За мутантите како чувари на цивилизацијата

Уште од своето прво појавување во трафиките, стриповите претставуваат алегорија на реалниот живот. Во почетокот луѓето се срамеле да кажат дека читаат стрипови, но во последниве декади, откако некои познати интелектуални имиња ги прогласија за легитимна литерарна форма, одеднаш тие станаа „ин“. А стана „ин“ и да се снимаат филмови според нив, бидејќи и двата медиума имаат безброј допирни точки.

Институцијата Марвел-комикс, која со години е неприкосновена на американскиот и светскиот стрип-пазар, откако дојде до смена на генерациите реши своите херои да им ги „позајми“ на големите филмски студија. И не згреши. Спајдермен, Блејд, Дердевил, Икс-Мен… одлично заработија на кино-благајните, со што гордо го добија статусот на блокбастери, иако нивната првична приказна почнува далеку во минатото, на мрсните прелистувани страници на магазините. „Икс-Мен“ серијалот, кој очигледно по актуелната „двојка“ ќе го продолжи и понатаму својот пат, според многумина е една од подобрите стрип-адаптации на сребрениот екран.

Марвеловата култна сага за мутантите и нивната епска борба за место на Земјата почнува со оф-глас, кој констатира дека делењето на светот со некого, никогаш не било приоритет на човечката раса. Токму врз оваа идеја, која намирисува на актуелната агенда за граѓанските човекови права, се заснова целата филмска приказна. Веднаш потоа следи фантастичната воведна сцена на нападот врз претседателот, токму во моментот кога тој се подготвува да и’ соопшти на нацијата дека луѓето и мутантите треба да живеат во заедништво. Ова е сосема нов момент во продолжението, кој во фокус го става полковникот Џек Страјкер, кој сака да ги уништи сите мутанти, напаѓајќи го Училиштето за развој на посебно надарените на професорот Ксавиер (Патрик Стјуарт). Ликот на Страјкер е вистински погодок на сценаристите на серијалот, бидејќи со него покажуваат дека моќта на политиката на државата секогаш ја уриваат луѓето што се нејзин составен дел, односно, луѓето однатре. Ова ги принудува трагичните стари пријатели, проф. Ксавиер и Магнето (Јан МекКелен), како и Вулверин (Хју Џекмен) да бидат на иста страна.

Располагајќи со поголем буџет и растоварен од објаснувањето на митологијата, која веќе беше разголена во првиот дел, режисерот Брајан Сингер („Вообичаено осомничени“) се концентрира на акционите и карактерните моменти во приказната, со почит кон старите фанови на стрипот на Крис Клермон, суптилно користејќи ги новите филмски технологии за постигнување на максимален ефект кај гледачот. Неговата креативна сила посебно е видлива во сцените во кои е потребно користење на автентичен филмски јазик, како халуцинантните патувања во Сирибро на Ксавиер, или пак бегството на Магнети од затворот, претворајќи го железото од крвта на чуварот во сребрени куршуми. Но, Сингер требало уште на почетокот да одлучи дали ќе не’ убедува дека генетичките мутации може да ни користат поради супер-моќите, или пак ќе ни ја „продава“ приказната за (не)еднаквоста на „нормалните“ и „посебно надарените“.

Нова мутант-фаца е Курт Вагнер (Алан Каминг), чии телепортерски моќи и камиказе-способности, и покрај кревкиот карактер, го освежуваат второто продолжение. Интеракцијата меѓу младите членови Ајсмен, Пајро и Рог е пријатна и гледлива, Сторм (Хали Бери), Џин (Фемке Јансен) Мистик (Ребека Ромин-Стејмос) и Киклоп (Џејмс Марзден) само ги повторуваат креациите од првиот дел, а Стјуарт, МекКелен и Џекмен со своите докажани актерски способности и во овој дел се носители на поголемиот дел од дејството.

„Икс-2“, иако тоа ретко се случува, е подобар и повозбудлив филм од својот претходник и не ја навредува вашата интелигенција. Или, да се послужиме со Лукасовата терминологија, „Икс-2“ за Сингер претставува „Империјата го возвраќа ударот“. Мудрите продуценти го пласираа овој филм далеку пред почетокот на летното лудило, насетувајќи дека во тој период ќе доминира второто продолжение на „Матрикс“, кој направи длабоки поместувања во жанрот во последниве години.

@Текстот е објавен во „Дневник“ на 27 мај 2003 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *