Удри ме со панк-ритам!

Пионерот на панкот, Јан Дјури, можеби и не е оригиналниот кум на фразата „Секс, дрога и рокенрол“, но музичката тема со ист наслов од 1977 година ги освои музичките топ-листи, така одомаќинувајќи го овој израз во секојдневието. Тоа е всушност и насловот на новиот биографски документарец за британскиот музичар, режиран од Мат Вајткрос.

Животот на иконата Јан Дјури сам по себе е неверојатен. Имате човек кој беше дел од потентната островска панк-рок сцена во 70-те, кој подоцна неправедно беше заборавен, бидејќи не беше рокенрол-ѕвезда во таа смисла на зборот. Исто така, музичарот страдаше од болеста Полио, но беше и десет години постар за да биде ѕвезда. На крајот од краиштата, немаше добар глас и не можеше добро да пее, но на крајот сепак, успеа. Според многумина, тој е вистинскиот „татко на панкот“, кој инспирираше многу генерации потоа.

Во овој исклучителен игран документарен филм, улогата на Јан Дјури му е доделена на актерот Енди Серкис, кој порасна со неговата музика. Серкис изјави дека животот на музичарот е една несекојдневна приказна и дека е почестен што ја толкува главната ролја во филмот за рокерот кој го излуде светот со темата „Hit me with your rhytm stick“.

„Филмот ги поседува сите три елементи содржани во самиот наслов. Тоа е еден вид универзална приказна на работ од нештата. Таа е забавна, но и вознемирувачка, а најдобро од се’ e тоа што цело време ја слушате музиката на Јан Дјури, што е феноменално“, вели Серкис во едно интервју, не криејќи го сопственото задоволство.

Иако станува збор за животот и музиката на Јан Дјури, сепак, во филмот го слушате гласот на Енди Серкис. Тој самиот ги изведува песните на култниот британски панкер кој почина во 2000 година, што од овој филм прави несекојдневно филмско доживување. Топла препорака да го погледнете, особено за фановите на британскиот саунд во 70-те години на минатиот век.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 27 јули 2010 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *