Рановековните искушенија на христијанската црква  

„Веќе две илјади години христијанството игра една од главните улоги во историјата на човештвото, со безброј вклучени личности: од Исус и апостолите, до императори, кралеви и папи, од реформатори и двигатели на човештвото до крстоносци и садисти. Верувањето може да создаде креативни, но и болни личности. Христијанството преживеа војни, прогонства, потсмев, омраза… Денес една третина од светското население се христијани: православни, католици, протестанти, пентекосталци и други. Но во модерна Европа се’ повеќе луѓе се атеисти. Дали христијанството може да го преживее и овој предизвик?“

На овој начин авторот Diarmaid MacCulloh ја започнува својата приказна за историјата на христијанството во книгата „Историја на христијанството: првите три илјади години“, која по објавувањето во 2009 година стана светски бестселер, а славниот BBC сними исто така успешен документарен серијал. Зошто толку успех на едно место? Приказната за христијанството отсекогаш предизвикувала контраверзи и различни толкувања, а оксфордскиот професор на најпристапен начин ни го претставува историјатот на црквата и сите промени кои таа ги доживеала во нејзиното 20-вековно постоење. Значи, авторот не се занимава со верата, која претставува субјективна, лична работа на една индивидуа, туку ги истражува промените во црковната институција, која од мала секта на почетокот се кренала во една од главните светски религии денес. Низ приказни поткрепени со факти, оваа сторија е супер интересна за да се осознаат подемите и падовите на христијанството низ вековната историја.

Секако, приказната треба и мора да започне од изворот, од Ерусалим. Во базиликата каде се наоѓа гробот на Исус, светилиште кое годишно го посетуваат милиони верници, има две цркви, православна и католичка. Но во околината постојат и мали капели на христијанските цркви од Блискиот исток или на оние од Африка. Тука се египетската коптска црква, потоа, етиописката православна црква, но и сириската православна црква, која за грчката е неправославна. Историјата на христијанството се наоѓа токму во овие цркви на Истокот, а не на Западот, смета МекКалох, алудирајќи на тоа дека најголемиот дел од луѓето религијата ја поврзуваат со Западот, а историјата покажува дека всушност се’ започнало на Истокот, и без тие настани, христијанството немало да опстане.   

Значи, се’ започнало во Ерусалим, каде Исус и следбениците отвориле еврејска црква. Водач бил Јаков праведниот, братот Господов. Денес постои ерменска катедрала посветена токму на св. Јаков, кој бил познат по тоа што не јадел ниту маст ниту зејтин, туку опстојувал само со леб и вода. Неговиот гроб е под високиот олтар на црквата. Во 70-та година од нашата ера востанието на Евреите против Римјаните завршило катастрофално. Храмот ги обединувал сите христијани, но бил запален. Денес е останат само еден ѕид, Западниот ѕид, попознат како „Ѕид на плачот“. Овој опис произлегол од еврејската практика верниците да доаѓаат на местото за да жалат за уништувањето на храмот и губењето на националната слобода што тој ја симболизирал. По поразот Евреите избегале и религијата морала да опстане надвор од матицата. Тие, секако, се упатиле на Исток.

Прва станица – градот Урфа во југоисточна Турција. Во тоа време се викал Едеса и бил главен град на кралството низ кое поминувале главните трговски патишта на Блискиот исток. Интересно, кралот Абгар бил прв кој ја прифатил христијанската религија како државна, стотина години пред Римјаните. Таму започнало и нешто што е неразделно со христијанството – црковната музика. Во тамошните храмови литургиски и ден-денес се пеат извадоци од поезијата на сирискиот теолог од 4 век, свети Ефрем, како надоврзување на музиката практикувана во Римската империја, испреплетена со вековната традицијата на Медитеранот.

За тоа време на западот Нерон ги прогонувал христијаните кои едвај тајно се состанувале, а камоли јавно да пеат. Дури подоцна Константин ќе ја прифати новата религија и ќе ја прогласи за државна, но за тоа малку подоцна. Се’ уште сме на територијата на Сирија, која всушност е колевка на монаштвото. Тие дословно ја сфатиле пораката на Исус дека треба да се остави богатството и да се живее духовен живот. Христијаните во Сирија тоа го покажале во пракса на најверодостоен начин. Најавтентичен пример е оној од северна Сирија, каде светецот свети Симеон речиси 40 години живеел на врвот од еден столб. Дел од столбот на испосникот се’ уште постои, а оригинално бил висок 9 метри. Подоцна следбениците изградиле црква на тоа место, чии остатоци постојат и денес. Овој подвиг на Симеон се смета за монаштво во откачена смисла, затоа што не се базира на изолација од светот, откажување и страдање, туку ачик пред сите, тој ја практикувал својата верба кон Бога на својствен начин, на местото кое претставувало трговска раскрсница меѓу Западот и Истокот.

И одеднаш, во Рим, по долгата борба за престолот, на Константин му успева да го зграби тронот. Тој сметал дека Бог му ја дал таа можност, и затоа христијанството го прогласува за официјална религија во империјата. Познавајќи ја „проблематиката“ околу црквата, тој мислел дека ќе ја обедини, но не му одело глатко, затоа што Рим сакал христијанство во кое ќе предничи богатството, а на Истокот продолжиле да ги одбиваат искушенијата кои ги нудел животот. Така биле создадени првите манастири, во кои се живеело едноставно и сиромашно. Константин владеел со четири центри: Антиохија на Истокот, Александрија на Југ, Рим во центарот, и главниот град крстен според него, Константинопол, денешен Истанбул. 

Главните прашања на мислителите во четвртиот век биле околу тоа кој бил Исус и каква била неговата врска со Бога? Најпроблематичен момент за многумина бил оној кога Исус ја победил смртта и воскреснал. Идејата дека Бог станал човек, а не некојси фараон или император, туку обичен човек, селанец-столар од Галилеја, создавала многу непријатности. Исус бил син на Бога, но и човек од крв и месо, кој починал на крст. А човек кој починал на крст не можел да го создаде Универзумот, се размислувало. Тогаш, како може и обата лика да се еден Бог? Тaка искреле умовите, и на тој начин се создавале недоумици кои морале да се разрешат.

На неколку часа патување од Истанбул, во 325 година епископите се собрале во градот Никеја (денешен Изник)  поради кризата која се создала. Градот во 4 век бил седиште на првиот Вселенскиот собор. Интересно, за прв пат присуствувал и царот Константин. Оттаму датира познатиот текст во христијанскиот свет насловен „Симбол на верата“, систем на основни начела и верувања во христијанството, во кој се вели дека Исус е еднаков со таткото, синот и светиот дух. Тој е три во едно – Тројство! Подоцна истиот бил надополнет за време на вториот Вселенски собор во Константинопол во 381 година, и оттогаш е познат како „Никео-цариградски символ на верата“.

Еден век подоцна, во 428 година, за нов патријарх е избран Нестор, кој повторно ја оспорил природата на Исус. По соборот во Никеја, Исус е ист со таткото, тој е Бог, но тој е истовремено и човек. Има две природи, но тој е една личност. Нестор тоа го сфаќал како две течности во една чаша – масло и вода. Тие се тука заедно, но не се мешаат меѓу себе. Значи, во Христос имало две природи – човечка и божествена. Патријархот од Александрија, Кирил, бил запрепастен од ова толкување на колегата. Тој го застапувал мислењето со водата и виното, кои се различни течности, но во иста чаша се мешаат меѓу себе. Така човечкото и божественото стануваат едно.

Борбата меѓу двете струи била голема. Најпрво Кирил го изгонил Нестор и го ставил во египетски затвор. Поради новонастанатите околности, во 451 година во Константинопол бил свикан нов Вселенски собор. Надалеку познатиот собор во Халкедон ја трасирал иднината на христијанството, бидејќи бил постигнат компромис. Мислењето на Нестор било поддржано од присутните, и велело дека додека бил на Земјата, Исус бил прифатен со обете негови природи, без промени. Приврзаниците на Кирил биле незадоволни, но и многу други мислители кои го промислувале христијанството. Парадоксално, и покрај прифаќањето на неговото мислење за маслото и водата, по соборот на Нестор не му бил вратен угледот и тој починал како расколник во прогонство. И покрај турбуленциите, сепак, се случило нешто ново. За христијаните од Истокот ова било потврда дека нивната вера е онаа првата, вистинската, автентичната, и почнале да делуваат самостојно, без влијание на Рим.   

По век и половина, на маргините од источната римска империја, повторно се враќаме на територијата на Сирија, која била центарот на христијанството, и која влијаела дури и врз Рим. Приврзаниците на Кирил делуваат во светилиштата надвор од Дамаск, каде тајно биле осветени како епископи. Тоа била новородената Сириска православна црква. Оваа вера посветува големо внимание на квалитетот на изведбата на литургијата, која е полна со симболизам. Не се комуницира само преку зборови, туку и преку гестови, со телото, гласот… На Запад теолозите се филозофи, вели еден од тамошните свештеници, но на Исток тие се и поети, иконописци итн. Се сеќавате на претходно споменатиот свети Ефрем од 4 век? И денешните литургии во овие „преживеани“ сириски цркви се составени од пеења на стар сириски јазик, кој е дијалект на арамејскиот, на кој говорел Исус. Следбеници на мислењето и проповедта на Кирил го слават и во Египетската и Етиопската христијанска црква во Африка. Тоа е неговиот долговековен легат во христијанството.  

Во 7 век христијанството се соочува со растечкиот ислам. За кратко време муслиманите освојуваат поголем дел од христијанскиот свет. Една од првите џамии била изградена во Дамаск, Омајадската џамија. Но тие немале намера да ги преобратат христијаните, туку биле во дослух со локалните лидери. Носеле жолта облека, како Евреите жолта ѕвезда за време на нацизмот. Многумина сметаат дека двете религии си влијаеле една на друга. Џамијата е изградена веднаш до христијанската црква, и во неа има гроб за кој се мисли дека е на Јован Крстител. Овој светец се чествува како пророк и во исламот. Проучувачите сметаат дека поклонувањето во џамијата е инспирирано од источната христијанска традиција. Се верува и дека соблекувањето чевли пред молитва има потекло од христијанството и неговите рани секти. Пророкот Мухамед, пак, рекол дека Исус, синот Божји, ќе се врати во белото минаре на џамијата во Дамаск, кое го носи името „Исусово минаре“, како уште еден доказ за соживотот на муслиманите и христијаните.

Следбенците на Нестор, пак, во налетот на исламот, виделе своја шанса и отишле уште подалеку, оформувајќи ја „Црквата на Исток“, или „Источната црква“ во Багдад, Ирак, која, секако, поради доктрината, делувала независно од сириската православна црква. Таму се одржале во следните 1500 години. Најзначајно за нивното делување е што ги превеле грчките дела од филозофијата, теологијата, астрономијата и медицината на сириски јазик, па кога муслиманите сакале да ги преведат на арапски, се служеле токму со овие преводи. Во овој период, за време на 200-годишната експанзија на исламот, патријархот Тимотеј Први од Багдад управувал со источните христијански цркви кои се протегале од Ерусалим до Индија, па дури и до Кина. Тој бил водач, таканаречен Мар, источен пандан на римскиот папа.   

Но да видиме што за тоа време се случува во Рим. „Рим е центарот на империјата која го уби Исус. Тие продолжија да го прават тоа со христијаните и во следните 300 години“, констатира по малку иронично МекКалох во документарниот филм на БиБиСи снимен според неговата книга, и продолжува: „Црквата се појавила во Ерусалим, но Римјаните ја уништиле во 70-те години од првиот век, и христијанството продолжило да се шири на исток и на југ. Но Павле, како затвореник на императорот, стасал во Рим, и поминал многу години во затвор пред да го убијат“, историски факт кој е потврден во многу записи.  

Во првите векови, почитувачите на христијанството ги посетувале подземните катакомби каде телото на Павле било криено од властите. Но тие оделе и на гробот на уште еден маченик, свети Петар, еден од 12-те Исусови апостоли. И никој не очекувал токму христијансвото, од таква поставеност на нештата, буквално од подземјето, од една андерграунд позиција во која биле казнувани доколку не им се поклонуваат на актуелните римски богови, набргу да стане главна религија на империјата. Лудило!

На југот на Рим, во пристаништето Остија, пристигнале првите христијани. Меѓу нив имало грчки проповедници, разни трговци, робови и други морепловци кои патувале низ Средоземјето. Тие се сретнувале тајно, споделувале љубов и храна, за на крајот нивното делување да стане вера на милиони христијани. Основата била леб, вино и риба. Полека почнале да никнуваат и цркви надвор од Рим. Но боговите (читај: Римјаните) им се лутеле на нововерниците, и сееле глас за нив дека пијат крв, а на славите дека правеле оргии. Тие, всушност, биле жртвеното јагне за сите падови на империјата на воен, општествен и економски план. Во прогонот во третиот век биле уништени многу цркви, а многу христијани биле жртвувани во амфитеатарот во Остија, како забава за широките народни маси.

По доаѓањето на власт на Константин, се’ се сменило од корен. Во Рим бил покровител на изградбата на црквата свети Мартин. Базиликата на свети Петар била велелепна и огромна, изградена врз гробот и најверојатно врз последното негово престојувалиште. Исус му го дал името „карпа“ („Petros“ на грчки), и во три евангелија се спомнува дека ќе изгради црква врз карпа. Парадоксално, моќта на христијански Рим се заснова на старогрчка досетка.

Но, многумина се прашуваат зошто на Павле не му била дадена таква чест? Зошто Петар влегол во фокус, а не Павле? Моштите на Павле се во истоимената црква надвор од Рим. Таму маларија покосила поголем дел од населението. Токму Павле бил оној кој сакал да ги похристијани оние кои не биле Евреи, додека Петар бил малку скептичен околу тоа. Но Петар бил јадрото, сржта, а Павле дејствувал на маргините.

Во 410 година Рим го заземале варвари. Долго време црквата била осамена во „мрачното доба“, или т.н. „пад на цивилизацијата“. Но како и секогаш, постоела искра светлина во тие мрачни, и, се чини, бесконечни лавиринти. Црквата „Сан Витале“ во Равена ја означувала иднината на религијата, бидејќи гледала кон истокот, кон Византија. Ја изградил Јустинијан, кој сакал да биде обединител и да ја врати во владение целата територија . Една гранка во црквата станува православна и се шири кон Балканот и Русија, но за тоа нешто подоцна во текстот.

Сепак, варварите не биле дивјаци, и тие биле христијани, но не католици. Но за католиците нивното христијанство било еретичко. Црквата „Сан Аполинаре нуово“ во Равена е изградена под покровителство на Теодор, кралот на Остроготите, кој верувал дека Исус не бил Бог, туку обичен човек. Затоа на фреските може да се види Исус како млад голобрад човек, а потоа и како постар и зрел, со препознатливата брада. Значи, заклучокот е дека тој старее како нас – затоа тој е човек. Но, римската црква предводена од папата преживеала, а онаа на Теодор пропаднала, поради влијателните пријатели. Како велат: каде се влијанието, парите и моќта, таму е и (маскен)балот!

Во 597 година Папата Грегор прв пратил 40 монаси и свештеници во поранешната римска колонија Британија. Тој бил сноб кој јадел од сребрен послужавник подготвен од мајка му, а изигрувал монах, но сепак ќе остане забележано дека бил прв папа кој пратил мисионери надвор од империјата. Мисијата ја водел Августин, кој денес е славен како човек кој го донел христијанството на островот. Таму имало христијани од времето на колониите, но територијата сега била владеена од нехристијани, Англо-Саксонци од средна Европа. Августин поставил цврсти основи на англо-саксонската христијанска црква. Таа била под римска власт 900 година, а му свртела грб во 16 век во времето на Реформацијата. Најзначаен објект од тоа време е катедралата во Кентербери која била посветена на Исус, за разлика од катедралата во Рим која е посветена на врховниот католички господар, папата. Оваа црква на далечниот британски остров ќе остане запаметена дека дала посебен придонес во христијанството преку практикувањето на исповедта.

Во исто време постоеле и келтски христијани, кои живееле најиспоснички можен живот, на островот „Скелиг Мајкл“ во Ирска, на Атлантскиот океан. Тие имале директен контакт со природата и биле оптимисти, за разлика од побратимот Августин. Нивна  измислица се „тарифниците“ според кои можела да се процени големината на гревот, и каква казна да му се даде на неверникот. На тој начин почнала да се практикува исповедта. „Но дали свештеникот на кого му се исповедате ви помага на патот кон Бога, или Ви пречи?“, се прашува г-нот МекКалох. Августин од Хипо сметал дека исповедта е манипулација со верата. Токму овој судир на мислења во 16 век ја дели западната црква на протестантска и католичка. Тоа истовремено е и доказ за силата на келтските мислители, кои иако далеку, отсечени од светот и векот, тие сепак имале влијание врз црквата во цела западна Европа. Се чини како фино место за туристичка посета 😉

Конечно, во 1054 година западната црква се одделила од онаа во Константинопол, така создавајќи католичка и православна црква. Тоа било шанса за папата Грегориј Седми да направи промени. Неговата реформа е централна власт во Рим, со очекување верниците да и’ се покоруваат. Најпрво побарал свештениците да бидат во целибат, без можност за женење. Сакал да ја покори секоја верничка душа во Европа. Папата изјавил дека сака да биде монарх кој ќе владее со сите владетели во земјите. Тој прочитал 27 изјави за моќ, дотогаш нешто невидено во христијанскиот свет. Тоа било доволна причина протестантите да се одвојат од католиците во 16 век, на чело со реформаторот Мартин Лутер. Фан факт: од 1054 година па се’ до 19 век, ниту еден папа не го спомнал зборот „непогрешлив“ во своите обраќања, судејќи според архивските записи.

Во 11 век црквата била најсилна институција во Европа, која ветувала спасение преку молитва и добро поведение на верниците. Но исламот бил во налет, дури и Ерусалим бил во нивно владение, и католичката црква во 1095 година, со голем публицитет, ја организира Првата крстоносна војна. „Биле вршени убиства во името на Исус, затоа многумина сметаат дека крстоносците се срам за христијаните, бидејќи освојувале територии, убивале, тоа била љубов претворена во ароганција и насилство“, смета МекКалох во своите истражувања за христијанството.

Крстоносците истовремено граделе цркви низ целиот европски континент, а главната  црква на Темпларите, кои така се нарекле откако го зазеле „Ридот на храмовите“ во Ерусалим, била во Лондон, каде се погребани многу од нив. Да се биде погребан во таа црква било како да си погребан во Ерусалим. Крстоносните војни биле најмрачното поглавје во историјата на христијанството, but, never say never. По крстоносните војни следи Инквизицијата. „Внимавајте, доаѓа шпанската Инквизиција“, се шегуваа славните Монтипајтоновци во нивните скечеви. Садизмот кој се практикувал изискувал од неверниците носење крст на грбот, како Исус, потоа, ако имаш малку среќа – затвор, и секако, најсуровата казна, горење на клада среде град, пред разулавената толпа.  

Интересно, под влијание на исламот, почнале да се отвораат универзитети на западот. Првиот меѓу нив е славниот Оксфорд. Академски наметки, предавања, сите идеи за квалификувани образовани луѓе се стекнати од средновековните исламски школи за високо образование. Во 15 век црквата била моќна, ги поставила сите основи за реформите, а се посветила и на изградба на новата црква „Свети Петар“ која ќе биде најграндиозна во светот, за што и’ требале 120 години. Новата базилика била осветена во 1626 година. Но секогаш имало луѓе со напредни идеи кои велеле дека таа, црквата, може и мора да биде подобра. Така се случила Реформацијата.

Текстот застрани малку повеќе од планираното, затоа што, според насловот, требаше да се задржи на првите неколку века, но еве, стигнавме до фамозниот реформаторски 16 век. Сега повторно ретерираме назад, и се упатуваме повторно на Истокот, но не на Блискиот, туку на европскиот Исток и случувањата со христијанството на овие простори. Останете вклучени 😉

Лебот и виното се елементите за неделивата природа на Исус, кој е и човек и Бог. При литургијата со пеење се слави неговото царство, како и со низа симболи типични за православието старо 1500 години, каде иконите се длабоко почитувани. Откако во 410 година варварите го зазеале Рим, останало во функција само неговото источно царство, со седиште во Константинопол, новосоздадениот град врз основите на старото грчко пристаниште Византион. Константин сонувал тој да стане господар на моќна империја, но сонот го оствариле маж и жена два века подоцна. Императорот Јустинијан и императорката Теодора ја презеле власта во 518 година, и биле најнеобичниот пар што некогаш владеел на овие простори. Тој бил балкански селанец, а таа поранешна заводлива циркуска акробатка. Заедно тргнале повторно да го спојат Римското царство, но наместо тоа, создале нешто ново – Византсиката империја.

Кога Јустинијан прв пат стапнал во новата црква околу која ја градел својата моќ, наводно промрморел: „Соломон, конечно те надминав“. „Света Софија“ била и се’ уште е навистина велелепно издание. Таму редовно се одржувало крунисувањето, со императорот и патријархот во главните улоги на драмата. Во убавината на црквата предничи огромната купола, која е всушност рајот на небесата, претворен во човечка архитектура. Тоа е основната разлика меѓу западното и источното христијанство: на запад велат дека првобитниот грев го раздвоил Бога од човекот, додека на истокот се верува дека тоа може да се надмине и тие да се обединат.

Мистичната потреба невидливото да биде видливо најдобро е претставена во византиското сликарство. Старите Грци своите Богови ги прикажувале во човечки облик, но за Евреите тоа било недозволиво, бидејќи се држеле до втората божја заповед: „Не почитувај никакви идоли…“. Затоа се јавиле недоумици кому да веруваат христијаните: на старите Грци или на Евреите? Западната црква била вознемирена во однос на ова прашање, но источната направила одлична работа со сликите на рамна дрвена површина, иконите, кои ќе станат нејзино обележје. Таа не е само уметничко дело, туку тројна средба меѓу уметникот, верникот и Бог. Ете го повторно светото тројство во игра 😉

На Синајскиот полуостров во денешен Египет е сместен најстариот христијански манастир на светот, „Света Катерина“. Тој ги чува најстарите икони на светот. Зборот „икона“ доаѓа од грчкиот збор и значи „лик, лице, личност“. Иконите го повикуваат верникот да застане пред нив како пред вистински личности. Секоја икона е покана за искачување по скалилата кон рајот. Тие се фокусот на православието и го покриваат олтарот во црквата наречен „иконостас“. Денес историјата на православието не може да се замисли без икони. Но, не било отсекогаш така.

Имено, уште во 7 век императорите сакале да се откачат од иконите кои станале многубројни. Смешно, но тие се сомневале дали Бог е на нивна страна. зашто муслиманите ги заземале Антиохија, Дамаск и Ерусалим, на два пати дошле и до ѕидините на Константинопол, па затоа христијаните размислувале за нивната религија која не им дозволува слики од светци во нивните храмови. Дали тоа е она што им дава освојувачка моќ? Логиката велела дека мора да се уништат иконите за Бог да биде на нивна страна, и затоа императорот Лав трети наредил да се отстранат сите икони од црквите ширум Византија. Но по бунтовите на верниците, тие биле вратени во црквите. Императорката Теодора во 843 година била таа која ставила крај на иконоклазмот. Тоа докажало дека христијанството не е само религија на моќниците, туку и на обичниот народ. Последниот зачуван доказ за овој мрачен период е црквата на „Светиот мир“, или „Света Ирина“ во Истанбул, каде нема ниту една икона, туку само еден голем црн крст на апсидата над олтарот. Црквата денес служи како концертна сала.

Во меѓувреме, додека на истокот се справувале со иконоклазмот, на запад Карло велики ги обединил Франција, Германија и Италија во новото „Латинско царство“. Тој праќал мисионери да ги покатоличи христијаните кои живееле помеѓу неговата империја и Византија. Но тука во игра влегуваат светите браќа Кирил и Методиј, кои извојувале победа над Карловите мисионери во Велика Моравија. Прашањето било кој јазик ќе го користат Словените: грчкиот или латинскиот, а браќата одважно одговориле – ниту еден од нив. Словенските јазици не биле запишани, но браќата имале решение и за тоа – сосема нова азбука која го претставувала гласот на Словените. Сепак, таа била тешка за широка употреба, па по повторното прилагодување од страна на свети Климент, азбуката е наречена „кирилица“ во чест на неговиот учител. Така во вода паднала сликата дека православието е конзервативно и непроменливо, бидејќи со овој креативен и иновативен чин Словените добиле јазик кој го употребувале на улица, на пазар, и воопшто, во секојдневниот живот.

Разликата меѓу западната и источната црква се продлабочувала, а кулминацијата настапила околу еден единствен латински збор, „филиокве“, што значи „и синот“. На Никејскиот собор било одлучено дека Светиот дух потекнува од „Таткото“, но Карло велики го додал „и синот“, што станало извор на вековни тензии. Раздорот се случил во црквата на „Пресветата мудрост“ во Константинопол во 1054 година. За време на богослужбата, делегација пратена од римскиот папа се пробила до олтарот со документ за исклучување на патријархот. За возврат, тој го исклучил папата. Настанот е познат како „Големиот раскол“, кога се разделуваат источната православна црква и западната католичка црква.

Поделбата и илјада години потоа се’ уште постои. Денес источната православна црква е распослана на Балканот и во Русија, со околу 150 милиони верници ширум светот. Таа стоела на патот на експанзијата на исламот, но претрпела предавства од крстоносците. По нападот и ограбувањето на Константинопол во 1204 година, завршиле сите напори за помирување на двете страни. Византија почнала да слабее, и конечно била срушена со освојувањето на градот од страна Османлиите во 1453 година. Оттогаш православните христијани во следните пет века ќе бидат граѓани од втор ред.

Но православието, по моравската мисија на Кирил и Методиј, се шири и на северот меѓу малите и одвоени заедници кон Киев, Арктикот и далечниот север. Биле изградени стотина манастири на територијата на Русија кои го вкорениле православието меѓу народот. Но руските владетели со векови ја користеле верата за ширење на територијата и владеење на нивното право. Во 1472 година Иван трети се оженил со ќерката на византискиот император и се прогласил за наследник на Римското царство, користејќи ја титулата „цар“, која доаѓа од римскиот „цезар“.

Најпознатата црква на Црвениот плоштад, „Свети Василиј“, била изградена во 16 век. Оваа црква за православието ја има истата улога на Света Софија во Константинопол, а ја изградил најсуровиот владетел во историјата, Иван Грозни. Тој сметал дека Бог го направил император, и секој што ќе му се спротиставел, бил еретик и завршувал со смрт. Интересно, тој кажувал какви светци на иконите да се цртаат, а дури и им забранил на мажите да ги бричат брадите, зашто Исус носел брада. Иван Грозни убил милиони луѓе, нешто слично како во 20 век и гулазите на Сталин, кога православието во советскиот комунизам поминало низ големи искушенија и му се заканувало исчезнување.

Слично било и во 17 и 18 век. Имено, Петар велики во православието гледал добра алатка за владеење со империјата, и со негов указ, од 1689 година па во следните два века, руската црква немала патријарх, туку ја воделе државни бирократи. Со тоа јасно се дал одговор на вечното прашање кое дури ниту Византија претходно го немала решено: „Kој е божји пратеник на земјата, царот или патријархот?“, потенцира г-нот МекКалох во неговата фантастична книга, давајќи решенија на многу загатки.

И на крајот, простор за историјата на христијанството во Македонија во првите векови од неговото постоење. Тетка „Вики“ вели дека прв кој го проповедал евангелието во Македонија бил апостол Павле, каде во тоа време биле основани и првите христијански заедници и цркви. По прифаќањето на христијанството, апостол Павле станал првиот проповедник на новото месијанско учење при своите мисионерски патувања. Апостол Павле, за време на својата дејност, спровел повеќе мисионерски и благовеснички патувања, во текот на кои проповедал меѓу еврејското и паганското население. Апостол Павле во Македонија бил четири пати. При второто мисионерско патување, во 50 или 51 година, ги формирал црквите во Филипи, Солун и Берија. Според Новиот завет, првиот жител на Македонија кој го прифатил христијанството е Света Лидија Македонка.

На почетокот од 6 век црквата во Македонија веќе била силно утврдена и во тој период, во селото Тауресиум (денешен Таор), покрај Скопје се родил римскиот цар Јустинијан I (527-565), кој го создал Римското право и кој дал значен придонес во литургиската и архитектонската христијанска наука. Општо е познато дека Јустинијан I врз основа на своето лично подвижничко искуство интензивно работел на литургиски и теолошки текстови и дека за негово време е подигната и изградена можеби најубавата и најголемата христијанска црква во православието – Света Софија во Цариград. Во тоа време, скопскиот митрополит Кателијан бил издигнат на ниво на автокефален Архиепископ, и тој бил првиот Архиепископ на Архиепископијата Јустинијана Прима.

Во 800 година Западна Европа била речиси целосно христијанизирана. На почетокот на 9 век веќе била подготвена солидна основа за поширока и поорганизирана мисионерска активност во Македонија. Во тоа време Византиското царство доживува нов расцут на културен план, па овој бран ги заплиснува и градовите што биле оддалечени од Цариград, особено Солун. Во првите децении на 9 век таму живеело и семејството на високиот службеник на царската власт, помошник на византискиот стратег на Солун и солунската област, Лав со својата сопруга Марија. Тие имале повеќе деца, но се спомнуваат само имињата на најстариот – Методиј, и на најмалиот – Константин.

Браќата биле испратени во мисија кај Сарацените (Арапите) во Багдад, која како и Хазарската и Моравската мисија претставувале дел од политичката програма на Византија, чија основна цел е да ги христијанизираат Сарацените, Хазарите, Моравските Словени, Бугарите, Русите и другите народи на исток и север од Византија и да им ја наметнат византиската црковна власт. Кога хазарскиот цар Каган побарал од византискиот цар Михаил проповедници, тогаш биле повикани двајцата браќа . По ова се случила поширока христијанизација на овие простори. Потоа следела Моравската мисија на повик на царот Ротислав. По крајот на оваа мисија, на повик од римскиот папа, браќата заминале во Рим, каде Свети Кирил починал, а Свети Методиј се вратил во Македонија.

Мисионерската, учителска и просветителска дејност на Свети Кирил и Методиј била наследена од страна на нивните ученици Климент и Наум Охридски. Дејноста на Климент била поврзана со христијанизирањето на паганското население, како и со основањето и организирањето на првата епископија во Охрид, во областа Кутмичевица. Тој е првиот македонски епископ во новоформираната Дремвицко-величка епархија. Климент македонскиот етнички простор го поделил на 12 околии, каде службен јазик и писмо бил словенскиот, а црковниот клир бил ослободен од плаќање даноци на Бугарија.

Најстарата средновековна македонска книжевна школа, Охридската книжевна школа, била формирана во 886 година од страна на самиот Климент, а од 893 година му се придружил и Наум Охридски. Во најстарите зачувани ракописи се вбројуваат глаголските ракописи како: Асеманово евангелие, Синајски псалтир, Синајски еухологиј. Од понов период се ракописите со кирилско писмо како што се: Добромирово евангелие, Битолски триод, Охридски апостол, Болоњски псалтир. По Св. Климент, имало уште 3 генерации словенски епископи, кои ја продолжиле својата света мисија на оваа територија, описменувањето. Мисијата, за жал, се’ уште не е комплетирана и си трае, и трае, и трае… Читајте, луѓе, не се зезајте 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *