ракетата се искачувала во атмосферата.

Првата дигитална фотографија е направена во 1957 година, дваесет години пред инженерот на Кодак да ја креира првата дигитална камера. Фотографијата е дигитално скенирана снимка првично направена на филм. Сликата го прикажува синот на Расел Кирш и има резолуција од 176×176. Тоа е квадратна фотографија достојна за профил на Инстаграм 😊

За прв пат Земјата беше фотографирана од Месечината на 23 август 1966 година. Орбитерот кој се движеше во близина на земјиниот сателит ја направи снимката која потоа беше примена во „Робледо Де Шервил“ во Шпанија. Ова се случи за време на 16-та орбита на орбитерот околу Месечината.

Ништо помалку историски вредна не е фотографијата на отисокот во месечевиот прав направена од Баз Олдрин во 1969 година. Едноставно – антологија!!!

Првата фотка на Марс ја направи Викинг 1 набргу откако се спушти на црвената планета на 20 јули 1976 година, со што НАСА ја исполни мисијата да добие слики со висока резолуција од површината на четвртиот камен од сонцето. Фотографиите беа искористени за проучување на пејзажот на Марс и неговата структура.

Во август 1988 година, John Knoll ја фотографирал својата девојка Џенифер додека биле на одмор во Бора Бора. Нол подоцна се оженил за Џенифер, додека ја развивал  пионерската програма за уредување на фотографии наречена Photoshop. Кога му требала фотографија за да ги демонстрира можностите на програмата, Нол ја скенирал снимката од одморот насловувајќи ја „Џенифер во рајот“, и таа слика сега е позната како првата фотографија што некогаш била „фотошопирана“.

На 11 јуни 1997 година претприемачот Philippe Kahn го создаде првиот телефон со камера во светот, со местење на дигитален фотоапарат, мобилен телефон и лаптоп во породилното одделение каде што се роди неговата ќерка. Потоа го искористи  „телефонот со камера“ за веднаш да ги сподели своите први фотографии од ќеркичката со над 2000 луѓе ширум светот.

Во ноември 2018 година соларната сонда „Паркер“ на НАСА патуваше низ атмосферата на Сонцето и ја сними оваа извонредна прва фотографија некогаш направена во срцето на короната. Снимена на далечина од 16,9 милиони милји од површината на Сонцето, фотографијата покажува исфрлање на сончев материјал од главната ѕвезда во нашиот Сончев систем.

Првата фотографија од црна дупка е направена во април 2019 година по долгогодишна соработка на над 200 меѓународни астрономи. Беше снимена со помош на низа ултра-моќни телескопи лоцирани низ целиот свет, а петабајтите со собрани податоци беа комбинирани со суперкомпјутери за да се создаде добиената слика.

И на крајот, секако, збор-два и за историските моменти во македонската фотографија. Најпознато презиме меѓу нив секако е она на браќата Манаки, кои во своето фото-студио во Битола создадоа драгоцена архива како печат на времето во кое живееле. Ја гледаме една од нивните најпознати фотографии насловена „Жена со пет изгладнети деца“ од 1916 година.

Златко Теодосиевски, пак, во својот засега двотомен серијал насловен  „Пролегомена за македонската фотографија“ нагласува дека првите фотографии во/за Македонија се дело на д-р Jozef Szekely, кои ги направил за време на експедицијата на германскиот научник и патеписец Johann Georg von Hahn во 1863 година, кога ја пропатувале цела Македонија и северна Албанија (фотки: горе – Охрид, долу – Битола), како фин шлагворт на овој текст посветен на историјата на фотографијата, во време кога сите ние со своите мобилни телефони сме, повеќе или помалку, „фотографи“ 😉

Извор: petapixel.com

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *