Винилно реиздание на албумот „Као какао“ од Леб и сол

На средината од минатиот месец излезе долго најавуваното винилно реиздание на „Као какао“ од Леб и сол. Така, со мало задоцнување (ова е сепак Балкан, и покрај тоа што Хрватска неодамна влезе во Шенген зоната), беше одбележан јубилејот „35 години“ од објавувањето на култниот албум на најпознатиот скопски и македонски бенд. Изданието содржи прекрасен буклет со два квалитетни текста во однос на значењето на овој албум за некогашната музичка сцена на овие простори, а ремастериран е од оригиналните магнетофонски ленти од страна на Мајлс Шауел во легендарното „Abbey road“ студио во Лондон. Ова е воедно и првиот носач на звук во било кој формат од Леб и сол во мојата скромна домашна музичка колекција, и почувствував потреба текстуално да го одбележам овој свечен момент.

Надвор почнува да врне дожд надополнет и со првите снегулки оваа зима. Баш го избрав времето за купување на плоча! После работа со велосипедот вртам кон „Беверли хилс“ и замислувам колку би било убаво ова да е вистинскиот „Беверли хилс“ во Калифорнија, каде во моментов сигурно владее многу попријатна клима од оваа, скопскава. Сепак, веќе не можев да го одложувам моментот, бидејќи се плашев дека примероците од албумот во скопската музичка продавница која набавила примероци од „Кроација рекордс“ би можеле да се распродадат. За среќа, не беше така, набрзина го испазарив злато вредното парче винил, и се упатувам кон дома. Одеднаш небото се отвора, синилото надвладува над сивилото, се појавуваат и сончеви зраци, и останува сето тоа да се надополни и прослави со добар звук. Стигнувам дома, со ножето правам отвор засечувајќи го целофанот кој ја штити обвивката на плочата, го вадам црниот винил, ја ставам иглата врз него, и шоуто започнува. Временска машина!

Во предворјето на моите тинејџерски години, музиката на Леб и сол никако не ми влегуваше во увце.  Нивното инструментално „премузицирање“ ми беше премногу авангардно и недофатливо. Имав потреба од текст за кој ќе се „фатам“. Затоа првиот албум од нив кој вистински ме тресна и по кој најубаво ги паметам нашиве дечки дефинитивно е „Као какао“. Ова е дотогаш и нивниот единствен албум на кој нема инструментал. Сите теми содржат и соодветни текстови, меѓу кои повеќето се антологиски и незаборавни. Затоа и возбудата околу поседувањето на реизданието на албумот е голема.

1987 година беше „уморна“ година. Поранешната заедница го живееше својот декадентен период во кој сите опции беа можни и отворени. „Новиот бран“ одамна го достигна својот зенит, речиси сите веќе ги издадоа своите „клучни“ албуми, и во таква ситуација Ју-сцената се обидуваше повторно да го најде својот автентичен израз. Македонската музичка сцена, пак, конечно покажуваше елементи на самосвест. Додека траеше потрагата по себеси, најчесто се играше на сигурна карта: издавање на меинстрим материјал кој треба да и’ се додвори на публиката, односно, да го продолжи и надгради веќе воспоставениот однос со неа. На таа жица левитираа и Леб и сол, кои веќе една декада беа етаблирано име на југословенската музичка сцена. Набргу по соработката во „Бушава абука“ со Унковски и Стефановски, инспирирани од можностите на новото, М-2 студио во Радио Телевизија Скопје (во кое претходно снимаа и Бело дугме) и надополнети со нови сили (Кирил Џајковски, Гоце Мицанов…), тие го снимија, според мене, нивниот најдобар студиски албум.

„Као какао“ е врвното поп-арт дело на Леб и сол во секој поглед. Почнувајќи од сликата на Пол Гоген насловена „Та матете“ (1892), преку совршената продукција на сите песни (Брацо Зафировски + бендот), па се’ до модерноста која истите тие теми ја оддаваа во тој момент. Но не само тогаш. Песните го преживеаја тестот на времето и звучат модерно и ден-денес. Метафората со какаото е бонус момент.     

Овој албум од 1987 година на некој начин е антиципација на времињата кои ќе дојдат и кои знаеме како неславно ќе завршат. Во „Мамурни људи“ Влатко пее дека „не ги следи весниците бидејќи однапред знае дека вестите не мирисаат на добро“. Две години подоцна Милан со ЕКВ само ќе се надоврзе на таа судбинска интуиција во темата „Само пар година за нас“ од истоимениот албум. Саксот на Гоце е интензивен, а рефренот моќен. Влатко докажува дека и тој може да напише квалитетен текст, а не само брат му Горан.

Следи насловната тема на албумот, уште една антиципација, но на овие, денешни времиња во кои живуркаме. Денес се’ е „као“, не само какаото. Ние сме „као“ човечка цивилизација, но онаа која без кочници оди кон пропаст.

„Све је – мутноооооо“…

https://www.youtube.com/watch?v=Q4rd6qEzAp8

А-страната ј заокружуваат две антологиски теми. Потпишана од легендарниот Арсен Дедиќ, а надополнета со пратечките вокали на откачената Беби Дол, „Femme fatale“ е една од најурбаните теми на Леб и сол во кариерата. Тоа многу добро го почувствува и режисерот Даријан Пејовски, кој во првенецот „Три дена во септември“ сними антологиска сцена токму на звуците од оваа тема, во која ликовите на Ирена Ристиќ и Камка Тоциновски ја доживуваат својата еротска катарза.

За „Чувам ноќ од будних“ може да се пишува само низ терминологијата која ги содржи поимите „антологија“ и „поезија“ во вистинската смисла на нивното значење. „Правих се речи увек касно сетим, одговор знам кад останем сам“. Често ми се случува, не знам на Вас!? Ова се вистиснките, точни зборови! Саксот на Гоце овој пат не е нервозен, туку крајно елегичен, а одговорот за тоа како се прави добра рок балада веројатно го знае Влатко „кога ќе остане сам“.

https://www.youtube.com/watch?v=5r0YInaGQPo

За жал, Б-страната е малку поинаква приказна. Првите три теми како да припаѓаат на некој друг албум, на некое друго созвучје. Сета поетика воспоставена на А-страната овде како да одлетала во некој друг правец. „Криза тридесетих“ е интересна текстуална „мозгалица“, која дваесет години подоцна Белграѓаните Дарквуд даб ја разбија со друга крилатица, дека всушност „животот почнува во триесеттата“. „Автопат“ и „Играј“ исто така ја немаат таа моќ да ми го задржат вниманието бидејќи ја враќаат во игра формата која Леб и сол на А-страната докажаа дека веќе ја надминале. Чуму сето тоа? Но, за среќа, тогаш доаѓа резот за триумфално заокружување на ова незаборавно музичко дело.

Леб и сол со „Скопје“ ја создаваат најубавата посвета на родниот град. Ако Прљаво казалиште многу години пред тоа му оддадода почест на родниот Загреб, овој пат Леб и сол преку текстот на Горан Стефановски го зацементираа љубовниот однос со градот кој по катастрофалниот земјотрес изникна како феникс од пепелта, и се претвори во модерен и отворен град за сите. Мулти-култи моментот одлично го потенцира и Столе Попов режирајќи го популарнот спот за истоимената тема, која дефитивно беше ултимативен хит во таа 1987 година, но и во годините (и децениите) потоа.

Звучно продолжувајќи ја сликата во следната, последна тема на албумот, ирските гајди на Рони Ватен го најавуваат прочистувањето низ мислата: „Ако згрешивме со албумот – простете, ако не – уживајте!“ Така, чекајќи го дождот да залее и небото да се смилува, Леб и сол го создадоа нивниот најкомпактен албум, кој и ден-денес се слуша со задоволство. Браво за „Кроација рекордс“, која по резидавањето на неколку култни албуми од „Новиот југословенски бран“, продолжува да не’ потсетува на времињата кога се создавала квалитетна музика, и уште поважно, се живеело со и за неа.

Како бонус на крајот од овој осврт, повелете интервју со Влатко Стефановски кое мојата маленкост имаше можност да го направи во Радио Равел во сега веќе далечната 2008 година. Онака, рилакс, за омилените музичари, гитари, и други убави поенти 😉

One thought on “Винилно реиздание на албумот „Као какао“ од Леб и сол

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *