Трилер што ќе ве залепи за платното

Во ситуација кога домашните кино сали (оние неколку што останаа) мораат да преживеат водејќи едноставна политика која гласи „проекција единствено на исплатливи блокбастери“, прекрасен момент е кога изморениот гледач на репертоарот ќе наиде на филм кој не припаѓа во тој фолдер. Оваа констатација особено добива на значење во случајот со „Немир“, наслов за кој дури и добар филмофил не поседува речиси никакви информации. На крајот, на радост на тие неколку десетици кино-посетители што ќе го видат филмот, ќе излезе дека вредело да се одвои малку повеќе од еден ипол час, бидејќи овој норвешки филм е изненадувачки добар полициски трилер, со оглед на тоа што не сме навикнати од Скандинавскиот полуостров да гледаме филмови токму од овој жанр.

Филмот „Немир„ исто така е уште еден доказ дека поголемиот дел од филмовите кои ги поддржува европската филмска агенција „Еуроимаж“ се вистински погодок. Станува збор за деби остварување на талентираниот режисер Стефан Фалдбакен, кој во манир на искусен филмаџија знае што сака да постигне, мудро и суптилно навлекувајќи ве на приказната, лепејќи ве за филмското платно од почеток до крај.

Невообичаено за дебитантски филм, но перформансите на актерите се беспрекорни, на чело со Николај Клев Брох, кој уверливо го игра полицаецот ХП, чии опасни потези постојано го носат на работ од смртта, растргнат од една страна од болниот однос со мајката-алкохоличарка и, од друга страна, желбата за успех во акцијата против дилерите со дрога на улиците на Осло, влегувајќи притоа и во емотивна врска со една од протагонистките во таа „игра“. Токму затоа, иако често пати домашните дистрибутери, менувајќи го значењето на насловот на филмот, знаат дебело да промашат, овој пат „Немир“ како опис на внатрешниот свет на ликовите е добар избор, за разлика од директниот превод на оригиналниот наслов „Uro“, кој претставува акроним за норвешката полиција за наркотици.

Како вистински претставник на новиот бран во европскиот филм, во кој тензијата постојано се одржува со експериментално снимени сцени со камера од рака, „Немир“ нема да смени ништо драстично во вашиот живот, но барем ќе ви го крене адреналинот на највисоко можно ниво. Вреди да му го дозволите тоа.

https://www.youtube.com/watch?v=0ejLIS4PKVI

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 18 септември 2007 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *